Ароматично греано вино (Glühwein)

24.12.2020

Состојки

  • 750мл - 1л. црвено вино
  • 1 портокал исечен на кругови
  • 2 стапчиња цимет
  • 4 звезди анасон
  • 6 каранфилчиња
  • 2 лажици шеќер
  • 2 лажици мед

Подготовка

Сите состојки ставете ги во тенџере. Се згрева на средна температура до врело ( !во никој случај да зоврие! ) и притоа се меша за да се стопат шеќерот и медот. Тргнете на страна и поклопете со капак. Се остава така да отстои 2 часа за да се спојат аромите. Вратете повторно на оган да се загрее виното (не да врие) и потоа послужете во чаши.

 

На здравје!

 


Лумумба

16.02.2020

Напиток кој на многумина им е познат од германските Божиќни панаѓури. Името можеби звучи како волшебна напивка, ама пак на некој начин, навистина е така :). Кога се во прашање студени нозе и раце, или суво грло, ништо друго не помага подобро од овој пијалок . Јас го нарекувам топло чоколадо за возрасни :)

 

Состојки

  • 400мл. млеко + 6 лажици млеко
  • 3 лажици какао
  • 7 лажички шеќер
  • 80мл. рум, амарето или бренди
  • шлаг пена
  • по желба мини машмелоус, чоколадни капки, рендано чоколадо

Подготовка

Млекото ставете го да се загрева. Во 6 лажици млеко ставете го шеќерот и какаото и измешајте убаво за да нема грутки. Ова смеса ставете ја во затопленото млеко и со повремено мешање оставете млекото да зоврие. Тргнете на страна и додадете го алкохолот. Сервирајте топло во чаши и одозгора ставете изматена шлаг пена. Украсете по желба.

 

Забелешка

За безалкохолна верзија, едноставно количината на алкохол заменете ја со млеко.

 


Зимски пунч од портокали

Состојки

  • 250мл. црн или зелен чај
  • 4 портокали
  • 4 лажици рум
  • 1/4 стапче ванила
  • 1 капсула кардамом
  • на врв нож цимет
  • по желба кандис или обичен шеќер

Подготовка

Портокалите исцедете ги. Сокот измешајте го со веќе подготвениот чај, додадете и румот. Семето од кардамом изгмечете го со толчник. Изгребете го средишниот дел од ванилата и додадете заедно со другите зачини во пунчот. Загрејте ја течноста до момент пред да започне со вриење и послужете врело со парче портокал. Засладете по желба.

 


Лимонада од манго и лимон

25.06.2018

Состојки

  • 1 манго
  • 6 лимони
  • 500мл. вода
  • 9 полни лажици шеќер
  • прстофат сол
  • по потреба газирана вода
  • по потреба кришки лимон
  • по желба листови од нане

Подготовка

Мангото излупете го и исечкајте го на мали парчиња. Лимоните исцедете ги и сокот тргнете го на страна.

Во едно тенџере ставете ја водата и шеќерот и ставете ги на највисока температура да зовријат. Намалете ја температурата на средна и оставете така да врие 15 минути. Додадете ја солта, мангото и сокот од лимон, исклучете ја ринглата и оставете така на топла рингла да отстои 10 минути. Измиксајте ја смесата со стапчест миксер. Исцедете преку ситеста цедилка и ставете го сокот во шише кое убаво ќе го затворите.

Оставете убаво да се излади па служете на следниов начин: во чаша ставете по желба коцки мраз, налејте до половина од чашата од манго-лимон сокот и дополнете со ладна газирана вода. Ставете кришки лимон и по желба ливчиња од нане. Прекрасна освежителна лимонада, посебно погодена за топли денови.

Од овие состојки излегува некаде околу 1л. сок или доволно за околу 6 чаши напиток.

 

 


Розато тоник

29.06.2018

Состојки

  • 50мл. Рамазоти Розато
  • 100мл. тоник
  • неколку коцки мраз
  • 2 парчиња лимета

Подготовка

Во чаша ставете ги коцките мраз, додадете го розатото и тоникот. Измешајте убаво, ставете ги парчињата лимета и уживајте во прекрасниот пијалок. Освежителен и вкусен, одлично освежување е во топлите денови.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 


Ликер од вишни

Состојки

  • 500гр. чистени вишни (без семки)
  • 300гр. кандис шеќер (шеќер во гранули)
  • околу 400мл. бел рум (или водка, бела ракија)

Подготовка

Вишните заедно со сокот кој ќе го испуштат при чистењето ставете ги во поголемо шише со широк отвор или поголема тегла. Врз нив ставете го шеќерот и налејте со румот. Затворете го убаво садот и оставете да отстои 6 недели. Повремено протресете го за шеќерот да се истопи.

После 6 недели, процедете го ликерот и ставете во шишиња. Вишните може да ги искористите за подготовка на десерти или како додаток на коктели.

 

Напомена

Вишните и не мора да ги чистите од семките. Едноставно избодете ги на неколку места ги со нож или вилушка и така ставајте ги во садот.

 

 

 

 

 

 

 

 

 


Розато Роса

Состојки

  • 50мл. Рамазоти Розато
  • 100мл. газиран сок од шумско овошје (пр. Schweppes Russian Wild Berry)
  • неколку коцки мраз
  • 1 полна лажица шумско овошје (може и замрзнато)
  • неколку ливчиња нане

Подготовка

Во чаша ставете ги коцките мраз, додадете го розатото и сокот од шумско овошје. Додадете го овошјето и измешајте убаво. На крај ставете ги ливчињата нане и уживајте во освежителниот пијалок.