Да се запознаеме....

Здраво мили мои :)

 

Јас сум Бетина. Вљубеник во добра храна и добра фотографија. Љубител сум и на патувања. Обожувам да патувам и запознавам нови места, нови луѓе, нивните традиции и храна. Мојот сувенир кој си го носам од секое патување е нов рецепт :). Вљубеник сум и во добра книга, сакам понекогаш да „забегам“ во други времиња и светови :). А најмногу си го сакам семејството. Тие ми се мотив, инспирација, поттик за сѐ што правам. Токму тие се „виновниците“ за овој блог :).

Не сум од секогаш вљубеник во кујната и готвењето. Мајка ми секогаш ме штедеше од домаќинските работи. Но кога се омажив, морав да се фатам за тавите и тенџерињата и да застанам пред шпорет :). И ете, на крај се случи она што за некои жени е мака, за мене да е вистинско задоволство.

Сакам да експериментирам во кујна, а ги сакам и нашите традиционални рецепти. Рецептите од нашите мајки и баби се секогаш најдобрите. Но, исто подготвувам и традиционални рецепти од други земји. Ова последново ми прави посебно задоволство. Подготвувањето на традиционални јадења од други народи за мене е како патување во таа земја.

Рецептите кои ќе ги најдете на мојов блог најчесто се едноставни и не одземаат многу време за подготовка.

Ви посакувам добра забава во разгледувањето и подготвувањето на рецептите.