Средства за дезинфекција

21.03.2020

Во основа, средството за дезинфекција не го заменува темелното миење на рацете, но може да обезбеди дополнителна заштита од бактерии и вируси.

Има разлика помеѓу средствата за дезинфекција што се користат на површини (како рачки на вратите, маси, итн.) и средства за дезинфекција на рацете.

Во продолжение се рецептите и подготовката на двете средства.

 

Средство за дезинфекција на површини

 

Состојки

  • 80% изопропанол (99,9% алкохол)
  • 20% зовриена и изладена вода
  • по потреба 1/2 лажиче растителен глицерин (опционално)

Подготовка

Водата ставете да зоврие и оставете да излади. Во шише со распрскувач додадете ги сите состојки, измешајте и толку. Готово е средството за дезинфекција на површини.

За појасно да биде, за да се добие средство за дезинфекција од 100мл. ќе ви треба 80мл. изопропанол и 20мл. зовриена и изладена вода.

Внимание!

При подготовка на средството внимавајте да не го вдишувате изопропанолот, може да предизвика поспаност и главоболки.

 

Средство за дезинфекција на раце

 

Состојки

  • 80% козметички алкохол - 96%-тен
  • 20% сок од алое вера
  • 5 капки етерично масло (на 100мл. течност)

Подготовка

Сите состојки се ставаат во шише со распрскувач и се мешаат. 

За појасно, за да се добие 100мл. средство за дезинфекција на раце, ќе ви треба 80мл. козметички алкохол и 20мл. сок од алое вера.

Козметичкиот алкохол содржи пантенол (и парфем) кој спречува иритација на кожата, а сокот од алое вера ја обезбедува вашата кожа со интезивна хидратација.

Од етерични масла би ви препорачала масло од лаванда, чајно дрво или еукалиптус. Овие масла се одлични против бактерии, габи и вируси.

 

 


Американски крем од путер

20.02.2020

Кремот е одличен за слатки декорации на торти, мафини и сл. Исто така е погоден како подлога за украсување на торти со фондан.

 

Состојки
  • 250гр. омекнат путер
  • 375гр. шеќер во прав
  • 1-2 лажички ванила арома
  • 1 лажица млеко

Подготовка

Ставете го путерот во длабок сад и матете го со миксер се додека да осветли и стане пенаст. Ова трае околу 15-20 минути. Додадете аромата и млекото, изматете да се спојат состојките и потоа постепено додавајте го шеќерот. Матете додека шеќерот се стопи и добиете убаво мазна смеса.


Свеќници - новогодишна и божиќна декорација

21.11.2019

Идеја за декорација за претстојните новогодишни и божиќни празници 😊 . Едноставни за подготовка, а особено ќе се радуваат вашите деца или внуци ако им дозволите да учествуваат во изработката.

 

Потребни ви се
  • стаклени тегли (на сликата се од ајвар :) ),
  • вештачки снег,
  • свеќички на батерии,
  • бел единг/маркер за исцртување на снегулките или мотиви по ваша желба, и
  • украсна памучна трака по ваш избор.
Сметам дека подготовката нема потреба да се објаснува, може да се види од самата фотографија. Но, сепак еве на кратко:
чистите и суви тегли се исцртуваат со белиот маркер, се остава добро да се исуши. Се става вештачкиот снег, па свеќичките, и на крај се декорира со украсна трака по ваш избор.

Сируп од жалфија - природен сируп против кашлица и болки во грлото

Природниот сируп од жалфија има смирувачко и антиинфламаторно дејство. Помага да се спречи настинката доколку го употребите при појава на првите симптоми на настинка. Ако веќе сте болни, го забрзува процесот на заздравување и помага во олеснување на симптомите како што се иритација и болки во грлото.

 

Состојки

  • 500гр. мед
  • 20 листови жалфија
  • 1 лимон, кора и сок (опционално)
  • 1 прачка цимет (опционално)

 

Подготовка

Медот ставете го во длабок сад. Додадете ги измиените и исушени листови жалфија, промешајте. По желба, додадете рендана кора и сок од 1 лимон и цимет. Ставете во тегла, затворете со капак и оставете да отстои 4-6 недели.

Потоа се цеди и се складира во тегла и се чува на темно место.

 

 

Напомена:

Сирупот не се препорачува за трудници и доилки како и за бебиња до 1 година.

 


Маст од тегавец

Состојки

  • 100мл. масло од тегавец
  • 10гр. ланолин
  • 5гр. пчелин восок
  • и уште ќе ви треба: 1 мало тенџере, 1 мала тегла за загревање на состојките, 2-3 теглички за складирање на маста.

Подготовка на масло од тегавец

Потребно ви е една рака листови од тегавец и 100-120мл. ладно цедено сончогледово или маслиново масло.

Тегавецот исечкајте го, ставете го во тегла и налејте го маслото. Ставете во тенџере со загреана вода и затоплете го до температура од 40 степени. На таа темература треба да отстои два часа (со повремено промешување), па се лади и се затвора теглата. Се остава да отстои два дена па се процедува. Вака подготвено се користи за подготовка на маста.

Друг начин за подготовка на маслото е следниов:

една рака листови од тегавец се сечкаат и се ставаат во тегла. Истолчете ги малку за да пуштат сок и налејте ги со масло колку да се покријат листовите. Се затвора теглата и се остава на светло место (не на директно сонце) да отстои 4-6 недели. Се прецедува и се складира во чисти шипенца или теглички.

 

Подготовка на маст од тегавец

Во тенџерето налејте вода околу 2-3см да го покрива дното и ставете на средна температура да се загрева.

Во тегличка ставете ги маслото, ланолинот и восокот рамномерно да се стопат. Налејте во тегличките и оставете потполно да се олади па затворете со капаци.

Ланолинот ја прави маста поубаво да се размачкува, но доколку не сакате или не можете да најдете да се купи, тогаш и не мора да го ставате. Во тој случај, количината на восок дуплирајте ја.

 

Се користи при убоди од инсекти, модринки, набиеници и мали рани како исеченици и сл.

 


Маст од невен

Кoму не му е познато? Разранети детски колена и  рани на рацете или лактите се честа појава во детските денови. Но, и болните исекотини и изгореници во кујната на кои им треба време за да се излекуваат. Добрата маст за рани и лекување и помага на кожата да се регенерира, одржувајќи ја еластична и спречува да се размножуваат бактериите. Во домашната кујна многу ефтино може да се направи прекрасен, природен крем за заздравување на раните . Маста од календула, исто така наречена маст од невен, помага при повреди на кожата, сува кожа и многу други заболувања.

Состојки

  • 20гр. масло од невен
  • 4гр. какао путер
  • 4гр. пчелин восок
  • и уште ќе ви треба: 1 мало тенџере, 2 мали тегли за загревање на состојките, 1-2 теглички за складирање на маста.

Подготовка

Во тенџерето налејте вода околу 2-3см да го покрива дното и ставете на средна температура да се загрева.

Во тегличка ставете ги какао путерот и восокот и ставете ја теглата во загреаната вода. Од време на време промешувајте за рамномерно да се стопат путерот и восокот. Откако се стопиле извадете ја теглата и ставете ја на страна малку да излади. Во друга тегла ставете го маслото од невен и него загрејте го до 30 степени во водената бања.

Маслото се додава постепено во смесата од путер и восок и за цело време се меша. Мешајте со лажичка додека да добиете смеса која наликува на маст (ова трае малку подолго). Кога смесата ја добила посакуваната конзистенција, налејте ја во тегличките за складирање на маста, оставете потполно да се излади па затворете со капаци.

Окако ќе ја отворите тегличката, маста искористете ја во рок од 1-3 месеци и складирајте ја во фрижидер.

 

 


Масло од невен

Состојки

  • суви ливчиња од цветот на невен
  • сончогледово ладно цедено масло (или маслиново масло)

 

Подготовка

Количината на цветови, односно ливчиња од цветот на невен, зависи од големината на теглата која ќе ја користите.

2/3 од теглата се полни со ливчиња од цветот на невен и се налева онолку со масло колку истите да бидат добро покриени со маслото. Затворете со капак и оставете да стои 6 недели на светло место.

Теглата протресувајте ја најмалку еднаш на ден.

После 6 недели, процедете го маслото преку крпа и складирајте во чисти и стерилизирани шишенца. Се чува на темно место.

 

Напомена:

Ладно цеденото сончогледово масло содржи многу линолеинска киселина и малку олеинска киселина. Оваа комбинација е посоодветна за чувствителна кожа, како и за кожа на бебиња и деца, а исто така дарува витамин Е.

 

Маслото можете да го подготвите и со свежи листови од цветот на невен, но пред да ги налеете со маслото, оставете ги на хартија или чиста крпа 1-2 дена да подовенат.

 


Балзам против настинки

Кашлање, болки во грлото и затнат нос? Балзамов можеби не може да ја излечи настинката, но може да помогне значително да ви ги олесни симптомите. Содржаните етерични масла испаруваат на кожата и го стимулираат движењето на цилиите во носната и бронхијалната слузница. Како резултат, слузот се транспортира полесно и повторно можете слободно да дишете. Скоро сите масти т.е. блазами за настинки достапни во малопродажба се базираат на минерални масла. Сè уште не е научно докажано, но веќе подолго време се сомнева дека овие отпадни производи од нафтена продукција навлегуваат во телото преку кожната бариера. Дефинитивно е докажано дека парафините и другите супстанции кои влегуваат во телото преку ингестија или отворени рани може да се акумулираат таму, да го оштетат генетскиот материјал и да предизвикаат карцином.

Наместо да купувате скапи балзами против настинки, еве рецепт како истиот да го подготвите дома од само неколку состојки.

 

Состојки

  • 50мл. масло по избор (маслиново, сончогледово...)
  • 5гр. пчелин восок (или 4гр. восок и 1гр. ланолин)
  • 6-8 капки етерично масло
  • и уште ќе ви треба: 1 мало тенџере, 1 огноотпорен стаклен сад - на пр. мала тегла од мармалад, 1 дрвено или керамичко лажиче, мала тегличка за складирање на балзамот.

Подготовка

 

Во рецептов користев ладно цедено маслиново масло. Вие можете по желба и можности да користите било какво, но мој предлог е маслото да биде ладно цедено. Во зависност од кое масло го користите, можеби ќе треба дополнително да додадете пчелин восок или масло.

Во тенџере ставете вода, околу 2-3см да го покрива дното. Ставете водата да се загрева на средна температура. Во стаклената тегла ставете го маслото и пчелиниот восок и ставете го во загреаната вода. За цело време мешајте додека восокот да се стопи. Јас 1гр од восокот го заменив со ланолин, тој му дава по кремаста структура на балзамот.

Откако се стопил восокот, извадете ја теглата од водата и направете проба за конзистенција на балзамот. Извадете малку во една тацна, оставете да се излади. Заради малата количина, смесата ќе е малку поцврста, отколку во финалниот производ. По потреба додадете восок или масло за да ја добиете посакуваната конзистенција.

Откако малку ќе се излади (направете проба на рака, смесата не треба да е жешка) ставете го етеричното масло (јас користев масло од манука и кајапут), измешајте и ставете ја смесата во тегличка. Оставете да се излади па затворете со капаче.

 

 

Листа на корисни етерични масла кои можат да помогнат при кашлица, течење на носот и болки во грлото:

 

  • Кајепут - аналгетик, антимикробен, антисептик, експекторанс
  • Еукалиптус - дезинфекција, антисептик, експекторанс на пр. за бронхитис
  • Кантарион - смирувачки, деконгестивен, антиифламаторен
  • Камилица - антиинфламаторно, поттикнува потење, антипиретично
  • Лаванда - антимикробен - подобна за деца
  • Манука - антибиотик, антивирусно, антиинфламаторно, антиалергично, при добивање на настинка, болки во грлото, кашлица, синуситис. Може да се комбинира со лаванда и чајно дрво
  • Пеперминт (ментол) - антимикробно и антивирусно, аналгетик - Не користете при камења во жолчка!
  • Чајно дрво - антибактериски, антифунгални и антивирусно

Напомена: Можете да комбинирате најмногу до три етерични масла

 

Етерични масла не смеат да се користат кај доенчиња, мали деца, трудници и оние кои имаат проблеми со дишните патишта! Апсолутен табу кај доенчиња се етеричните масла од пеперминт и еукалиптус како и камфор и мајчина душица.

 

За да се спречат несакани дејства, пред употреба, ви препорачувам советување со доктор.

 

 


Еколошки прашак за перење

Веќе подолго време се подготвувам да го направам и испробам прашаков. Прво од љубопитност а сега и со цел да го намалам отпадот од пластика.

Се мислев како најдобро, односно што ќе биде најдобро да исперам со прашаков за да видам дали има некаков ефект од него. Се решив тоа да бидат крпите за чистење, кај нас тие се нај нечисти :)) И, на мое изненадување, резултатот беше одличен. Флеките и валканиците беа отстранети. Супер! Следната проба ќе биде со нашата облека, и наместо омекнувач за алишта ќе ставам бел оцет со неколку капки етерично масло :)

 

 

Состојки

  • 70гр. природен домашен сапун
  • 30гр. сапун за отстранување дамки
  • 150гр. чиста сода
  • 150гр. сода бикарбона
  • 4-5 капки етерично масло по избор (опционално)
  • 100-150гр. лимонтус (за бели/светли алишта)

Подготовка

Двата вида на сапун се рендаат, се додаваат останатите состојки и смесата убаво се меша. Се чува во тегла. По желба, можете и сите состојки во мултипрактик да ги измиксате. Со додавање на лимонтусот, добивате прашак за перење за светли, односно бели алишта. Сапунот за отстранување на дамки и не мора да се стави, во тој случај се зголемува дозата на домашниот сапун до 100гр. Од прашакот се става 1-2 полни лажици во преградата за прашак од машината за перење. Етеричното масло се става во прашакот откако ќе ја ставите потребната доза во машината за перење.

 

На кратко околу домашниот сапун кој се користи во рецептов. Маста или маслото треба да е во целост сапонофицирана (100%). Ваквите сапуни се користат најчесто во домаќинството за чистење или перење на алишта бидејќи имаат силен одмастувачки ефект и не се наменети за нега на кожата бидејќи ја сушат истата. Најдобро да користите ваков сапун, во спротивно може да се направат бели дамки на испраните алишта од користење на несоодветен сапун.

 

Мало појаснување околу чиста сода и сода бикарбона. Многумина за сода бикарбона велат сода. Сепак има мала разлика помеѓу двете. Хемискиот назив за сода бикарбона е натриум хидроген карбонат, додека за (чиста) сода е натриум карбонат. Првата се користи меѓу другото и во кујна за готвење, додека намената на вторава (чиста сода) е за чистење, дезинфекција и сл.

Има и уште еден вид на сода, т.н. жива сода (натриум хидроксид) или каустична сода која во допир со кожата може да предизвика сериозни хемиски изгореници и се користи на пр. за производство на сапуни и средства за отпушување на цевки/одводи. Оваа последнава во никој случај не ја користете за подготовка на прашаков за перење!

 

Ви посакувам добра забава во експериментирањето со домашниот еколошки прашак за перење алишта :)

 


Еколошко средство за чистење прозори

Куповните средства за чистење на прозори обично не се ниту неопходни ниту здрави. Често готовите производи се скапи и содржат несакани, па дури и сомнителни состојки/супстанции кои лесно се вдишуваат кога се прскаат.

Доколку си направите сами средство за чистење на прозори од неколку состојки кои најчесто ги имате дома, не само што може да избегнете опасности по здравјето, туку да избегнете отпад од пластични опаковки а исто така и да заштедите пари.

За отприлика 500мл. средство за чистење на прозори, потребни ви се следниве состојки:

  • 250мл. шпиритус
  • 250мл. ладна вода
  • 3 лажички јаболков оцет

Сите состојки ставете ги во едно шише со прскалка. Лесно промешајте и веќе готово ви е средството за чистење на прозори.