Сирење под капак

13.03.2021

Состојки за 2 порции

  • 200гр. сирење
  • 1 поголем домат
  • 1 зелена пиперка
  • 2 јајца
  • 2 лажички путер
  • по желба магдонос, сол, буковец, црвен пипер

Подготовка

Вклучете ја рерната да се загрева на 170 степени. Земјените садови (зафатнина од ца. 500мл.) премачкајте ги од внатре со путер. Доматот исечете го на тенки кругови, пиперката на коцки или кругови, сирењето издробете го или исечете ги на парчиња.

На дното од земјените садови ставете еден ред од домати, врз нив ред сирење па следува пиперката. Повторете ја постапката уште еднаш. Одозгора скршете по едно јајце, насолете, затворете со капак и ставете да се пече 20-25 минути. Тргнете капакот и оставете уште 5-10 минути да се допече. Одозгора наросете со сечкан магдонос, по желба ставете буковец, црвен пипер....

 


Полнети ролати од јунешко месо (Rinderrouladen)

25.12.2020

Класично, традиционално јадење од германската кујна - полнето роловано јунешко или телешко месо во превкусен сос. Секој дом си има свој рецепт за нивна подготовка, но состојките како сенф и кромид се среќаваат во секој од нив. Како прилог кон нив се служат варени компири или пире од компири. За нивна подготовка ќе ви треба малку подолго време, но верувајте секоја минута вложена во подготовката вреди....вкусот е предобар!

 

 

 

 

Состојки

  • 5 јунешки шницли (од бут, тенко исечени и исчукани со чук)
  • сол, бибер
  • 10 лажички сенф
  • 10 тенки ленти сланина
  • 4+1 главица кромид (средна големина)
  • 3 кисели краставички
  • 3 - 4 лажици брашно
  • 3 прачки целер
  • 3 - 4 моркови
  • 1 корен од магдонос
  • 3 лажички доматно пире
  • 1 лажичка шеќер
  • 2 листа ловор
  • 200-250мл. црвено вино
  • 400мл. говедски бујон

Подготовка

Целерот, морковите, коренот од магдонос и четирите главици кромид исечкајте ги на крупно. Тргнете на страна.

Киселите краставички исечете ги по должина на стапчиња (секоја краставичка на четири стапчиња). Главицата кромид исечете ја на тенки полумесечинки.

Шницлите посолете ги и набиберете ги од двете страни. Од едната страна премачкајте ги со по 2 лажички сенф, ставете по две ленти сланина, наредете по должина од тенко сечканиот кромид (на полумесечинки) и на крајот од шницлата ставете по две стапчиња кисели краставички. Преклопете ги страните на шницлата на внатре (како сарма кога виткате) и заролајте во ролат. Вака подготвените ролати заврзете ги како пакетчиња со кујнски конец. Секој ролат извалкајте го во брашно од сите страни, вишокот брашно истресете го.

Во пекач со капак или некоја подлабока тава со капак, ставете зејтин да се загрева на не многу висока температура. Ставете ги ролатите да се запржат од сите страни, при тоа внимавајте да не загори брашното кое ќе остане на дното од пекачот. Извадете ги пржените ролати и тргнете на страна.

Во зејтинот во кој се пржеа, ставете го сечканиот зеленчук да се пржи. Кога малку ќе омекне, додадете го доматното пире и шеќерот и тоа убаво да се запржи. Додадете ловоровиот лист и виното. Оставете така да се крчка некои 10 минути. Ќе видите дека брашното кое остана на дното од пекачот ќе се раствори и течноста почнува да се згуснува.

Ставете ги сега ролатите врз зеленчукот и налејте го бујонот. Ролатите треба скоро целосно да бидат во течноста. Доколку има потреба доставете вода. Оставете да зоврие, намалете ја температурата на средна и поклопете со капак, но не сосема, туку на половина да е покриен пекачот. Оставете така да крчка 2 часа. На половина време превртете ги ролатите од другата страна.

За сосот, останува на вас да одлучите дали зеленчукот ќе го испасирате и додадете во сосот. Јас го процедувам сосот низ цедалка, а зеленчукот не го додавам, и без него е веќе доволно густ и многу вкусен.

 

На здравје!

 


Ѓувеч 2 во 1

05.11.2019

За подготовка на рецептов ќе ви биде потребен пекач или тава за печење со капак.

 

Состојки

  • 700гр. свинско месо
  • 1 главица кромид
  • 1-2 чешниња лук
  • 5 компири
  • 2 моркови
  • 500гр. свежа зелка
  • 500мл. пасирани домати
  • 1 ловоров лист
  • на вкус, сол, бибер, зачини
Тесто
  • 400гр. брашно
  • 1 лажичка сол
  • 2 лажички шеќер
  • 250 - 300мл. млако млеко
  • 1 коцка свеж квасец или 2 пакетчиња сув квасец
Подготовка
Најпрово исечкајте го месото и зеленчукот. Во тенџере ставете зејтин да се загрева и додадете го месото. Пржете додека да зарумени па ставете го кромидот, морковот и лукот. Пржете додека да омекне кромидот, ставете ја сега зелката, пропржете кратко па налејте со пасираните домати. Додадете ловоровиот лист, зачинете на вкус и налејте со вода колку содржината да биде покриена. Поклопете со капак и оставете на тивко да се крчка. 
Подгответе го сега тестото. За него, измешајте ги сите состојки и замесете меко не лепливо тесто. Квасецот нема потреба претходно да стасува. Оставете тестото 30тина минути да стаса. Расукајте правоаголна кора која треба да биде потесна но, подолга. Премачкајте ја со путер и завиткајте ролат. Исечете 14-16 парчиња.
Содржината од тенџерето префрлете ја сега во пекачот, течност треба да има сега малку испод нивото на содржината. Наредете ги парчињата тесто одозгора, затворете со капак и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 40 минути. Капакот не го отворајте за време на печењето! После ова време и во зависност од рерната, може да го тргнете капакот, да ја зголемите температурата на 200 степени и да оставите 5 минути да запече тестото.
Одличен ручек! Пробајте... :)
 

Брза ловечка тава

26.10.2019

Состојки

  • 400-500гр. братвурст - бела варена колбасица (замена - домашни колбасици)
  • 2 главици кромид
  • 500гр. свежи шампињони
  • 150гр. крем сирење со зачински билки
  • 100мл. вода
  • 100гр. кисели краставички

Подготовка

Кромидот исечкајте го ситно, шампињоните исчистете ги и во зависност од големината исечете ги на половина. Киселите краставички исечкајте ги ситно. Колбасиците исечкајте ги покрупно и ставете да се пржат на загреано масло. Откако убаво се испржиле, ставете го кромидот и шампињоните. Пржете додека да испари течноста која ќе ја испуштат шампињоните. Сирењето измешајте го со водата и додадете во тавата, оставете да зоврие и на крај ставете ги краставичките. По желба набиберете и насолете.

Одлична комбинација е со шпецли или варени тестенини, пробајте.

 


Албондигас во сос од домати

Состојки

  • 500 гр. мешано мелено месо
  • 20 гр. пињоли
  • 2 чешниња лук
  • 1 јајце
  • 3 лажици презла
  • 2 лажици магдонос ситно сецкан
  • сол, бибер

За сосот

  • 3 главици кромид
  • 3 чешниња лук
  • 2 лажички мајчина душица
  • 2 ловоров лист
  • 1 лажиче шеќер
  • 1 конзерва цели домати
  • 1 лажиче инастант супа од зеленчук
  • сол, бибер
  • 1 чили (свежо или сушено)

Подготовка

За ќофтињата, ситно исецкајте ги пињолите. Во еден сад ставете го меленото месо, додадете ги останатите состојки и убаво измешајте. Формирајте ќофтиња со големина на орев и пржете во врел зејтин.

 

За сосот, исецкајте го кромидот и лукот. Во една тава, ставете малку маслиново масло и ставете кромидот и лукот на тивко да се динстаат. Кога ке омекнат, ставете ја мајчината душица и динстајте така уште 2 минути. Додадете го шеќерот, промешајте кратко и ставете ги доматите претходно крупно исечкани. Оставете да зоврие па потоа посолете и побиберете, додадете ја инстант супата и чилито. Оставете така сосот да се динста околу 20 минути или додека да згусне.

 

Послужете топло. Добар апетит!

 

 


Нази Горенг

Состојки

  • 250гр. ориз со долго зрно
  • 1л. вода
  • 1 лажичка сол
  • 500гр. пилешко месо
  • 1 лажичка кари
  • 1 главица кромид
  • 2 чешниња лук
  • 150гр. свежи шампињони
  • 2 моркови
  • 1 пиперка
  • 2 млади кромитчиња
  • 150гр. варен грашак
  • 3 лажици соја сос
  • по 1 лажичка ѓумбир во прав, кари, куркума, самбал оелек (замена - чили пиперка)
  • 1 лажица масло од сусам
Подготовка
Оризот ставете го да се вари на умерена температура во посолена вода. Варете во тенџере без капак додека оризот да ја впие цела вода. Тргнете на страна и оставете да се излади.
Месото исечкајте го на мали парчиња, посолете и ставете 1 лажиче кари. Убаво измешајте за месото да го впие зачинот. Ставете да се пржи на врел зејтин додека да зарумени од сите страни. Тргнете на страна.
Зеленчукот исечкајте го, и тоа: кромидот и лукот ситно, пиперката и морковите на тенки ленти, младиот кромид на прстени а шапмињоните на листови.
Во вок тава ставете една лажица масло од сусам да се загрева. Ставете го кромидот и лукот да се запржат. Откако ќе омекне кромидот, додадете ги шампињоните и пржете додека тие да омекнат. Додадете ги морковите, пиперката и младиот кромид. Пржете некои 2-3 минути колку пиперката малку да омекне па додадете го варениот грашак, промешајте. Ставете го сега оризот, и на крај прженото месо. Сето ова убаво промешајте го и пржете го некои 3 минути. На ред се зачините....ставете го соја сосот, карито, куркумата, ѓумбирот и самбал оелек (или чилито). Сé убаво промешајте, пржете уште една минута и готово. Јадењето ви е спремно.
Напомена
Самбал Оелек е паста подготвена од чили пиперчиња. Доколку немате од неа, заменете со чили пиперче, а може и да го изоставите доколку не сте љубители на пикантни јадења. 
Наместо масло од сусам може да користите и масло од кикирики, му дава на јадењето посебна арома.
На здравје!

Арамиска тава

Состојки

  • 250гр. кромид
  • 250гр. домашна колбасица
  • 250гр. сланина
  • 250гр. свинско месо
  • 250гр. јунешко месо
  • 500гр. пиперки
  • 400гр. домати (сечкани од конзерва)
  • 250мл. готов шашлик сос
  • 125мл. неутрална павлака за готвење

Подготовка

Кромидот исечете го на тенки полупрстени и заедно со сланината и сечканата домашна колбасица ставете го во пекач на малку загреан зејтин да се пржи додека да омекне. Додадете на коцки исечканото свинско и јунешко месо и кратко запржете. Ставете ги доматите, шашлик сосот и пиперките исечкани на покрупни коцки. На крај, додадете ја неутралната павлака, измешајте и поклопете со капак па ставете во загреана рерна на 180 степени да се пече 2 1/2 часа. Повремено промешувајте. 40тина минути пред крајот, тргнете го капакот и оставете така да се допече/довари.

Се служи во комбинација со варен ориз, тестенини, компири или со топол леб.

Напомена

Доколку не можете да најдете готов шашлик сос, зголемете ја количината на домати во рецептов, додадете уште една пиперка и зачинете со лук, орегано, малку кари, шеќер и ворчестер сос. 

 

На здравје!

 


Брза тава со ориз и мелено месо (One Pot)

Состојки

  • 3 пиперки бабури (две црвени и една жолта)
  • 350гр. јунешко мелено месо
  • 1 главица кромид
  • 1 чешне лук
  • 1 лажичка орегано
  • 1/2 лажичка мелен црвен пипер
  • сол, бибер на вкус
  • 400гр. пасирани домати (конзерва)
  • 125мл. зеленчукова бистра супа
  • 150мл. вода
  • 250гр. интегрален ориз (долго зрно) или бел ориз

 

Подготовка

Пиперките исечете ги покрупно на коцки и ставете ги да се пржат на врел зејтин. Се пржат кратко, колку малку да омекнат и се тргаат на страна.

Во истата тава ставете малку зејтин и ставете го меленото месо да се пржи. Штом ќе ја смени бојата, додадете го сечканиот кромид и лук и продолжете со пржење. Додадете го ореганото и црвениот пипер, насолете и набиберете на вкус. Ставете ги пасираните домати, супата и водата и оставете да зоврие. Додадете го оризот, намалете ја температурата на ниска, поклопете со капак и оставете така да се вари 15-20 минути во зависност од тоа каков ориз користите. По потреба додадете вода за оризот да се свари. Две минути пред крајот, ставете ги пиперките одозгора во тавата, поклопете, и продолжете со варење. Кога е готово, промешајте и послужете.

Се служи со додаток на густ јогурт или како во мојов случај, со домашно кисело млеко.

 

На здравје!

 


Пржени нудли со зеленчук (посно)

Состојки

  • 250гр. кинески нудли Mie-Noodles (замена-најтенки шпагети)
  • 2 чешниња лук
  • 1 парче свеж ѓумбир (околу 1 см.)
  • 150гр. шампињони
  • 2 моркови
  • 1 прачка праз
  • 1 врзоп млад кромид
  • 1 тегличка никулци од златен грав (или никулци од соја)
  • 1/2 лажичка чили во прав
  • 5 лажици соја сос
  • на вкус сол, бибер
  • 1-2 лажички масло до сусам
  • 2-3 лажици масло од кикирики
Подготовка
Ставете вода во едно тенџере да се вари и додадете сол. Откако ќе зоврие, ставете ги нудлите и тргнете го тенџерето на страна. Оставете така да отстојат 4 минути па потоа промешајте ги со вилушка за да се одлепат една од друга. Процедете и тргнете ги на страна.
Зеленчукот исечкајте го и тоа лукот ситно, шампињоните на листови, морковите на тенки ленти, празот на полукругови, кромидот ситно, а ѓумбирот ситно изрендајте го. Никулците ставете ги во цедалка да се цедат.
Во вок тава ставете го маслото од кикирики да се загрева. Додадете го лукот и ѓумбирот. Пржете кратко, додека лукот да замириса па ставете ги шампињоните. Пржете ги 1 минута со непрестано мешање или превртување. Додадете ги морковите и пржете повторно 1-2 минути. Следува празот кој исто го пржите 1-2 минути. Додадете на крај младиот кромид и никулците. Пржете наредни 1-2 минути, ставете го чили зачинот, соја сосот и додадете ги сварените нудли. Промешајте се заедно, пржете уште 1 минута, посолете и набиберете на вкус и јадењето ви е готово :) . Пред да сервирате, додадете го маслото од сусам. Тоа му го дава на ова јадење оној типичен вкус познат од кинеските ресторани.
Забелешка
Наместо Mie-Noodles можете да користите тенки шпагети. Во тој случај, шпагетите подгответе ги според упатството на опаковката. Може во подготвените нудли да додадете и една рака сечкани несолени кикирики. Шитаке печурките јас ги заменив со шампињони, доколку можете од нив да најдете, употребете ги за овој рецепт. 
Важно е зеленчукот да не го препржите. Тој треба да си за зачува бојата, да не ви потемни, туку малку да омекне а сепак да остане крцкав.
На здравје :) 

 

 


Брза тава со тестенини и мелено месо

Состојки

  • 500гр. мелено телешко месо
  • 1 прачка праз
  • 300гр. црвени пиперки
  • 1 полна лажица доматно пире
  • 1/2 лажичка мелен црвен пипер
  • 1л. бистра говедска или зеленчукова супа
  • 250гр. ситни макарони
  • сол, бибер на вкус
  • по потреба крем фреш (creme fraiche)

Подготовка

Во длабока тава испржете го меленото месо на малку зејтин. Посолете и набиберете на вкус. Додадете го доматното пире, запржете па ставете ги исечканите пиперки и праз. Пржете околу 3 минути, додадете мелениот црвен пипер и на крај ставете ја и супата, и оставете да зоврие. Додадете ги ситните макарони (не варени), намалете температурата на средна и оставете да се вари. Повремено промешувајте. Доколку има потреба досолете и набиберете. Готови се кога целата течност ќе испари. Послужете со додаток на крем фреш.

 

Напомена

Супата која ќе ја додадете може да биде домашна или подготвена со коцка супа, или како јас што направив овој пат, ја додадов водата во месото и ставив 2 полни лажици сув зелечук за супи.

 

На здравје!

 

 


Пилешко во медитерански сос

Состојки

  • 800гр. пилешки гради
  • 15 парчиња суви домати во маслиново масло
  • 1 чешне лук
  • 300мл. неутрална павлака за готвење
  • 100гр. крем сир со зачински билки
  • 125гр. моцарела
  • 10гр. пармезан
  • 5-7 листови босилек

Подготовка

Вклучете ја рерната на функцијата вентилатор на 180 степени да се загрева.

Тавата во која ќе печете премачкајте ја со путер. Сувите домати исцедете ги и исечкајте ги на ленти. Лукот исто исечкајте го ситно. Пармезанот изрендајте го а моцарелата исечкајте ја на коцки. Босилекот исто исечкајте го. Пилешките гради исечете ги во должина на неколку парчиња, посолете ги и ставете ги да се пржат на загреан зејтин. Извадете ги и ставете ги во тавата.

Доматите ставете ги да се пржат во истиот зејтин каде се пржеше пилешкото, продинстајте ги па ставете го лукот. Кратко пропржете и ставете ја неутралната павлака. Оставете да зоврие, додадете крем сирењето и мешајте додека да се стопи. Ставете го и босилекот и овој сос налејте го врз пилешкото во тавата. Одозгора наредете ги коцките моцарела и наросете со пармезанот. Ставете да се пече 20-25мин.

Како прилог може да подготвите варен ориз или тестенини, или за оние кои сакаат да мацкаат од сосот :) , едноставно со леб.

 

Наместо пилешки гради можете исто да подготвите и мисиркини гради или шницли. Јас овој пат подготвив пола со пола, пилешки гради и мисиркини шницли.

На здравје!

 

 


Роловани шницли во сос од вино

Состојки

  • 12 свински шницли
  • 1 модар патлиџан
  • 12 лажички сенф
  • на вкус сол

Сос

  • 2 моркови
  • 1 главица кромид
  • 2 прачки целер
  • 150мл. вода
  • 100мл. црвено вино
  • 1 лажица сув мешан зеленчук (праз, магдонос, крбулица....)

Подготовка

Модриот патлиџан излупете го и исечете го на 12 тенки долги парчиња. Испржете ги на малку зејтин колку да омекнат малку. Тргнете на страна.

Шницлите исчукајте ги да бидат тенки. Секоја шницла премачкајте ја од едната страна со едно лажиче сенф и ставете по едно парче модар патлиџан. Завиткајте во цврст ролат и зацврстете со дрвена чепкалка или метални игли за месо. Пржете ги од двете страни додека да зацрвенат па тргнете ги на страна.

Во маслото каде ги пржевте шницлите, ставете ги исечканите моркови, кромид и целер и пржете додека да омекни зеленчукот. Додадете водата и виното, оставете да зоврие па ставете го и сувиот зеленчук. Измешајте убаво и ставете ги шницлите во сосот. Затворете со капак и оставете 30тина минути да крчка на тивко.

Извадете ги повторно шницлите а зеленчукот заедно со течноста измиксајте ја со рачен миксер. Вратете назад во тавата и се заедно оставете уште еднаш да зоврие на тивко.

Послужете со свежа салата и пире од компири.

 

На здравје :)

 

 


Свинско филе со сланина во кари сос

Состојки

  • 900гр.-1000гр. свинско филе
  • 1 лажица сенф
  • 15-17 тенки парчиња сланина
  • 200мл. неутрална павлака за готвење
  • 200гр. крем фреш
  • 1 лажица доматно пире
  • 2-3 лажички кари
  • прстофат шеќер
  • на вкус сол, бибер и кајенски бибер
  • 5 гранчиња магдонос

Подготовка

Рерната вклучете ја на 180 степени да се загрева.

Свинското филе исечете го на прачиња со дебелина од 2-3цм. Посолете и набиберете и од едната страна премачкајте ги со сенф. Секое парче месо завиткајте го во едно тенко парче сланина. Наредете во длабока тава за печење. Во длабок сад измешајте ја неутралната павлака со крем фреш, доматното пире, карито, шеќерот, кајенскиот бибер и сечканиот магдонос. Насолете на вкус, но не претерувајте бидејќи и сланината е солена. Оваа смеса налејте ја во тавата и ставете да се пече 30-тина минути.

Во прилог може да послужите варени тестенини, ориз или компири.

 


Мусака со модар патлиџан

Состојки

  • 1,5кг. компири
  • 1 модар патлиџан со средна големина
  • 600гр. мешано мелено месо
  • 1 мала главица кромид
  • по потреба сол, бибер

Прелив

  • 50мл. зејтин
  • 4 јајца
  • 150мл. јогурт
  • 300мл. млеко

Подготовка

Компирите излупете ги и исечкајте ги на кругови со дебелина од 2-3мм. Модриот патлиџан исто излупете го и него исечете го на кругови и испржете го на малку врело масло колку да омекне.

Кромидот исечкајте го ситно и додадете во тавата каде се пржеше патлиџанот. По потреба додадете уште малку зејтин и пржете додека омекне па ставете го меленото месо да се пржи. На крај посолете и набиберете на вкус.

Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени.

Во тава со пречник од 26цм. наредете еден ред со половина од компирите и посолете. Следува ред модар патлиџан, исто посолете. Врз нив ставете го целото мелено месо, па наредете уште еден ред модри патлиџани кои ќе ги насолите. На крај завршувате со ред компири. Налејте со зејтинот и ставете да се пече околу 1 час или додека горните кругови започнат на страните благо да зацрвенуваат.

Прелив

Јајцата изматете ги со жица за матење, додадете јогуртот и млекото и убаво измешајте. Пробајте за сол, и доколку мислите дека има потреба, насолете. Со ова налијте ја мусаката, зголемете ја температурата на 200 степени и оставете ја да се допече уште околу 20 минути.

Послужете со кисело млеко или Тцатцики.

 

Вода, или дополнителна течност не ставам во мусаката. Компирите и без тоа се одлично испечени и се топат во уста.

 

На здравје :)

 

 


Шпагети во сос од домати и моцарела           (One Pot Pasta)

Рецептов е од оние за на брзина подготвен ручек. Принципот на One Pot Pasta за мене е генијален :). Тестенините ги варите заедно со сосот, добивате кремаста и вкусна паста, имате готов ручек за 15-20 минути, а потребно ви е само едно тенџере, значи помалку садови за миење :)

 

Состојки

  • 250гр. шпагети
  • 2-3 лажици маслиново масло
  • 1 главица кромид
  • 1 морков
  • 2 чешниња лук
  • 400мл. пасирани домати
  • 1 лажиче доматно пире
  • по 1/2 лажиче шеќер, орегано, босилек и мајчина душица
  • 1 лажиче сув магдонос
  • 600мл. бистра супа од зеленчук
  • 200гр. моцарела
  • на вкус сол, бибер
Подготовка
Кромидот и лукот исечкајте ги ситно, а морковот изрендајте го. Во едно тенџере ставете го маслиновото масло да се загрева па ставете го кромидит да се пржи. Откако ќе омекне и стане стаклест, додадете го морковот и лукот. Пржете една минута, па додадете ги сите останати состојки освен шпагетите и моцарелата. Откако ќе зоврие ставете ги шпагетите и оставете да се вари на умерена температура. Мешајте почесто за да не ви загори. Доколку сметате дека шпагетите не ви се доварени додадете малку вода. Кај мене оваа количина на течност беше доволна. 2 минути пред крајот или кога ќе видите дека течноста значително се намалила и сте добиле густ сос, додадете ја моцарелата исечкана на парчиња и мешајте додека се стопи. Јадењето ви е спремно. Одозгора наросете по желба со рендан пармезан.
Забелешка
Можете да додавате или одземате состојки по ваша желба. Пробајте ги со тиквичка, црн патлиџан.....или со вашиот омилен зеленчук. Додадете шампињони или пак домашни колбаси. Изборот е ваш а секако ќе добиете превкусен ручек.

Менемен (турски селски појадок)

Рецепт од турската кујна. Се служи за појадок, но јас би го предложила и како главно јадење. Брзо се подготвува со едноставни состојки а вкусот е одличен.

 

Состојки

  • 4 главици кромид
  • 500гр. пиперки (зелени или црвени)
  • 1 мала лута пиперка
  • 180гр. суџук
  • 2-3 лажици маслиново масло
  • 1 голема конзерва домати (850мл)
  • 1 китка магдонос
  • 5-6 јајца
  • на вкус сол, бибер

Подготовка

Вклучете ја рерната да се загрева на 175 степени.

Кромидот исечкајте го на не многу тенки полукругови. Лутата пиперка исечкајте ја на лентички а суџукот излупете го и него исечете го на полукругови. Ставете сето тоа во тавче (по можност огноотпорно), додадете 2-3 лажици маслиново масло и пржете 10-тина минути. Пиперките исечкајте ги на ленти и додадете ги и нив да се пржат околу 5 минути. Ставете ги доматите и оставете така да крчка околу 5 минути, повремено промешувајте. Насолете и набиберете на вкус. Додадете го исечканиот магдонос, промешајте и со помош на лажица направете дупки во смесата и во секоја од нив скршете по едно јајце. Ставете да се печи 10-12 минути или во зависност од тоа колку тврдо сакате да биде зготвено јајцето. Извадете од рерна, наросете по желба со магдонос и послужете топло со топол леб.

На здравје :)

 

Напомена
Доколку немате огноотпорно тавче, тогаш откако ќе ги ставите јајцата поклопете го тавчето со капак, намалете температурата на ринглата и пржете така додека да се готови јајцата.

 

 


Лазања со црвено вино

Состојки

  • 500гр. мешано мелено месо
  • 1 главица кромид
  • 2 чешниња лук
  • 1 лажица доматно пире
  • 1 конзерва домати 
  • 100мл. црвено вино
  • 1/2 китка магдонос
  • на врв на нож морско оревче
  • на вкус сол, бибер
  • 300гр. листови лазања
Бешамел сос
  • 30гр. путер
  • 3 лажици брашно
  • 500мл. млеко
  • на врв нож морско оревче
  • на вкус сол, бибер
  • 200гр. рендан кашкавал (гауда)
Подготовка
Кромидот ситно исечкајте го и ставете го во длабоко тенџере на маслиново масло да се пржи. Кога ќе омекне, додадете го лукот поминат низ преса. Пропржете кратко па додадете го месото. Убаво иситнете го и испржете го па додадете и доматното пире да се запржи. Ставете ги и доматите исечкани да се пржат. Додадете виното, ситно исечканиот магдонос и зачините. Се вари околу половина час на средна температура со повремено промешување.
Во друго помало тенџере ставете путерот да се стопи. Додадете брашното да се запржи па ставете го постепено млекото. Мешајте енергично со жица за матење за да не ви се направат грутчиња. Откако ќе зоврие и згусне, додадете ги зачините. Доколку се случи да ви се направат грутчиња не е ништо страшно.... Поминете го готовиот сос низ ситеста цедалка.
Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени. Тавата во која ќе печете премачкајте ја со путер. На дното на тавата ставете малку од сосот со мелено месо. Наредете еден ред со листови лазања. Ставете од сосот со мелено месо. Следуваат листови лазања, сос со мелено месо, врз него бешамел сос. Целата постапка ја повторувате додека ви се потрошат состојките. Завршувате со бешамел сос и одозгора го распоредувате ренданиот кашкавал. Печете околу 30 минути. 
Лазањата е највкусна подготвена со свежи кори за лазања, но доколку немате или не сте во можност да ги подготвите, и купечките се одлична замена.
На здравје! :)
 

Пржена лазања

Состојки

  • 1/2 главица кромид
  • 1 тиквичка
  • 500гр. телешко мелено месо
  • 1 чешне лук
  • 1 конзерва (400гр.) домати
  • 1 полна лажица крем сирење
  • на вкус сол, бибер
  • 250мл. вода
  • 1 полна лажица мешан сув зеленчук
  • 100 - 150гр. листови лазањи
  • 100гр. рендана гауда
  • 75г. мини моцарела (10 мали топчиња)
  • свеж босилек

Подготовка

Тиквичката излупете ја и исечкајте ја на полумесечинки. Испржете ја на врело масло и тргнете на страна.

Кромидот исечкајте го и ставете да се пржи. Кога ќе омекне додадете го меленото месо. Испржете го убаво, ставете го сечканиот лук и пржете наредни 3 минути. Додадете доматите сечкани, крем сирењето, пржените тиквички, налејте со вода и ставете го сушениот мешан зеленчук. Посолете и набиберете на вкус. Оставете да зоврие па лазањите искршете ги на крупни парчиња и наредете ги одозгора врз сосот. Внимателно натиснете ги со лажица за течноста од сосот да биде над нив. Намалете температурата на ниска, поклопете го тавчето со капак и оставете 10-тина минути да крчка. Одозгора ставете го ренданиот кашкавал и моцарелата, поклопете повторно со капак и ставете наредни 5 минути да се вари.

Тргнете на страна и оставете ја лазањата поклопена уште 10 минути, гарнирајте со свеж босилек па потоа послужете.

 

Напомена:

Водата и мешаниот сув зеленчук можете да ги замените со бистра зеленчукова супа (250мл.)

 

Санто Стефано ал Маре, Лигурија - Италија


Шпагети пронто во сос од домати и туна

Состојки

  • 400гр. шпагети
  • 1 главица кромид
  • 1 конзерва (400гр.) сечкани домати
  • 4-5 лажици сварена пченка
  • 1 лажиче орегано
  • сол и бибер на вкус
  • 1 конзерва (185гр.) туна во масло
  • пармезан по потреба

Подготовка

Шпагетите ставете ги да се варат во посолена вода.

Туната исцедете ја од маслото.

Кромидот исечкајте го на тенки прстени и ставете го да се пржи на врело масло. Откако ќе зацрвени, ставете ги доматите и пченката, додадете ореганото, посолете и набиберете. Оставете да се крчка на средна температура околу 5 минути па додате ја туната, се заедно убаво измешајте и оставете да се загрее околу 1 минута. Ставете ги сварените шпагети во сосот, измешајте убаво и послужете одозгора со нарендан пармезан.

На здравје! :)

 

Санто Стефано ал Маре, Лигурија - Италија


Шпагети во крем сос со шампињони и тиквичка

Состојки

  • 300 - 350гр. шпагети
  • 500мл. вода
  • 1 чешне лук
  • 1 тиквичка
  • 400гр. свежи шампињони
  • 200мл. павлака за готвење
  • 1/2 коцка за супа
  • 3 полни лажици пармезан
  • на вкус сол, бибер

Подготовка

Шампињоните исчистете ги и исечкајте ги на ленти. Тиквичката излупете ја и исечете ја спирално. Доколку немате алатка за спирално сечење може и на тенки долги ленти да ја исечете со помош на ножето за лупење компири. Шпагетите ставете ги да се варат 5-6 мин. во зовриена вода. За тоа време треба да ја впијат водата. Додадете ја павлаката за готвење и коцката супа (замена може и мешан сув зеленчук) и продолжете со варењето со повремено мешање на шпагетите.

На загреано масло ставете го истиснатото лукче да се запржи кратко па додадете ги шампињоните и тиквичката. Пржете 3-4 мин. со постојано мешање или превртување.

Кога шпагетите ќе ја впијат скоро целата павлака додадете го пармезанот. Ќе добиете убав, кремаст сос. Додадете ги тиквичката и шампињоните и се убаво промешајте, посолете и набиберете на вкус.

Послужете ги веднаш додека се топли и наросете одозгора со магдонос или свеж босилек. 

Рецептот беше за OnePot Pasta ама бидејќи не ми се допаѓаше идејата тиквичката и шампињоните да ги варам, малку го изменив па сега би му дошло како TwoPot Pasta рецепт :)))

На здравје!

 

 


Бурито

Состојки

  • 400гр телешко мелено месо
  • 1 главица кромид
  • 1 лажица доматно пире
  • 1 мала конзерва црвен грав
  • на вкус сол, бибер
  • на вкус чили или лут буковец
  • 200гр рендан кашкавал гауда
  • 1/2 глава ајсберг салата или марула
  • 2-3 домати
  • 8-10 готови тортиљи

Подготовка

Салатата исечкајте ја на ленти, на доматот извадете му ја срцевината и исечкајте го на коцки. Кромидот исечкајте го ситно и ставете го да се пржи. Кога ќе зацрвени, додадете го меленото месо и со лажица убаво иситнете го. Додадете го доматното пире, убаво измешајте, ставете го гравот претходно исцеден, насолете и набиберете на вкус. Оставете уште 2-3 минути да се пржи, по желба ставете чили или лут биковец.

Во сува тава со капак, ставете една тортиља и на средна температура 30 сек. затоплете ја од едната страна. Превртете ја од другата страна, на средина ставете од кашкавалот, поклопето со капак и оставете така да се загрева додека се стопи кашкавалот. Извадете од тава, врз кашкавалот наредете од месото, следува салата па сечканите домати. Завиткајте во ролат и замотајте цврсто со фолија да отстојат додека ги спремате останатите бутироси.

Послужете со сенаменскиот крем - американски кисел крем (Sour cream - Steakhouse Style), одлична комбинација се.

 

Добар апетит!

 


Печени свински ребра

13.06.2018

Состојки

  • 2кг. свински ребра
  • на вкус сол, бибер
  • 2 чешниња лук
  • 2 листа лорбер

Маринада

  • 3 лажици мед
  • 3 лажици зејтин
  • 2 лажици сенф
  • 1 лажиче мелен црвен пипер
  • 1/4 лажиче чили во прав

Подготовка

 

Ребрата измијте ги под млаз ладна вода и исушете ги со кујнска хартија. Посолете ги и набиберете ги, ставете ги во сад со капак, додадете исечканиот лук. Затворете го садот со капакот и ставете во фрижидер да отстои најмалку 2 часа (или преку ноќ).

Исечете ги ребрата на парчиња по желба, ставете ги во длабоко тенџере и налејте со вода. Водата треба да ги покрива ребрата. Додадете го ловорот и ставете ги да се варат на највисока температура. Кога ќе зоврие, намалете ја температурата на ниска (кај мене на 2 од 9), поклопете со капак и варете 50 минути.

Состојките за маринада убаво измешајте ги.

Откако се свариле, извадете ги од водата и ставете ги во плех. Повторно насолете ги и премачкајте ги со маринадата. Се печат 20 минути на 200 степени во претходно загреана рерна.

 

 


Карбонаде фламанде - Гулаш на фламански начин

Ова е мој предлог за ручек, гулаш подготвен на малку поинаков начин. Вкусот за мене е перфектен, месото е меко, се топи... Подготовката започнете ја еден ден порано, бидејќи месото треба подолго да одлежи во маринадата.

Состојки
  • 1кг. 250гр. телешко месо
Маринада
  • 400мл. темно пиво
  • 2 листа ловор
  • 3 чешниња лук
За гулашот
  • 250гр. панцета исечкана на мали коцки
  • 2 моркови
  • 1 страк праз (само белиот дел)
  • 2 главици кромид
  • 2 лажички доматно пире
  • 350мл. говедски бујон
  • 1 лажиче мајчина душица
  • 1 лажиче бибер
  • 1 лажица сечкан магдоно
  • по потреба брашно
  • по потреба магдонос 
Подготовка
Телешкото месо исечкајте го на коцки со средна големина, ставете го во длабок сад со капак, налејте го пивото, ставете ги листовите ловор и чешнињата лук претходно потиснати малку со ножот. Затворете го садот со капак и ставете во фрижидер до наредниот ден.
Рерната вклучете ја да се загрева на 160 степени.
Месото исцедете го од маринадата, а маринадата тргнете ја страна, ќе ви треба подоцна.
Коцките месо убаво исушете ги со кујнска хартија па извалкајте ги во брашно, при тоа вишокот на брашно истресете го од нив. Во пекачот во кој ќе печите, ставете масло да се загрее на највисока температура. Ставете го месото во порции, на неколку пати да се пржи. При тоа по потреба додавајте зејтин. Пржете околу минута до две при тоа промешувајќи за месото да се испржи од сите страни. Извадете и тргнете на страна. Ќе приметите дека дел од брашното ќе се залепи на дното од пекачот, не го гребете, оставете го, подоцна при варењето тоа само ќе се раствори и му дава на јадењето посебен шмек.
Во истиот зејтин ставете ја сега панцетата да се пржи но намелете ја температурата на средна. Пржете некои 6-7 минути. Извадете на страна.
Ставете го сега зеленчукот да се пржи околу 10-туна минути со повремено промешување. Кога убаво ќе омекне додадете го доматното пире, пропржете, ставете го месото и панцетата, додадете ја и маринадата. Оставете да зоврие па налејте го и говедскиот бујон. Ставете ги зачините и оставете да зоврие, повремено промешувајте. Пробајте на вкус за сол, и по потреба досолете. Поклопете со капак и ставете да се пече 2 часа. После еден час тргнете го капакот, промешајте (ќе приметите дека брашното на дното се растопило) и оставете така да се допече.
Кога е готово, наросете одозгора со сечкан магонос.
Во Белгија се служи со помфрите, а мене најмногу ми се допаѓа во комбинација со варени компири или тестенини.
Добар апетит!

 

Бриж - Белгија


Котбуларс во сос од шампињони

27.06.2018

Котбуларс се шведски ќофтиња, на многумина познати од рестораните во Икеа. Традиционално се служат со компот од рибизли, но јас овој пат се одлучив за малку поинаква верзија.

 

Состојки

За ќофтињата

  • 1 компир со средна големина
  • 1 главица кромид
  • 500гр. мешано мелено месо
  • 3 лажици презла
  • 1 јајце
  • 2 лажици сечкан магдонос
  • 5 лажици течна павлака за готвење
Сос
  • 1 главица кромид
  • 350гр. свежи шампињони
  • 1 и 1/2 лажица брашно
  • 300мл. бистра зеленчукова супа
  • 200мл. павлака за готвење
  • 1 лажица сечкан магдонос
  • на вкус сол, бибер
Подготовка на ќофтињата
Компирот сварете го, потурете го со ладна вода и уште додека е врел излупете го и испасирајте го. Во тава за пржење ставете една лажица зејтин и испржете го ситно сечканиот кромид. Кога ќе стане стаклест, ставете го во садот кај испасираниот компир и оставете да се излади. Додадете го месото, магдоносот, презлата, јајцето и павлаката. Посолете по желба и убаво измешајте го месото. Со намастени раце формирајте 20 ќофтиња. Покријте ги со фолија и ставете во фрижидер да отстојат 30 мин. Пржете ги во врел зејтин од сите страни додека да добијат убава кафена боја.
Подготовка на сосот
Шампињоните исчистете ги, отстранете им ги дршките и исечете на листови. Во тава за пржење ставете малку зејтин и додадете ги исечканиот кромид и шампињоните. Пржете на умерена температура додека да испари водата која ќе ја пуштат шампињоните. Наросете го брашното одозгора, убаво промешајте па додадете ја супата и павлаката за готвење. Мешајте додека да зоврие. Оставете така да врие околу 5 минути додека да добие сосот на густина и при крајот додадете го магдоносот, посолете и набиберете по желба. 
Како додаток на ова јадење одлично се вклопува динстан мешан зелечук со зачински путер и варени компири. Заокружете го вкусот со една чаша бело вино....уживајте! :)

 


Зачинска мешавина за фахита

Рецептов е посебно за вљубениците во Текс-Мекс кујната а и за оние кои сакаат добро маринирано месо. Се што ви треба за подготовка сигурно веќе го имате во вашата кујна, посебно ако сте вљубеник во зачините.

 

 

Состојки

  • 1 лажица пченкарен скроб
  • 2 лажички чили
  • 1 лажичка сол
  • 1 лажичка црвен пипер (благ)
  • 1 лажичка кафен шеќер
  • 1/2 лажичка лук во прав
  • 1/2 лажичка кајенски пипер
  • 1/2 лажичка кумин
  • 1/2 лажичка цимет
  • 1/4 лажичка црн бибер

Подготовка

Сите состојки промешајте ги и ставете ги во мала тегличка која добро ќе ја затворите.

Се што ќе ви треба потоа за маринирање на месото е маслиново масло и свеж кромид. Мешавината од зачини и кромидот исечкан на тенки месечинки ги додавате во маслото, го прелевате месето и осатвате неколку часа да отстои во маринадата. Вишокот на маринада го отстранувате (цедите) и месото заедно со кромидот го пржите.

Од оваа количина на состојки излегува околу 3 лажици мешавина на зачини. 1 лажица од мешавината се меша со околу 60 мл маслиново масло и доволно е за околу 500-700 гр месо, но сепак вие дозирајте по вкус.

 

 

 


Пилешки фахита ролнички

Екстра брзо спремен оброк, единствено што мора да се чека е маринирањето. Јас го ставам месото во маринадата наутро и попладнето само ги правам ролатите и ставам да се печат. 

 

Состојки

  • 8 пилешки шницли
  • 2 лажички зачинска мешавина за фахита
  • сок од 1/2 лимета
  • 2 лажици маслиново масло
  • 3 мали пиперки (зелена, црвена, жолта)
  • по потреба масло, сол

Подготовка

Маслиновото масло, сокот од лиметата и фахита зачинот измешајте ги во еден мал сад. Шницлите измијте ги и исушете ги со кујнска хартија. Ставете ги во длабок сад, налејте ја маринадата врз нив и убаво измешајте. Поклопете со капак и оставете го месото во фрижидер да се маринира најмалку еден саат. Пиперките исечете ги на тенки прачки. На секоја шницла ставајте по три парчиња од пиперките и замотајте во ролат. Наредете ги во тава, напрскајте ги со малку масло и ставете да се печат во загреана рерна 25 минути на 180 степени и уште 10 минути на 200 степени.

На здравје! :)

 

 


Шакшука

Шакшука е традиционално израелско јадење или поточно традиционален појадок. Јас го подготвив како ручек, таман погоден за вреливе денови. Топло ви препорачувам да го подготвите и пробате јадењево.

 

Состојки

  • 1 врзоп млад кромид
  • 3 поголеми чешниња лук
  • 800гр. домати (свежи или од конзерва, јас користев од конзерва)
  • 200гр. спанаќ (обарен, исецкан)
  • 1/2 лажиче кумин
  • 1/2 лажиче сечкано суво чили (замена буковец)
  • на вкус сол, бибер
  • 5 јајца
  • по потреба магдонос или коријандер
Подготовка
Кромидот исечкајте го на прстени, лукот на тенки кришки. Во тава за пржење бр. 28 ставете малку масло (2-3 лажици) да се загрее. Ставете го кромидот и пржете додека да омекни. Додадете го лукот и кога ќе замириса, ставете ги исечканите домати. Пржете околу 15 минути или додека доматите убаво да омекнат, но гледајте да останат парченца низ нив. Посолете, набиберете и додадете ги зачините. Ставете го и спанаќот, пропржете околу 1-2 минути. Со помош на лажица направете вдлабнатини во сосот и во секоја вдлабнатина скршете по едно јајце. Поклопете го тавчето со капак и оставете 4-6 минути на средна температура да се испржат јајцата. Тргнете на страна и наросете со сечкан магдонос или коријандер.
Напомена
Доколку користите смрзнат спанаќ, тогаш претходно одмрзнете го. Ако користите домати од конзерва, пржете ги додека да испари скоро цела течност и добиете убаво густ сос. Доколку не јадете луто, чилито заменете го со благ буковец или блага мелена црвена пипер.
На здравје :)

 


Фахита тава со пилешко

Како надоврзување на рецептот за зачинска мешавина за фахита, еве го и рецептот за подготовка на фахита, превкусно јадење од Текс-Мекс кујната.

 

Состојки

  • 500гр. пилешки гради
  • 1 главица црвен кромид
  • 1 лажиче зачинска мешавина за фахита
  • 50мл. маслиново масло
  • 3 пиперки (црвена, зелена, жолта)
  • 3 млади кромитчиња
  • на вкус сол, бибер
  • 1-2 лажици сок од лимета (опционално)
  • 150гр. ориз со долго зрно
  • 1/2 лажиче куркума

Подготовка
Месото измијте го под млаз ладна вода и исушете го со кујнска хартија. Исечете го на тенки, долги ленти. Кромидот исечкајте го на тенки полумесечинки. Ставете го месото и кромидот во еден длабок сад со капак. Ва маслиновото масло ставете ја зачинската мешавина за фахита и убаво измешајте. Со оваа маринада налејте го месото, убаво промешајте го, затворете го капакот и ставете во фрижидер да отстои 2-3 часа. Откако отстојало, исцедете го месото од вишокот маринада и ставете го заедно со кромидот со кој се маринираше да се пржи на висока температура. Посолете по желба.

Пиперките исечете ги на тенки ленит, младото кромитче на прстени. Откако месото се испржило извадете го од тавата и тргнете го на страна. Ставете го зеленчукот да се пржи во истото масло. Пржете 4-5 минути додека пиперките малку да омекнат, по желба ставете сега сок од лимета, посолете и набиберете. Додадете го прженото месо и пропржете уште 1-2 минути.

Оризот ставете го да се вари во посолена вода. Кога ќе е на пола варен се додава куркумата и се продолжува со варење. Кога е готов, исцедете го вишокот на водата.

Фахита вообичаено се служи со тортиљи и гвакамоле. Овој пат кај мене беше во комбинација со ориз. По желба во оризот може да додадете и шафран.
На здравје!