Aмерикански палачинки

Состојки

  • 200гр. брашно
  • 1 лажица шеќер
  • 1 лажичка прашок за пециво
  • 1/2 лажичка сода бикарбона
  • 1/4 лажичка сол
  • 2 јајца
  • 250мл. млеко
  • 3 лажици зејтин
Подготовка
Во еден длабок сад ставете ги сувите состојки и промешајте ги. Во друг длабок сад ставете ги јајцата, млекото и зејтинот и убаво изматете ги....јас матев со жица за матење. Смесата со јајца постепено додавајте ја во сувите состојки и за цело време матете. Треба да добиете полугуста, мазна смеса. Оставете ја да отстои 3-5 минути. За тоа време ставете едно мало тавче (20цм.) за палачинки да се загрева на рингла на умерена температура. Откако ќе се загрее тавчето ставајте по една кутлача од смесата да се печи. Печете од едната страна се додека да испукаат сите меурчиња кои ќе се појават на површината на тестото, па потоа свртете и од другата страна да се испечи. Внимавајте температурата на ринглата да не е превисока. Од оваа смесе мене ми излегоа шест палачинки. Послужете ги топли со прилог по желба. Кај мене се со чоколаден прелив подготвен од нутела и млеко, и уште една доза со мед и овошје.
За палачинките да ви бидат успешни треба да внимавате температурата на која ќе ги печите да биде средна, умерена за да му дадете доволно време на тестото да нарасне.

Готова мешавина за браунис

Рецепт и воедно одлична идеја за подарок.

 

Состојки за мешавината

  • 170 гр. брашно
  • прстофат сол
  • 2 лажички пециво
  • 50 гр. какао во прав
  • 120 гр. кафеав шеќер
  • 180 гр. шеќер во прав
  • 50 гр. сечкани ореви или лешници, бадеми
  • 60 гр. сечкано чоколадо со висок процент на какао
  • 1 стаклен сад (шише или тегла) од 1 л.
Дополнителни состојки за подготовка на браунис
  • 4 јајца
  • 180 гр. омекнат путер
  • 3 лажици млеко

Подготовка

Стаклениот сад во кој ќе ја складирате мешавината, стерилизирајте го исто како за зимница кога правите. Брашното измешајте го со солта и пецивото. Сите состојки за мешавината ставајте ги во стаклениот сад со помош на инка со широк отвор по редослед како горе во рецептот. На крај убаво затворете со капаче и нека ви стојат спремни за кога ќе ви треба набрзина да подготвите десерт. Додатоците кон мешавината и начинот на подготовка запишете ги на етикета која ќе ја прикачите на садот.

Начин на подготовка на браунис

Изматете ги пенасто јајцата со путерот, па ја додадете готовата мешавина и млекото. Се добива густа смеса. Ставете во подмачкана тава (29 х 22 см) и печете на 175 степени во веке загреана рерна околу 25-30 мин во зависност од рерната.

 

Мешавинава има рок на траење од 3 месеци. Доколку ставате само суви состојки како брашно, шеќер, какао, тогаш рокот на траење е 8 месеци. Јаткастите плодови и сувото овошје го намалуваат рокот на траење.

„Спакувајте“ и складирајте ги вака состојките за вашите омилени колачи, мафини или леб и имајте секогаш спремни за брза подготовка. Убава идеја е и како за подарок - убаво запакувано мислам дека секоја домаќинка би се израдувала, секако не заборавајте да го прикачите начинот на подготовка :) 

 

 


Мармалад од јагоди

Бидејќи јагодите не содржат многу пектин, можете да ги варите со саати и пак нема да добиете густина на мармалад, туку нешто повеќе слично на сос од јагоди. Со долгото варење се губи и вкусот и мирисот на јагодите.

Вака подготвениот мармалад, си ја задржува бојата, мирисот и освежителниот вкус на свежи јагоди. Мармаладот кој ќе го добиете е мазен, густ и лесно се размачкува. Пробајте....

 

Состојки

  • 1кг. јагоди
  • 1кг. желин шеќер 1:1
  • 1/2 - 1 лажиче сок од лимон

Подготовка

Јагодите измијте ги и исчистете ги. Одберете здрави и цврсти плодови. Мерката на јагоди е за веќе исчистени плодови.

Ставете ги во длабок сад и испасирајте ги. Јас ги измиксав со штабен миксер. Доколку сакате, можете да оставете мали парченца, мене најубав ми е така мармаладот.

Ставете ги сега во длабоко тенџере, додадете сокот од лимон и на крај шеќерот. Измешајте и ставете да се вари на највисока температура. Промешувајте повремено за шеќерот да се стопи. Откако убаво ќе почне да врие, варете 4 минути со постојано мешање. Тргнете на страна, отстранете ја пената и веднаш полнете ги веќе стерилизираните тегли. Затворете ги со капаци и превртете ги теглите наопаку. Нека постојат така 5 минути да се вакумираат па превртете ги. Оставете потполно да се изладат па ставете ги кај другата зимница.

 

Напомена

Јас користев желин шеќер 1:1, шеќер со пектин (види дополнителни фотографии). Доколку не можете да најдете таков, може да користите и Џемфикс или желин 1:1. Во тој случај, желинот измешајте го со 2 лажици шеќер, додадете во овошјето, измешајте и ставете да се вари. Кога ќе зоврие, додадете го шеќерот и со постојано мешање продолжете да со варење. Откако ќе зоврие, се вари 3-4 минути.

Одберете високо тенџере, бидејќи мармаладот откако ќе зоврие многу се крева нагоре, пени доста а и прска. Јас, откако ќе почне многу да врие, ја намалувам малку јачината на ринглата (на 7 од 9) ама затоа го продолжувам варењето за половина минута.

Сокот од лимон служи за да му даде освежителна нота на мармаладот, а и за да не потемни. Количината на сок од лимон одредете ја сами, 1/2 лажиче доколку јагодите се покисели, 1 лажиче доколку се благи.

 

 


Карамел крем од две состојки

Состојки

  • 300гр шеќер
  • 400мл слатка павлака
Подготовка

Слатката павлака ставете ја да се загрее, но не и да зоврие.Ставете го шеќерот во длабоко и широко тенџере да се карамелизира. При тоа повремено протресувајте го тенџерето. Откако целиот шеќер се стопил и карамелизирал тргнете на страна и налејте ја топлата павлака. Вратете на рингла да се вари на средна температура (кај мене на 4,5 од 9). Варете 10-тина минути додека карамелот да се растопи, повремено промешувајќи.Откако ќе се стопи карамелот, варете 10 минути при тоа цело време мешајте со лажицата. После 5 минути варење направете проба за густината. Половина лажиче од карамелот ставете на тањирче и оставете да се излади. Ако ви се гледа дека е редок, продолжете го варењето уште наредни 5 минути. Доколку сметате дека е многу густо додадете 1-2 лажици вода (или по потреба) и оставете да зоврие. Кај мене беа доволни 10 мин. варење.

Од оваа количина на состојки излегува отприлика 500мл карамел крем.

 

 


Вафли со рум

Состојки

 

  • 4 јајца
  • 120гр шеќер
  • 1 пакетче ванилин шеќер
  • 200гр путер или маргарин омекнат на собна температура
  • 350гр брашно
  • 1/2 пакетче пециво
  • 200мл вода
  • 1 лажица рум (или на вкус)

 

 

 

 

Подготовка

Јајцата заедно со двете врсти на шеќер изматете ги убаво, смесата да осветли и да се згусне. Додадете го путерот или маргаринот и продолжете со матење. Брашното измешајте го со пецивото па половината додадете ја кон јајцата. Продолжете со матење. Налејте ја водата и остатокот од брашното со пецивото. На крај ставете го и румот и убаво изматете за да се спојат сите состојки. Ќе добиете густа смеса. Апаратот за вафли загрејте го на умерена температура, ставајте од смесата врз површината и печете вафли. Во зависност од тоа каков апарат користите, премачкајте со зејтин пред да ставите од тестото да се печи, се разбира доколку ви лепи површината за печење, а и времето на печење си зависи од самиот апарат. Готовите вафли наросете ги обилно со шеќер во прав и послужете ги со вам омиленото слатко, матена слатка павлака или чоколаден прелив.

 

На здравје! :) 


Раванија

Состојки

  • 6 јајца
  • 6 лажици шеќер
  • 1 лажичка ванила екстракт
  • 8 лажици гриз
  • 4 полни лажици брашно
  • 1 пециво
  • рендана кора од 1/2 лимон

Шербет

  • 600гр. шеќер
  • 600мл. вода
  • 1 лажица сок од лимон

Подготовка

Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Долгнавеста тава бр. 36, намастете ја и набрашнете ја.

Јајцата, шеќерот и екстрактот од ванила матете ги додека да добиете светло жолта, густа смеса. Додадете ги брашното, гризот и пецивото, измешајте со шпатула или со миксер на најниска брзина. На крај ставете ја и кората од лимон. Ставете да се пече околу 20 минути....направете проба со дрвена чепкалка за да видите дали е печено. Откако се испекло, оставете да се излади.

За шербетот, во тенџере ставете го шеќерот и водата и ставете да се вари прво на највисока температура. Откако ќе зоврие, намалете на средна и варете вкупно 10 минути. После 5 минути варење додадете го сокот од лимон. Откако се сварил, тргнете на страна и оставете да отстои 2-3 минути па налејте ја раванијата со шербетот.

Оставете да олади па поклопете со соодветен сад/тањир или со фолија и ставете во фрижидер да отстои барем 3 часа па послужете.

 

На здравје!

 


Шварцвалд торта

Состојки

Бисквит

  • 7 јајца (на собна температура)
  • 240гр. шеќер
  • прстофат сол
  • 150гр. брашно
  • 50гр. какао
  • 50гр. густин
  • 1/2 лажичка пециво
  • 60гр. стопен путер

За попрскување на бисквитите (без алкохол)

  • 100мл. сок од вишни

За попрскување на корите (со алкохол)

  • 20гр. шеќер
  • 20мл. вода
  • 100мл. ликер од вишни

Овошен фил

  • 1 тегла компот од вишни (680гр.)
  • 1/2 лажичка цимет
  • 60гр. шеќер
  • 1/2 лимон, само сокот
  • 45гр. густин

Фил

  • 700мл. слатка павлака
  • 65гр. шеќер
  • 9 листов желатин (или 15гр. Агар Агар)

Декорација

  • 2 кесички шлаг пена + млеко за подготовка
  • 200гр. рендано чоколадо
  • неколку кандирани цреши

Подготовка

Модла со пречник од 26см. премачкајте ја со зејтин и на дното ставете картија за печење. Рерната вклучете ја да се загрева на 190 степени.

Вишните процедете ги, течноста тргнете ја на страна, ќе ви треба за филот.

Јајцата, шеќерот и солта ставете ги во длабок сад и матете ги додека смесата стане мазна, светла и скоро цврста, слично на шам од белки. Матењето трае малку подолго, со кујнска машина 20 минути, со рачен миксер нешто подолго. Исклучете го миксерот и додадете ги просеани брашното со пецивото, густинот и какаото. Мешајте внимателно со шпатула па на крај додадете го и стопениот и изладен путер. Ставете ја смесата во модлата и ставете да се пече 25-35 минути во зависност од рерната. Напавете проба со дрвена чепкалка. Откако се испекло, префрлете го тестото врз памучна крпа, отстранете хартијата, покријте го одозгора исто со памучна крпа и оставете потполно да се излади. Потоа, исечете го тестото два пати, да добиете три бисквити.

Овошен фил

Течноста од вишните ставете ја во мало тенџере да се вари. Додадете циметот, шеќерот, сокот од лимон и густинот. Варете со непрестано мешање се додека течноста се згусне и стане кремаста. Додадете ги вишните, промешајте и тргнете на страна да се лади.

За попрскување на корите (со алкохол)

Шеќерот и водата сварете ги, додадете ликерот од вишни и тргнете на страна да се лади.

Фил

Слатката павлака и шеќерот матете ги додека убаво се згусни смесата.

Желатинот потопете го во вода да набабри. Исцедете ја вишокот вода и ставете желатинот во мало тенџере на рингла да се загрее и стопи. Додадете во него 2-3 лажици од матената слатка павлака, измешајте убаво да нема грутчиња и оваа смеса додадете ја во слатката павлака. Повторно изматете убаво.

 

На тањир за торта наместете го обрачот за торти, ставете еден бисквит и напрскајте со сокот од вишни. Врз него распоредете го овошниот фил, притоа оставете растојание од 1см од работ на бисквитот. Ставете во фрижидер да се лади и стегне филот.

Врз филот од овошје ставете половина од слатката павлака, врз неа вториот бисквит кој ќе го напрскате со сокот од вишни. Следува вториот дел од слатката павлака, па третиот бисквит кој исто ке го напрскате со сокот од вишни. Одозгора поклопете со тањир и ставете во фрижидер најмалку 4 часа, најдобро преку ноќ. Декорирајте со матен шлаг подготвен според упатството за употреба, рендано чоколадо и кандирани цреши.

 

Напомена

За бисквитите користете по желба безалкохолната верзија со сок од вишни или алкохолната верзија со ликер од вишни.

 


Енергетски бомбици со суво овошје (без шеќер)

Состојки

  • 160гр. суви смокви
  • 160гр. урми (исчистени, без семка)
  • 1 банана
  • 5 лажици овесни снегулки
  • 3 лажици мелени ореви
  • 3 лажици мелени лешници
  • 4-5 лажици мелени лешници за валкање на бомбиците

Подготовка

Сувото овошје и бананата ставете ги во мултипрактик и измиксајте ги додека да добиете мазна и леплива смеса. Додадете овесните снегулки и мелените ореви и лешници. Измиксајте кратко додека се спојат состојките. Префрлете ја смесата во некој длабок сад и ставете ја во фрижидер да олади и малку се стегне. Правете бомбици со големина на орев и валкајте ги во мелени лешници или по избор сусам, какао, кокос....

Од оваа количина на состојки мене ми излегоа 30 бомбици.

 


Едноставен шарен куглоф

Состојки

  • 5 јајца
  • 200гр. шеќер
  • 250гр. омекнат путер
  • 1 лажичка ванила екстракт
  • прстофат сол
  • 200мл. млеко
  • 500гр. брашно
  • 1 пециво
  • 2 лажици какао

Гразура

  • 250гр. готова глазура

или

  • 250гр. чоколадо за готвење
  • 1-2 лажици кокосово масло

Подготовка

Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.

Во длабок сад ставете ги јајцата, шеќерот, солта, екстрактот од ванила и омекнатиот путер. Матете со миксер додека состојките убаво се соединат и смесата започне да се згуснува. Наизменично додавајте го млекото и брашното измешано со пецивото. 2/3 од смесата ставете ја во модла за куглоф. Во останатиот дел додадете го какаото и убаво изматете. Кафеното тесто распоредете го во модлата и со помош на вилушка правејќи спирални движења, измешајте го тестото за да добиете мраморна шара. Се пече околу 45 минути или доколку печете во силиконски калап околу 60-70 минути. Направете проба со дрвена чепкалка за да видите дали тестото е печено. Откако се испекло, оставете малку да излади па извадете го од модлата, покријте со крпа и оставете потполно да се излади.

За глазурата доколку користите готова, подгответе ја според упатството, во спротивно на пареа стопете го чоколадото со кокосовото масло.

Јас кугловот го печев во силиконски калап и користев готова глазура. Ја стопив и ја излеав во чистата модла во која се печеше кугловот. Страниците од модлата ги премачкав со глазурата. Го ставив готовиот и изладен куглоф повторно во модлата и малку го притиснав со дланките одозгора и од страните. Се остава околу 1/2 час да излади и потоа се става во фрижидер да отстои 2-3 часа или преку ноќ. Додека е ладен, се одвојуваат страните на модлата од колачот и модлата се „лупи“ од колачот, односно модлата се витка нанадвор за да може колачот целосно да се извади од неа. Оваа постапка за глазирање успева само со силиконски калапи.

 

На здравје!

 

 


Англиски пудинг (Bread-and-Butter-Pudding)

Од секогаш сум била скептична кога се работи за рецепти од англиската кујна :) Некако, никогаш не ме привлекувала нивната кујна. Ама сепак се решив да го подготвам овој рецепт, си реков толку лош на вкус сигурно нема да биде :).

И не се излажав! Изненадувачки добар на вкус! Реакцијата на моите дегустатори дома беше „Ммммм, што убав, кремаст колач“, а крем нема во него :)

Пробајте, верувам дека ќе ви се допадне.

 

Состојки

  • 12 парчиња тост леб
  • околу 50гр. путер + за премачкување на тавата
  • 70гр. суво грозје
  • 2 лажици рум
  • 1 јаболко
  • 250мл. млеко
  • 250мл. слатка павлака
  • 1 мешунка ванила
  • 4 јајца
  • 2 жолчки
  • 150гр. шеќер
  • 2 лажици кафен шеќер

Подготовка

Сувото грозје натопете го со рум и оставете го најмалку 1 час да се натопи и омекне. Длабока тава со зафатнина од 1,5 - 2л. премачкајте ја со путер. Кришките тост премачкајте ги со путер па исечете им ги корките. Исечете ги дијагонално. Редете ги на дното од тавата, притоа внимавајќи да не оставате празнини меѓу нив. Распоредете го сувото грозје одозгора. Јаболкото излупете го и извадете му ја срцевината, па исечете го на тенки кришки. Распоредете ги во тавата врз сувото грозје.

Млекото и слатката павлака ставете ги во едно тенџере заедно со средишниот дел од ванилата и затоплете на рингла. Течноста треба да биде топла, но не врела. Во длабок сад изматете ги јајцата и жолчките со шеќерот и полека додавајте го млекото притоа матејќи непрестано. Половина од оваа смеса налејте ја во тавата и одозгора наредете ги останатите кришки леб. Налејте повторно со смесата од јајца и оставете да отстои 30 минути.

За тоа време вклучете ја рерната на 180 степени да се загрева. Во огноотпорен сад ставете вода (околу 2 чаши) и садот ставете го на дното во рерната. Пудингот покријте го со фолија и ставете го да се пече 25 минути. После тоа отстранете ја фолијата, тргнете го садот со вода и зголемете ја температурата на рерната на 200 степени и продолжете со печење уште 15 минути. Извадете го пудингот, наросете со кафен шеќер и вратете назад во рерната да се допече наредни 3-5 минути.

Оставете малку да се излади, наросете со шеќер во прав и послужете во комбинација со било каков сладок сос. Кај нас беше во комбинација со нугат сос.

 

На здравје!

 

Напомена

Белките кои ќе ви останат може да ги изматите со шеќер и да ги распоредите врз пудингот, да наросите со кафениот шеќер и така да запечете во рерна.

 

 


Вишна чизкејк во чаша

Состојки

  • 100гр. пишкоти
  • 30гр. путер
  • 200мл. слатка павлака
  • 50гр. шеќер во прав
  • 1 пакетче крем фикс (опционално)
  • 175гр. крем сирење
  • 1 тегла компот од вишни
  • 50гр. шеќер
  • 20гр. густин (1 полна лажица)
Подготовка
Првин подгответе ги вишните. Исцедете ги од сокот, ставете ги во мало тенџере заедно со шеќерот и густинот и оставете да зоврие повремено промешувајќи. Кога ќе згусне, тргнете на страна и оставете да излади.
Измелете ги пишкотите и во нив додадете го стопениот путер. Убаво измешајте.
Во длабок сад изматете ја слатката павлака и при тоа постепено додавајте го шеќерот во прав. Во зависност од каква павлака користите, можеби ќе треба да ставите крем фикс за павлаката цврсто да се измати. Во друг сад ставете го крем сирењето и изматете го со миксерот да добиете кремаста смеса. Со помош на шпатула додадете ја слатката павлака во сирењето и измешајте се заедно.
Редете во чаши на следниов начин: 2-3 лажици од пишкотите, 2 лажици од смесата со крем сир, слој од вишни. Повторете ја постапката уште еднаш. Доколку користите помали десертни чаши, тогаш ставајте само по еден слој од пишкотите, смесата со крем сир и вишните.
На крај, ставете го десертот во фрижидер да отстои барем 1 час па потоа послужете.
Напомена
Врз пишкотите можете да напрскате малку Марсала, и така е многу вкусно.
На здравје! :)

Брз колач со кокос

Состојки

  • 2 шољи од кафе шеќер
  • 3 јајца
  • 2 шољи од кафе матеница ( бутер милк )
  • 4 шољи од кафе брашно
  • 1 и 1/2 пак. пециво
  • 2 шољи од кафе кокос
  • 1 шоља од кафе шеќер
  • 400мл. слатка павлака
Шоља за кафе од 175мл.
Подготовка
Вклучете ја рерната да се загрева на 160 степени. Подлабокиот плех од рерната премачкајте го со масло. 
Јајцата изматете ги убаво заедно со шеќерот. Додадете ја матеницата, брашното и прашокот за пециво. Изматете да добиете еднолична смеса и ставете ја во плехот. На страна измешајте го кокосот со 1 шоља шеќер и оваа смеса распоредете ја подеднакво врз тестото за печење. Ставете да се пече околу 20-25 минути. Проверете со чепкалка дали е печено. Извадете од рерна и веднаш налејте ја слатката павлака врз колачот додека е врел. Оставете убаво да се излади па послужете. 
Толку :) За 30 минути имате готов, сочен и вкусен колач.
Напомена
Матеницата го прави тестото посебно лесно, меко и воздушесто. Доколку сметате дека рерната силно ви пече, тогаш печете го колачот на 140 степени околу 30-35 минути, битно е кокосот одозгора да не се препече. Јас овој пат имав неутрална павлака па во неа ставив 1 1/2 лажица шеќер и така ја искористив за колачов. За мерка користев шоља за кафе, од обичните сервиси, значи од оние со средна големина (175мл.)
На здравје :)

 

 


Милка торта

За оние кои обожаваат многу кремасти торти, Милка тортата е полн погодок. Покремаста торта до сега немам пробано :)

 

Состојки за 1 бисквит (потребни се вкупно 4)

  •  3 белки
  • 3 лажици шеќер
  • 50гр. мелени лешници
  • 1/2 лажица брашно

Крем

  • 12 жолчки
  • 100гр. шеќер
  • 3 лажици со врв полни брашно
  • 3 пудинга од ванила
  • 1л. млеко
  • 100гр. шеќер
  • 200гр. Милка чоколадо со кршени лешници
  • 200гр. Милка бело чоколадо
  • 250гр. путер на собна тепмература
  • 500мл. шлаг

Декорација

Ганаш

  • 200мл. слатка павлака
  • 500гр. млечно чоколадо

 

Подготовка

Загрејте ја рерната на 200степени.

Белките матете ги додека да побелат па додадете го шеќерот. Матете додека да добиете цврст снег. Додадете брашното и лешниците и измешајте со шпатула да се спојат состојките. Ставете ја смесата во модла бр.26 на која на дното сте ставиле хартија за печење. Ставете да се пече 12-15 минути во зависност од рерната. Кога е готово, извадете го бисквитот од модлата и отстранете ја хартијата. Оставете да се излади. На истиов начин подгответе уште три бисквити. Треба да имате вкупно четири бисквити.

Подготовка на крем

Жолчките заедно со 100гр. шеќер изматете ги пенасто. Во еден сад ставете 200мл. од вкупната количина на млеко и додадете брашното, другите 100гр. шеќер и пудинзите. Измешајте убаво да нема грутки. Оваа смеса додадете ја во жолчките. Останатото млеко ставете да се вари. Откако ќе зоврие, додадете ги смесата од пудинзи и жолчки и варете на средна температура со постојано мешање со жица за матење. Откако кремот убаво ќе се згусне тргнете го на страна и поделете го во два сада. Во едниот дел додадете ја на коцки искршена чоколадата со лешници, а во другата белото чоколадо. Измешајте за да се стопи чоколадата. Ставете стреч фолија одозгора и оставете потполно да се излади.

Путерот изматете го пенасто и него поделете го на пола. Додадете по една половина во кафениот и жолтиот крем и изматете убаво. Шлагот исто изматете го убаво.

Филувањето оди на следниов начин:

Бисквит - кафен крем - жолт крем - шлаг

Постапката се повторува и се завршува со бисквит. Одозгора се декорира по желба. Јас декорирав со ганаш....поготовката за истиот е следнава:

слатката павлака ставете ја да зоврие. Откако зоврела, тргнете на страна и во неа ставете го чоколадото искршено на коцки. Мешајте ја смесата со жица или шпатула додека чоколадото се стопи, покријте со фолија или капак и оставете на собна температура потполно да се излади и стегне. Најдобро да го оставите преку ноќ да отстои. Ганашот никако не го ставјте во фрижидер! Ќе се стврдне многу и нема да биде погоден за премачкување на тортата. Најдобро да стои на собна температура или во поладна просторија на 15-18°C.

 

На здравје! :)

 


Празнична лешник торта

Состојки (за вкупно 4 кори)

  • 10 белки
  • 10 лажици шеќер
  • 4 лажици брашно
  • 6 лажици мелени лешници
  • 50гр. рендано темно чоколадо

Фил

  • 10 жолчки
  • 6 лажици шеќер
  • 150гр. темно чоколадо ситно сечкано
  • 85гр. мелени лешници
  • 125гр. омекнат путер

Подготовка

Рерната вклучете ја на 200 степени.

Белките матете ги додека да добиете бела пена па постепено додавајте го шеќерот. Матете додека да добиете цврста бела смеса. Исклучете го миксерот. Додадете брашното, лешниците и ренданото чоколадо. Измешајте убаво со шпатула. Од оваа смеса се подготвуваат 4 кори.

Јас на два пати ги правев, со тоа што матев половина од состојките и смесата ја поделив во два калапи од 20см. на чие дно ставив хартија за печење. Постапката ја повторив уште еднаш. Можете и наеднаш сите состојки да ги изматите, поделете во два калапи од 20см., и отакако ќе се испечат, пресечете ги корите на половина за да добиете вкупно 4 кори.

Тестото се пече 12-14 минути во зависност од рерната. направете проверка со дрвена чепкалка.

Отстранете ја хартијата и оставете ги корите да се изладат. Покријте ги со крпа за да на се сушат.

Подготовка на филот

Жолчките изматете ги со шеќерот и варете ги на пареа со постојано матење. Матете додека да добиете густ фил (некаде околу 15 минути), додадете го сечканото чоколадо, изматете за чоколадото убаво да се стопи. Ставете стреч фолија врз филот и оставете потполно да се излади. Путерот изматете го пенасто и додадете го во филот. На крај, измешајте ги и лешниците. 

Поделете го филот на три дела и филувајте три кори. Одозгора завршувате со четвртата кора. Украсете по желба, со шлаг пена, ганаш или со фондан.

Тортата е доста стабилна и погодна за украсување со фондан.

Доколку ги дуплирате состојките, можете да печете во калап бр.28.

 


Бајадера

Состојки

Темен слој

  • 200гр. путер
  • 180мл. вода
  • 300гр. шеќер во прав
  • 200гр. темно чоколадо
  • 350гр. мелени бисквити
  • 250гр. мелени ореви
Светол слој
  • 200гр. путер
  • 180мл. вода
  • 300гр. шеќер во прав
  • 350гр. мелени бисквити
  • 250гр. мелени ореви
Глазура
  • 220гр. темно чоколадо
  • 60гр. свинска маст или путер
Подготовка
Во тенџере ставете го путерот, шеќерот и водата и ставете на средна температура да се вари додека да почне да врие. Промешувајте повремено. Тргнете го на страна, додадете го исечканото чоколадо и мешајте додека да се стопи.
Во длабок сад ставете ги бисквитите и оревите, додадете ја врелата течност и мешајте со шпатула додека состојките убаво се спојат. Ставете ја смесата во тава во која сте ставиле хартија за печење и убаво израмнете ја. Ставете во фрижидер да се излади и стегне.
Светлиот слој подгответе го исто како и темниот, само што тука не се става чоколадо. Овој слој распоредете го врз изладениот темен слој и ставете повторно во фрижидер да се излади и стегне бајадерата. 
За глазурата, чоколадото и маста или путерот ставете ги во тенџере на средна температура да се стопи и налејте додека е топло врз бајадерата. Повторно ставете во фрижидер да се излади убаво. 
Сечете парчиња со остар нож кој претходно сте го ставиле на кратко во врела вода.

Карамелизирани бадеми

Одлична грицка е ова, која мене најмногу ме потсетува токму на овој период, на новогодишните и божиќните панаѓури. Убаво спакувани, погодни се и како подарок.

 

Состојки

  • 200гр. шеќер
  • 1 ванилин шеќер
  • 1/4 лажиче цимет (или по желба)
  • 100мл. вода
  • 200гр. бадеми
Подготовка
Во плех од шпорет ставете хартија за печење и премачкајте ја хартијата со малку зејтин. 
Шеќерот, ванилиниот шеќер, циметот и водата ставете да се варат во едно широко и длабоко тавче. Кога ќе зоврие и шеќерот се стопил, додадете ги бадемите, намалете малку температурата (кај мене на 7 од 9) и продолжете со варење. За цело време мешајте со дрвена лажица. По некое време кога шеќерот ќе се залепи на бадемите и кристализира (види дополнителни слики), намалете ја повторно малку температурата (на 6 од 9) и цело време мешајте со лажицата. Сега ќе почне шеќерот постепено да се топи и карамелизира. Штом ќе се стопи целосно и бадемите се застаклени, истурете ги врз хартијата за печење и со лажицата колку можете  одвојте ги еден од друг. Оставете убаво да се изладат па потоа спакувајте ги во теглички со капак.

Грета торта

Прекрасна торта со богат вкус, слатко задоволство за мали и големи :) 

 

Состојки

Кори (состојки за една кора, потребни се вкупно 4 кори)

  • 4 белки
  • 5 лажици шеќер
  • 8 лажици (100гр.) мелени ореви
  • 1 лажица брашно
За премачкување на корите
  • 200гр. чоколадо за готвење
  • 6 лажици зејтин
Фил
  • 300мл. + 450мл. млеко
  • 16 жолчки
  • 16 лажици шеќер
  • 8 со врв полни лажици брашно
  • 250гр. омекнат путер
  • 100гр. шеќер во прав
  • 1 лажичка ванила екстракт
За украсување
  • 3 пакетчиња шлаг пена + млеко според упатсвото за подготовка
  • шеќерна паста во златна и сребрена боја, шеќерни снегулки, бели и сребрени шеќерни трошки
Подготовка
Загрејте ја рерната на 170 степени. Округлиот калап со пречник од 26 цм обложете го со хартија.
Мелените ореви и брашното измешајте ги во еден сад, тргнете на страна. Белките матете ги со миксер додека да добиете бела пена, додадете постепено шеќерот и продолжете со матење додека да добиете густа, сјајна смеса. Намалете ја брзината на миксерот и додадете ги мелените ореви и брашното, кратко измиксајте колку да се спојат состојките. Смесата ставете ја во калапот и печете 20 минути или во зависност од рерната. Направете вакви вкупно четири кори. Оставете да се изладат.
Чоколадото заедно со зејтинот истопете ги на пареа. Секоја кора премачкајте ја со чоколадото. Пред да филувате, ставете ги корите 10-15 минути во фрижидер или ладна просторија за чоколадото да се стврдне.
Подготовка на филот
Во 300мл. млеко измешајте го убаво брашното да нема грутки. Останатото млеко (450мл.) ставете го да се вари. Жолчките изматете ги со шеќерот додека смесата осветли и се згусне. Во оваа смеса додадете го млекото со брашно. Откако зоврело млекото, тргнете на страна, додадете ја смесата со жолчки и вратете на оган (умерена температура) да се вари. За цело време мешајте енергично со жица за матење за да не ви се направат грутки и за да не ви загори филот. Откако ќе згусне, тргнете на страна, покријте ја површината од филот со стреч фолија и оставете потполно да се излади. Путерот и шеќерот во прав изматете ги пенасто, додадете филот и ванила екстрактот, измате со миксер да се спојат состојките. Филот поделете го на три еднакви дела.
Околу првата кора ставете обрач и врз неа распоредете го првиот дел од филот. Следува втора кора па фил, трета кора - фил и завршувате со четвртата кора. Оставете во фрижидер да се стегне неколку часа, најдобро преку ноќ. Наредниот ден внимателно отстранете го обрачот и украсете ја тортата со шлаг пена подготвена според упатството за подготовка, со шеќерна паста и шеќерни трошки/украси.

Божиќна торта (Жито торта)

Состојки

Кори (Состојки за 1 кора, потребни се вкупно 4 кори)

  • 3 белки
  • 3 лажици шеќер
  • 3 лажици мелени ореви
  • 2 лажици брашно
Фил
  • 650мл. млеко
  • 9 лажици шеќер
  • 12 жолчки
  • 4 лажици брашно
  • 250гр. путер
  • 250гр. шеќер во прав
  • 300гр. мелени ореви
Подготовка
Рерната загрејте ја на 200 степени. Модла со пречник од 24цм. премачкајте ја со малку зејтин и ставете на дното хартија за печење. Белките матете ги додека да побелат па додадете го постепено шеќерот. Откако смесата убаво ќе згусне, додадете ги оревите и брашното. Измешајте со дрвена лажица или шпатула и истурете ја смесата во модлата. Печете 12 минути. Проверете со чепкалка дали тестото е печено. На истиов начин испечете уште три кори, вкупно треба да се 4 кори.
Подготовка на филот
Од вкупната количина на млеко одвојте 200мл. и измешајте го со жолчките и брашното. Во другото млеко додадете го шеќерот и ставете да се вари. Откако ќе зоврие, додадете ја смесата со жолчките и на средна температура варете го филот. За цело време мешајте енергично со жица за матење. Внимавајте да не ви загорат жолчките, по потреба намалете ја температурата. Откако се сварил и згуснал како пудинг, ставете стреч фолија врз површината на филот и оставете го потполно да се излади. Путерот и шеќерот во прав изматете ги пенасто, додадете го филот од жолчки и ореви, измешајте убаво и оставете ја смесата половина час во фрижидер. 
Филувајте ја секоја кора и одозгора украсете по желба. Јас бидејќи украсував со фондан, филував три кори, последната ја премачкав со американски крем од путер.

 


Мексикански свадбени колачи

Познати се и под името Руски чајни колачи или Снежни топки - Божиќни колачи. Превкусни се! Изразен вкус на путер, со многу ореви, не се сушат, имаат долг рок на траење доколку стојат во лимена затворена кутија.

 

Состојки

  • 225гр. омекнат путер
  • 5 лажици шеќер
  • 2 лажички ванила екстракт
  • 1/4 лажичка сол
  • 290гр. брашно
  • 240гр. сечкани ореви
  • околу 180гр. шеќер во прав

 

 

Подготовка

Путерот и шеќерот изматете ги пенасто. Додадете го ванила екстрактот и солта. Постепено додавајте го брашното и на крај ставете ги и оревите. Убаво измешајте со миксерот, поделете го тестото на два дела, завиткајте во стреч фолија и оставете го во фрижидер да отстои 45 минути.

Рерната загрејте ја на 180 степени. Во два плеха ставете хартија за печење. Тестото кратко замесете го и правете топчиња со големина нешто помали од орев. Печете ги 12-14 минути во зависност од рерната. Готови се кога одоздола ќе заруменат. Оставете ги 2 минути во плехот да оладат па внимателно извалкајте ги во шеќер во прав. Оставете ги на страна потполно да се изладат па уште еднаш извалкајте ги во шеќер во прав.

На здравје :)

 

 


Марципан колачи

Едноставен, основен рецепт за подготовка на Божиќни колачиња во разни форми, погодни за секаков вид на слаткарски декорации.

 

Состојки

  • 300гр. омекнат путер
  • 2 жолчки
  • 100гр. шеќер
  • 200гр. марципан
  • 500гр. брашно

Подготовка

Путерот заедно со шеќерот и жолчките убаво изматете го со миксер. Марципанот доколку е цврст на кратко затоплете го во микробранова колку да омекне, или изрендајте го на покрупната страна од рендето. Додадете го наизменично со брашното во путерот и убаво измешајте ја смесата. Кратко замесете го тестото, поделете го на две половини, завиткајте во стреч фолија и ставете да отстои во фрижидер еден час.

Потоа развлечете кора со дебелина по желба и вадете форми. Тестото е одлично и за декорирање со слаткарски печат. Печете во плех на хартија за печење, во загреана рерна на 175 степени околу 10-12 минути. Оставете да се изладат во плехот а потоа декорирајте по желба, со шеќерен прелив, фондан, чоколадна глазура.....

 


Саблéс со фил од суви смокви и ф´стаци

Саблес се колачи (бисквити) од типот слични на нашите ванилици, меки, ровки, се топат во уста.

 

Состојки

Тесто
  • 200гр. брашно
  • 100гр. мелени бадеми
  • 80гр. шеќер во прав
  • 150гр. омекнат путер
  • 1 јајце
  • 1 ванилин шеќер
  • прстофат сол
Фил
  • 200гр. суви смокви
  • 50мл. вода
  • 1 лажица мед
  • 50гр. ф'стаци
  • по потреба шеќер во прав за посипување на колачите
Подготовка
Во длабок сад ставете ги сите состојки за тестото и замесете цврсто тесто. Истото ќе се лепи малку за дланките, но не додавајте брашно, такво треба да биде. Завиткајте го во стреч фолија и ставете во фрижидер да отстои 30-тина минути.
За тоа време подгответе го филот. Смоквите исечкајте ги на покрупно, ставете ги во едно мало тенџере и додадете медот и водата. Ставете да се вари. Откога ќе почне да врие намалете ја температурата на ниска, поклопете со капак и оставете така да крчкаат 5 минути. Оставете малку да се оладат, па со штабен миксер или во сецко измиксајте ги да добиете смеса налик на паста. Додадете ги ф'стаците (сечкани или цели) и убаво измешајте ја смесата. Поделете ја на два дела.
Работната површина убаво набрашнете ја. Тестото поделете го на два еднакви дела и од секој дел развлечете долга, правоаголна кора. На пошироката страна распоредете го едниот дел од филот и завиткајте цврст ролат. Со раце оформете колку можете да добиете четвртаста форма на ролатот. Завиткајте во стреч фолија и ставете во фрижидер да отстои половина час. Истото повторете го и со другата кора.
Од секој ролат сечете парчиња со должина од 2-3цм. и редете ги во плех на хартија за печење. Печете ги 20-25 мин. на 160 степени во претходно загреана рерна. Готови се кога одоздола ќе поруменат а одозгора треба да останат светли. Откако ќе се изладат посипете ги со шеќер во прав.
Напомена
Филот трпи и повеќе ф'стаци отколку што е напоменато во рецептов. Доколку го сакате нивниот вкус, слободно дуплирајте ја количината. 
При варењето на смоквите може да додадете и 1 лажица сок од портокал, филот така ќе добие освежителна нота.
Уживајте во прекрасниот вкус на колачиве :)

 


Слатки бастумчиња

Состојки

  • 500гр. брашно
  • 250гр. ладен путер
  • 100гр. шеќер
  • 1 јајце
  • 1 жолчка
  • 1 пециво
  • 1/2 лажиче мешавина за Божиќни колачи (или по прстофат цимет, кардамом, анис, мускат, пимент, каранфилче)
  • 1 лажиче ванилин шеќер
  • по потреба црвена прехрамбена боја или какао

Подготовка

Сите состојки за тестото, освен црвената боја, ставете ги во длабок сад и замесете тврдо тесто. Треба подолго да се меси за да се добие убаво тесто погодно за работа. Поделете го на половина и во едната половина ставете ја прехрамбената боја. Убаво измесете. Од двете теста правете топчиња со големина на орев кои ќе ги исучите во прачки со должина од 10-12цм. Испреплетете по едно од светлото и црвеното тесто и формирајте бастумчиња. Ставете во плех на хартија за печење и печете на 190 степени 12 минути во претходно загреана рерна.

Оставете да се изладат во плехот па ставете ги во лимена кутија со капак. Најубави се за јадење кога ќе отстојат барем 1 ден.

 

Јас од едната половина од тестото ги подготвив бастумчињата, а ос другата колачињата со мармалад. За нив, извлечете го тестото во кора со дебелина од 3мм. и сечете форми. Половина од формите да се со отвор а другите без отвор. Се печат на истата температура како бастумчињата, но само 10 мин. Колачите со отвор топли се посипуваат со шеќер во прав, а другите се премачкуваат со мармалад и заедно се спојуваат.

 

Напомена

Доколку не сакате да користите прехрамбена боја, може да ја замените истата со 1-2 лажици какао за готвење.

 

 


Торта Магичен момент

Состојки

 

Бисквит (потребни се вкупно три)

  • 4 белки
  • 4 лажици шеќер
  • 6 лажици мелени лешници (или бадеми)
  • 1 лажица брашно
  • 1 лажица зејтин

Жолт фил

  • 160гр. шеќер
  • 100мл. вода
  • 12 жолчки
  • 250гр. путер
  • 200гр. шеќер во прав

Овошен фил

  • 200гр. замрзнати малини
  • 200гр. замрзнати јагоди
  • 100гр. шеќер
  • 1 кесичка мелен желатин
  • 1 лажица густин

Украсување

  • 3 кесички шлаг пена + млеко според упатството за подготовка
  • по желба црвена прехрамбена боја

Подготовка на бисквитите

Белките матете ги додека да побелат па додадете го постепено шеќерот. Откако смесата ќе згусти додадете ги лешниците или бадемите, брашното и зејтинот и внимателно измешајте со шпатула. Калап со пречник од 26цм. намастете го и на дното ставете хартија за печење. Ставете ја смесата за бисквит во него и печете 12 минути на 200 степени во претходно загреана рерна. Направете проверка со чепкалка за да видите дали е тестото печено. Истава постапка повторете ја уште два пати, потребни ви се вкупно три бисквити за тортата.

 

Подготовка на жолтиот фил

Шеќерот и водата ставете ги да се варат во тенџере. Откако ќе зоврие малку намалете ја температурата (кај мене на 7 од 9) и оставете да врие уште 5 минути. Во тој момент кога шербетот ќе почне да врие, започнете со матење на жолчките. Се матат 5 минути па им се додава постепено врелиот шербет. Матете додека филот да олади. На страна изматете го омекнатиот путер со шеќерот во прав па во него додадете го филот од жолчки. Се заедно убаво изматете.

 

Подготовка на овошен фил

Јагодите и малините (замрзнати) ставете ги заедно со шеќерот да се варат. Штом пуштат сок, извадете на страна од него 3-4 лажици. Варете го овошјето 10-тина минути, повремено промешувајте. На желатинот додадете му 4 лажици ладна вода и оставете да набабри. Густинот растворете го во овошниот сок и додадете во овошјето, продолжете со варење уште 1-2 минути. Тргнете на страна, ставете го набабрениот желатин и убаво измешајте со жица за матење. Оставете 5-10 минути малку да олади филот.

 

Филување на тортата

На тањир за торта ставете го едниот бисквит и наместете го обрачот за торти. Врз бисквитот распоредете половина од овошниот фил, ставете 10-тина минути во фрижидер.

Врз овошниот фил распоредете половина од филот со жолчки. Ставете го вториот бисквит и повторете ја постапката со филовите. Завршувате со третиот бисквит одозгора. Оставете ја тортата неколку часа во фрижидер убаво да се стегне па украсете ја по желба. Кај мене е украсена со шлаг пена во која ставив малку црвена боја.

 


Ванила месечинки со бадеми

Состојки

  • 275гр. брашно
  • прстофат сол
  • 100гр. ситно мелени бланширани бадеми
  • 75гр. шеќер
  • 1 ванилин шеќер
  • 200гр. ладен путер
  • 2 жолчки
За посипување
  • 50гр. шеќер во прав
  • 1 ванилин шеќер
Подготовка
Во длабок сад ставете ги сите состојки за тестото, при тоа путерот исечкајте го на помали парчиња. Се заедно измесете. На почеток ќе се направат трошки од тесто, но колку подолго месите ќе видите дека тестото станува компактно. Убаво измесете го, оформете топка од него, завиткајте го во стреч фолија и ставете во фрижидер да отстои еден час. Вклучете ја рерната да се загрева на 175 степени. Во тавата поставете хартија за печење. Тестото поделете го на четири дела и од секој од нив исукајте прачки со дебелина од околу 1,5 см. Сечете парчиња од 4-5 цм. кои ќе ги оформите во месечинки. Редете ги во тавата за печење и печете 10-12 мин. Готови се кога зашилените краеви малку ќе поруменат. Додека се врели посипете ги со мешавината од шеќер во прав и ванилин шеќер. Оставете ги во тавата потполно да се изладат, па ставете ги во лимена кутија со капак.
Од оваа количина на состојки мене ми излегоа 55 колачиња.
На здравје :)

 

 


Ангелски очи

Состојки

  • 240гр. брашно
  • 150гр. путер (или маргарин)
  • 2 жолчки
  • 70гр. шеќер во прав
  • 1 ванилин шеќер
  • прстофат сол
  • рендана кора од 1/2 лимон
  • 3 лажици мармалад од црни рибизли (или од капини, сливи...)
  • по потреба шеќер во прав за валкање на готовите колачи

Подготовка

Сите состојки, освен мармаладот, ставете ги во длабок сад и замесете тесто. Тестото ќе е малку лепливо па затоа завиткајте го во стреч фолија и ставете го во фрижидер да отстои околу 1 час. За тоа време мармаладот поминете го низ ситеста цедалка. Во плех од рерна ставете хартија за печење и вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени.

Од тестото направете топчиња со големина на орев (или нешто помали) и редете ги во плехот на одредено растојание. Со крајот од една дрвена лажица кој претходно ќе го набрашните, правете вдлабнатини во топчињата од тесто. Мармаладот ставете го во една кесичка за замрзнување и отсечете го крајот од кесичката за да направите мал отвор. Полнете ги вдлабнатините на топчињата со мармалад и ставете да се печат 10-12 минути. Колачите после печењето треба да останат светли. Кога ќе почнат одоздола да зацрвенуваат веќе се готови.

Откако ќе се изладат извалкајте ги во шеќер во прав.

 


Рафаело торта

Состојки

Тесто

  • 4 јајца
  • прстофат сол
  • 4 лажици ладна вода
  • 125гр. шеќер
  • 100гр. брашно
  • 100гр. густин
  • 2 рамни лажички пециво
  • 3 лажици ликер од кокос (или газиран сок од портокал за безалкохолна верзија)
Фил
  • 10 рафаело бомбици
  • 600мл. слатка павлака
  • 50гр. шеќер во прав
  • 30гр. кокос
  • 3 лажици ликер од кокос (или газиран сок од портокал за безалкохолна верзија)
За украсување
  • 2 кесички шлаг пена + млеко според упатството за подготовка
  • 4-5 лажици кокос (или по потреба)
  • 6-8 рафаело бомбици
  • 6-8 кандирани цреши

Подготовка

Рерната вклучете ја да се заграва на 175 степени. Округла модла со пречник од 26цм. намастете ја.

Во длабок сад ставете ги белките, водата и солта. Матете додека белките убаво се запенат и постепено додавајте го шеќерот. Кога ќе добиете цврста бела смеса, додавајте ги жолчките една по една. На крај додадете го брашното, густинот и пецивото и матете со најниската брзина на миксерот додека состојките се спојат. На крај додадете го ликерот, измешајте. Ставете ја смесата во модлата и ставете да се пече околу 35мин. или во зависност од рерната (направете проба со чепкалка). Откако се испекло, со нож одвојте ги рабовите од тестото од модлата и оставете во неа да се излади. Извадете го на страна и пресечете го хоризонтално така што подлогата за тортата да биде 1/3 (околу 1,5 цм.) од висината на тестото.

 

Подготовка на филот

Рафаело бомбиците исечкајте ги. Останатото тесто (2/3) издробете го во трошки и ставете во длабок сад, додадете кокосот, сечканите рафаело бомбици и ликерот. Слатката павлака изматетеја цврсто со шеќерот во прав. Ставете ја во трошките од тесто и убаво измешајте ја смесата.

Филот нанесете го врз тестото во облик на купола. Одозгора украсете со шлаг пена, наросете со кокос, наредете по желба со кандирани цреши а рафаело бомбиците пресечете ги на половина па и со нив украсете ја тортата.

 

На здравје :)

 

 


Ванила крем колач

Брз и едноставен кремаст колач, каде овошјето може да го менувате по вкус или сезона.

 

Состојки

Бисквит
  • 5 јајца
  • 150гр. шеќер
  • 1 ванилин шеќер
  • 200гр. брашно
  • 1 пециво
  • 100мл. зејтин
Крем
  • 1л. млеко
  • 3 пудинзи од ванила
  • 200гр. шеќер
  • 2 пак. крем фреш или кисела павлака (400мл.)
За украсување
  • 1 конзерва или тегла компот од праски
  • 2 пак. шлаг пена + млеко според упатството за подготовка
Подготовка
Рерната вклучете ја да се загрева на 185 степени. Подлабок плех од ререна премачкајте го со зејтин и набрашнете го. Јајцата заедно со двете врсти на шеќер изматете ги убаво додека смесата да осветли и се згусне. Додадете брашното и пецивото, изматете кратко па на крај ставете го зејтинот. Матете колку да се спојат состојките па претурете ја смесата во плехот и ставете да се печи 15-20 мин. во зависност од рерната. Кога ќе го ставате филот, тестото треба одозгора да биде заруменето.
Во дел од млекото разматете ги пудинзите а во остатокот од млекото ставете го шеќерот и ставете да се вари. Кога ќе зоврие додадете ги пудинзите и сварете ги. Во врелиот пудинг додадете крем фреш (или киселата павлака) и убаво изматете со жица за матење. Врелиот крем нанесете го врз врелото тесто и вратете повторно да се паче најмногу 10 минути. Извадете од рерна и оставете потполно да излади. 
Шлаг пената подгответе ја според упатството за подготовка и со неа премачкајте го колачот. Одозгора наредете ги праските претходно исцадени од сокот и исечени на кришки.
На здравје :)

 

 


Сочен колач со јаболка и мед

Состојки

  • 2 јајца
  • 1 ванилин шеќер
  • 5 лажици мед
  • 1 филџан мелени бадеми или ореви
  • 1 филџан гриз
  • 2 полни лажици брашно
  • 2 рендани јаболка
  • 1 филџан млеко
  • 1/2 филџан зејтин
  • 1 лажица цимет
  • 1 пециво

Глазура

  • 1 филџан вода
  • 1 филџан шеќер
  • 2 полни лажици какао
  • 1 неполн филџан млеко
  • 1 лажица зејтин

Подготовка

Јајцата заедно со ванилиниот шеќер изматете ги пенасто. Додадете ги останатите состојки, изматете убаво и ставете ја смесата во подмачкана тава бр.26. Ставете да се пече 30минути на 180 степени во претходно загреана рерна.

Додека се пече колачот подгответе ја глазурата. Водата, шеќерот и какаото ставете да се варат. Откако ќе зоврие додадете ги млекото и зејтинот и оставете да врие на тивко 10-15 минути. Готовиот колач исечете го на коцки и налијте го со глазурата (топол колач со топла глазура).

 

Напомена

Филџанот со кој мерев е од 175мл.

 

 


Чоко-куглоф со ф'стаци

Состојки

  • 250гр. омекнат путер + малку за премачкување
  • 200гр. шеќер
  • 5 јајца
  • 250гр. брашно
  • 1 пециво
  • 200гр. кисела павлака
  • 2 лажици какао во прав
  • 100гр. мелени ф'стаци
Глазура
  • 100гр. шеќер во прав
  • 2-3 лажици сок од лимон
  • 2 лажици сечкани ф'стаци
Подготовка
Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Формата за куглоф премачкајте ја со путер и лесно набрашнете ја. Во длабок сад ставете го омекнатиот путер и шеќерот и изматете ги пенасто. Додавајте ги јајцата едно по едно и при тоа секое матете го половина минута пред да го додадете наредното. Додадете ја киселата павлака и брашното измешано со пециво. Се заедно измешајте и поделете ја смесата на три дела. Едниот дел останува светол, во вториот додадете го какаото и убаво измешајте, во третиот дел ставете ги ф'стаците и промешајте убаво. Во калапот за куглоф ставете ја прво светлата смеса и израмнете ја. Врз неа распоредете ја смесата со какао и на крај смесата со ф'стаци. Со помош на вилушка правете спирални движења низ смесата. Ставете да се пече 50-60 минути. Направете проверка со чепкалка за да видите дали е готов. Откако се испекол, оставете го во формата да отстои 5-10 минути и потоа префрлете го на тацна и оставете потполно да се излади. 
За глазурата, измешајте го шеќерот и лимонот да добиете смеса која убаво ќе се разлева врз колачот. Налијте го кугловот со глазурата и одозгора украсете со сечкани ф'стаци.

Едноставен колач со јаболка

Состојки

  • 3 јаболка
  • 150гр. путер
  • 150гр. шеќер
  • прстофат сол
  • 2 јајца
  • 1 пудинг од ванила (за готвење)
  • 250гр. брашно
  • 3 рамни лажички пециво
  • 5 лажици млеко

Подготовка

Модлата бр. 26 намастете ја и ставете хартија за печење. Рерната вклучете ја да се загрева на 175 степени. Јаболката излупете ги и исечкајте ги на коцки.

Во длабок сад за матење ставете го путерот, шеќерот и солта и матете ги додека путерот да побели. Додадете ги јајцата и убаво изматете ја смесата. Брашното, пецивото и прашакот за пудинг измешајте ги во еден сад па наизменично со млекото додадете ги во садот за матење. На крај ставете ги јаболката и измешајте со шпатула или лажица. Ставете ја смесата во модлата, израмнете, и ставете да се пече околу 45-50 минути.

Кога е печено, извадете од рерна, ставете ја модлата на решетка и оставете колачот потполно да се излади па извадете го од модлата и посипете го со шеќер во прав.

 

На здравје :)

 

 

 


Ружина торта

Состојки

Тесто

  • 5 белки
  • 5 лажици шеќер
  • 180гр. мелени ореви
  • 2 лажици брашно
  • 1/2 пециво

Фил 1

  • 5 жолчки
  • 350гр. вишни
  • 1 пудинг од чоколадо
  • 250мл. сок од вишни
  • 200гр. шеќер

 

 

Фил 2

  • 400гр. шманд или кисела павлака (масленост мин. 20%)
  • 200гр. шеќер во прав
  • 250гр. мелен плазма кекс
  • 1 шлаг крем + млеко според упатсвото за употреба

Декорација

  • 2 шлаг креми + млеко според упатсвото за употреба
  • прехрамбени бои по желба (розева, зелена)

Подготовка

Белките изматете ги пенасто, додадете го постепено шеќерот. Матете со миксер додека да добиете густа, цврста и сјајна смеса. Брашното, оревите и пецивото измешајте ги па додадете ги во белките. Измешајте внимателно со шпатула и излејте ја смесата во тавче бр.26 обложено со хартија за печење. Печете на 200 степени во загреана рерна околу 15 минути или во зависност од рерната. Печеното тесто извадете го од тавата и оставете да се излади. Пренесете го на тацна и ставете висок обрач околу него.

Фил 1

Ако користите вишни од компот, исцедете ги и од течноста измерете 250 мл. Доколку користите замрзнати вишни, одмрзнете ги а течноста која ќе ја испуштат дополнете ја со вода за да добиете вкупно 250мл. течност.

Жолчките, пудингот и 100мл. од течноста изматете ги колку да се спојат состојките. Во тенџере ставете го остаткот од течност (150мл.) и шеќерот и вклучете ја ринглата да се загрева. Додадете ги вишните. Нека врие на умерена температура 5 минути па додадете го растворениот пудинг. Варете со постојано мешање додека да добиете доста густ фил. Додека е врел, распоредете го врз тестото. Ставете стреч фолија врз филот и оставете потполно да се излади.

Фил2

Шлаг кремот изматете го според упатството за употреба. Павлаката и шеќерот измешајте ги, додадете го плазма кексот. Убаво измешајте ја смесата па додадете го шлагот. Соединете, и овој фил распоредете го врз филот од вишни. Оставете во фрижидер да се излади добро, мин. 5 часа.

 

Декорирајте со подготвен шлаг крем или по ваша желба.

Напомена:

Доколку користите компот од вишни, тогаш би препорачала шеќерот во првиот фил да го намалите за 50гр.

 

На здравје!


Путер колач со вишни

Состојки

Тесто

  • 1 свеж квасец
  • 2 лажици вода
  • 80гр. шеќер
  • 1/2 лажиче ванила екстракт
  • 3 јајца
  • 200мл. млеко
  • 500гр. брашно
  • 1 лажиче сол
  • 120гр. стопен путер
  • кора од 1 лимон

 

 

Фил 

  • 350гр. вишни
  • 150гр. путер
  • 100гр. шеќер
  • 1 бурбон ванила шеќер
  • 100гр. ливчиња бадеми
  • 200мл. слатка павлака

Подготовка

Квасецот измешајте го со шеќерот и водата додека се растопи. Јајцата, млекото, ексртактот од ванила и путерот измешајте ги заедно. Во еден длабок сад ставете го брашното и солта, додадете ги течните состојки и квасецот и матете со миксер околу 5-7 мин. со спиралните маталки. Тестото е многу меко и лепливо. Покријте со крпа и оставете 1 час да стасува.

Во подлабок плех од рерна ставете хартија за печење. Тестото распоредете го врз хартијата и оставете го покриено со крпа 15мин. да одмори. Исцедените вишни (од компот или одмрзнати) распоредете ги врз тестото. Благо притиснете ги во тестото. Путерот искинете ги на мали парченца и него распоредете го врз тестото. Нанесете ги ливчињата бадеми и одозгора напрскајте со шеќерот измешан со бурбон ванила шеќер. Се пече 35-40 мин на 190 степени во претходно загреана рерна.

Кога ќе се испече веднаш напрскајте го колачот со слатката павлака и оставете да излади па сечете парчиња.

 

 


Слатко од грозје

Состојки

  • 1 кг. зрна од бело грозје без семки (Султанија)
  • 1кг. 250 гр. шеќер
  • 300 мл. вода
  • 1 лимон (сок)

Подготовка

Најдобро грозје за ова слатко е од сортата „Султанија“, без семки. Изберете полузрели зрна. Измијте ги во 3-4 води. Во едно поголемо и широко тенџере ставете го шеќерот и водата, промешајте и ставете да се вари. Варете го шербетот додека да зоврие и се стопи шеќерот. Потоа ставете го грозјето и варете на среден оган. Повремено отстранувајте ја пената која ќе се направи одозгора. Варете додека да се згусни шербетот или за проба ставете од шербетот во едно тањирче и почекајте да се олади. Кога ќе е убаво оладен поминете со лажицата низ шербетот. Ако се прави „пат“ тогаш е готово. Некаде 15-тина минути пред крајот се става сокот од лимонот и се остава да се довари. Откако ќе се свари, се трга на страна и се покрива со мокра крпа. Оставете го да отстои преку ноќ и потоа собирајте го во тегли.

Нека не ве бунат мерките за шеќерот и водата, точни се. Шербетот ќе биде погуст, ама баш онака како треба да биде за слатко. Пред некое време отворив една заборавена тегличка од слатково, правено пред 2 години, и одлично беше.

 

 


Брз колач со сливи

Состојки

 

600 - 700гр. сливи

 

Подлога од тесто

  • 125гр. брашно
  • 1 рамно лажиче пециво
  • 125гр. шеќер
  • 1 ванилин шеќер
  • кора од 1/2 лимон
  • 125гр. омекнат путер
  • 2 јајца

Тесто од трошки

  • 150гр. брашно
  • 100гр. шеќер
  • 1/4 лажиче цимет
  • 100гр. омекнат путер

Подготовка

Подгответе ги најпрво трошките од тесто. Систе состојки ставете ги во длабок сад и изматете ги со миксер. Не треба многу да се мати, само додека да се спојат состојките.

Сливите измијте ги, прасечете ги на половина и извадете им ги семките. Сечете ги на четвртинки или на кришки. Вклучета ја рерната да се загрева на 180 степени. Калап со пречник од 26см. премачкајте го со путер или зејтин.

За подлогата од тесто ставете ги сите состојки во длабок сад и почнете да матите со миксер со најниска брзина додека се спојат состојките. Вклучете го сега на највисоката брзина и матете две минути.

Ставете го тестото во калапот и убаво измазнете го. Одозгора наредете ги сливите со пресечената страна нагоре. Врз нив нанесете ги трошките од тесто и ставете да се пече 50 минути или во зависност од рерната.

Кога се испекло, оставете го колачот во калапот потполно да се излади па потоа тргнете го обрачот и послужете. По желба може да го наросите одозгора со шеќер во прав и да служите во комбинација со изматена слатка павлака.

 


Шведска торта со бадеми (Икеа торта)

13.06.2018

Познатата шведска торта од бадеми, на многумина сигурно позната од рестораните на Икеа. Едноставна е по состав ама пак затоа е супер вкусна. Пробајте.

 

Состојки

Бисквит (состојки за еден бисквит, потребни се два)

  • 4 белки
  • 100гр шеќер
  • 100гр мелени бадеми

Фил

  • 200мл слатка павлака
  • 200гр шеќер
  • 8 жолчки
  • 150гр путер
  • 70гр ливчиња бадеми
  • по потреба шеќер во прав
  • по желба шлаг пена за украсување

Подготовка

Најпрво подгответе го филот бидејќи за него е потребно време за чекање додека се излади.

Жолчките ставете ги во едно мало тенџере, изматете ги со жица за матење. Додадете го шеќерот и слатката павлака па повторно изматете додека се спојат состојките. Ставете на шпорет да се загрее смесата на средна температура. Мешајте почесто се додека смесата убаво се загрее, но внимавајте не смее никако да зоврие! Намалете ја темепратурата на ниска (кај мене на 4/9) и матете постојано со жица за матење додека смесата се згусне као пудинг.

Тргнете на страна, префрлете го филот во друг сад и покријте со стреч фолија, оставете потполно да се излади.

Путерот изматете го пенасто па додадете го филот во него. Изматете убаво и ставете во фрижидер малку да се стегне.

Загрејте ја рерната на 200 степени.

Дното на округол калап со пречник од 26см. намастете го и ставете хартија за печење. Белките изматете ги убаво за да запенат па додадете го шеќерот. Матете додека да добиете цврста смеса, ставете ги мелените бадеми, промешајте и ставете ја смесата во калапот за печење. Печете околу 20 минути. Истото повторете го уште еднаш да добиете два бисквита. Извадете од калапот, отстранете ја хартијата и оставете бисквитите убаво да се изладат. Ливчињата бадеми изпржете ги ва сува тава малку да потемнат, оставете да изладат.

На тацна за торта ставете го едниот бисквит, филувајте со 1/3 од филот. Ставете го другиот бисквит и филувајте одозгора и од страните со останатиот фил. Посипете одозгора со ливчињата бадеми и посипете со малку шеќер во прав. Јас дополнително ја украсив со шлаг пена.

 

Напомена

Оставете ја тортата барем 2 часа да отстои во фрижидер пред да ја послужите.

 

Уживајте во одличниот вкус!


Крем колач со боровинки

Превкусен, кремаст, освежителен колач. Совет доколку се решите да го подготвите - не го избегнувајте лимонот во рецептов. Тој е „виновникот“ за свежината и посебниот вкус на овој колач.

 

Состојки

Тесто

  • 300гр омекнат путер
  • 200гр шеќер
  • 1 јајце
  • 400гр брашно
  • 100гр мелени бадеми
  • 1 пециво
  • 1/2 лажиче цимет
  • рендана кора од 1 лимон
  • прстофат сол

Фил

  • 3 јајца
  • 75гр шеќер
  • 500гр шманд или кисела павлака
  • сок од 1 лимон
  • 1 и 1/2 лажица густин
  • 500гр боровинки

Подготовка на тестото
Вклучете ја рерната да се загрева на 175 степени. Во округла модла бр.26 ставете хартија за печење. Боровинките измијте ги и оставете да се цедат.

Во длабок сад ставете го путерот и шеќерот и изматете убаво. Додадете го јајцето, кратко изматете да се спојат состојките па додадете ги на неколку пати останатите состојки за тестото. 3/4 од тестото распоредете го на дното од модлата и со раце убаво израмнете го. Останатото тесто ставете го во фрижидер. 

Подготовка на филот

Во длабок сад пенасто изматете ги јајцата и шеќерот. Додадете шмандот или киселата павлака, сокот од лимон и густинот. Изматете кратко колку да се спојат состојките и ставете 2/3 од боровинките.

Филот ставете го врзподлогата од тесто. Тестото кое ви остана, извадете го од фрижидер и искинете го на мали парченца. Распоредете ги врз филот, ставете одозгора останатите боровинки и ставете да се печи. Се печи 70-90 минути во зависност од рерната. Готово е кога штом ја протресете модлата, средината на колачот е стабилна т.е. не е течна. По потреба покријте го колачот со хартија додека се пече за да не ви загори. Оставете потполно да се излади, посипете со шеќер во прав, сечете парчиња и послужете.

И се разбира, уживајте во прекрасниот вкус :)

 

 


Летна бајадера

12.06.2018

Брз десерт и лесен за подготовка, посебно погоден во периодот кога деновите стануваат потопли. Освен состојките кои се потребни за подготовката, се што ви треба се три длабоки сада и една жица за матење. Нема миксери, нема печење......

 

Состојки

  • 1 л. млеко
  • 200гр. шеќер
  • 250гр. путер или маргарин
  • 150гр. гриз
  • 1 и 1/2 лажица какао во прав
  • 1 кесичка ванилин шеќер
  • сок од 1/2 лимета
  • 300гр. бисквити

Подготовка

 

Ставете го млекото заедно со шеќерот да се вари во едно тенџере. Откако убаво ќе се загрее, додадете го путерот или маргаринот и мешајте повремено додека се растопи млекото да зоврие. Тргнете кратко на страна, додадете го гризот и вратете повторно да се вари на умерена температура. Мешајте цело време додека се свари гризот и додека да добиете густа каша. Смесата поделете ја на два еднакви дела. Во едниот дел ставете го какаото и убаво промешајте. Во другиот дел ставете го сокот од лиметата и ванилиниот шеќер и промешајте.

Во правоаголна тава со димензии 30x20 наредете еден ред бисквити. Врз нив нанесете го топлиот какао фил. Повторно наредете еден ред бисквити па нанесете го светлиот фил. Врз него ставете уште еден ред бисквити. И толку :)

Оставете на собна температура да се подизлади, па потоа ставете во фрижидер убаво да се излади и стегне. Послужете со овошје по желба и/или со матена слатка павлака.

На здравје!

 

 


Баклава со вишни

15.06.2018

Состојки

  • 500гр. кори за баклава

Фил

  • 3 јајца
  • 1 чаша шеќер
  • 1 чаша зејтин
  • 1 чаша јогурт
  • 1 бурбон ванила
  • 1 пециво
  • 750гр. одмрзнати или свежи исчистени вишни
  • 2 лажици гриз

Шербет

  • 2 чаши шеќер
  • 1 чаша вода

Подготовка

Одберете длабока и широка тава која убаво ќе ја премачкате со зејтин. Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени. Корите за баклава поделете ги на пола.

Во еден длабок сад убаво изматете ги јајцата и шеќерот, додадете ги зејтинот, јогуртот, ванилата и пецивото, кратко изматете со миксерот да се спојат сите состојки. Во тава редете ја едната половина на кори, при тоа секоја кора попрскувајте ја со неколку лажици од филот. Одозгора наредете ги вишните и врз нив посипете со гриз. Продолжете да ги редите останатите кори, секоја повторно ја попрскувате со филот. Последната кора исто се напрскува со филот и убаво со четкичка премачкајте ја целата кора. Исечете ја на парчиња по желба.

Ставете да се печи околу 40 минути во зависност од рерната. Откако ќе се испечи, оставете ја убаво да се излади.

Шеќерот и водата ставете ги да се варат на највисока температура. Откако ќе зоврие, намалете малку температурата и продолжете со варење 8 минути или додека шербетот почне да „шушка“. Тргнете на страна, оставете да отстои 2 минути и после натурете ја баклавата со него.

Оставете убаво да се излади пред да послужите.

Уживајте :)

 

*Чашата е од 200мл

 

 


Брз колач со цреши

16.06.2018

Состојки

  • 5 јајца
  • 1 и 1/2 чаша шеќер
  • 1 и 1/2 чаша јогурт
  • 1 чаша зејтин
  • 2 чаши брашно
  • 1 пециво
  • 500гр исчистени цреши или вишни
  • по потреба шеќер во прав за посипување

*чашата е од 200мл.

 

 

Подготовка

Рерната вклучете ја да се загрева. Долгнавесто тавче бр.36 премачкајте го со зејтин и набрашнете го.
Јајцата изматете ги убаво со шеќерот. Се мати подолго додека да добиете убава, густа и жолта кремаста смеса. Намалете ја брзината на миксерот па додавајте ги постепено прво јогуртот, па зејтинот и на крај брашното измешано со пецивото. Истурете ја смесата во тавата и одозгора наредетеги црешните или вишните. Печете околу 40 минути во зависност од рерната. На половина од печењето јас го покрив колачот со хартија за да не изгори.
Откако ќе се испече, оставете убаво да се олади, посипете со шеќер во прав па сечете парчиња.

На здравје!

 

 


Баклава со мелени ореви (посно)

18.06.2018

Состојки

  • 15 кори за баклава
  • околу 300-350мл. зејтин
  • 3 лажици гриз
  • 350гр. мелени ореви
Шербет
  • 750гр. шеќер
  • 600мл. вода
  • 3 кругови непрскан лимон

Подготовка

Поделете ги корите на пет дела, по три кори. Се прават вкупно пет ролати. Мелените ореви поделете ги исто на пет дела. Вклуцете ја рерната да се загрева на 175 степени. Секоја кора се прска со зејтин и се става на целата кора по малку гриз. Врз третата кора, од потесната страна, ставете од мелените ореви и завиткајте во цврст ролат. Ставете во со зејтин подмачкана долгнавеста тава бр.36. Истото повторете го и со другите кори.

Откако сте ги нашравиле сите пет ролати, премачкајте ги со 50мл. зејтин (толку одприлика останува од вкупната количина), исечете парчиња со должина од околу 5см. (или поо желба) и ставете да се печи 45 мин. Готова е кога убаво ќе зарумени одозгора. Извадете ја од рерна и оставете потполно да се излади без да ја покривате.

Шеќерот и водата ставете ги да се варат. 5 минути откако ќе почне да врие се ставаат круговите лимон и се продолжува уште наредни 5 минути со варење. Тргнете го на страна и оставете да отстои 3 минути, па потоа налејте ја баклавата. Оставете повторно потполно да излади без да ја покривате со нешто, па потоа може да ставите фолија врз неа и да ја ставите во фрижидер. 

Од оваа количина на состојки мене ми излегоа 30 парчиња баклава.

 

 


Летен тирамису

22.06.2018

Состојки

  • 250гр. маскарпоне
  • 150гр. крем сирење
  • 6-9 лажици слатка павлака
  • 2 лажици шеќер во прав
  • 1/2 лажиче рендана кора од лимон
  • 6 пишкоти (или по потреба)
  • 50мл. кафе (по можност еспресо)
  • 50мл. сок од цреши
  • 70гр. малини
  • 70гр. боровинки
  • 70гр. црвени рибизли
За посипување
  • 1/2 лажица какао во прав
Подготовка
Овошјето измијте го и оставете да се исцеди. Подгответе 4 широки теглички со капак или десертни чаши. Сварете го кафето и измерете 50мл. од него. Во длабок сад ставете го маскарпонето, крем сирењето, слатката павлака (нематена), шеќерот и кората од лимон. Кратко изматете со миксер за да се спојат состојките. Во зависност од тоа колкава густина на кремот посакувате, можеби ќе треба да додадете слатка павлака. Во еден длабок сад ставете го кафето и сокот од цреши. Во оваа мешавина натопете ги пишкотите и распоредете ги во тегличките/чашите. По потреба кршете ги за да ги собери во десертните садови. Врз нив ставете од мешавината овошје, со лажица натиснете го малку овошјето, и одозгора ставете од кремот со маскарпоне. Затворете ги тегличките и ставете во фижидер да отстојат 1-2 часа. Пред послужување одозгора наросете со какао.
Добар апетит! :) 

Слатко од вишни

24.06.2018

Состојки

  • 1кг. исчистени вишни
  • 1кг. шеќер
  • 1/4 лажиче лимонтус

Подготовка

Мерката за вишните е за веќе исчистени вишни, без семки.

Ставете ги вишните во длабоко и широко тенџере и одозгора посипете ги со шеќерот. Додадете го лимонтусот одозгора, затворете го тенџерето со капак и ставете во фрижидер да отстои до наредниот ден.

Наредниот ден ставете ги вишните со шеќерот да се варат најпрво на највисока температура. Повремено протресувајте го тенџерето, не мешајте со лажица. Штом ќе се стопи целиот шеќер и слаткото почне да врие, намалете ја температурата на средна и варете 40-45 минути без да го поклопувате со капак. За цело време отстранувајте ја со лажица пената која ќе се прави. Повремено протресувајте го тенџерето лево-десно. На крај направете проба дали е готово со тоа што ќе ставите од шербетот на една тацна, оставете да се излади. Кога ќе поминете со лажичката низ шербетот, ако се прави „пат“ низ него тогаш слаткото е готово. Тргнете на страна, покријте го со влажна крпа и оставете потполно да се излади. Ладното слатко се полни во чисти и стерилизирани тегли. Затворете со капаци и оставете кај останатата зимница.

 

 


Старинско слатко од црвени цреши

Состојки

  • 1кг цреши
  • 1кг шеќер
  • вода отприлика (околу 200-300мл)
  • 1/2 лимон
  • 1 мешунка ванила

Подготовка

Мерката на црешите е за веќе исчистени цреши, без семки.

Во длабоко и широко тенџере ставете го шеќерот и налејте вода онолку колку само да го покрие шеќерот. Ставете на највисока температура да се вари. Кога ќе зоврие, намеле на средна и варете го шербетот се додека да почне да „шушка“, или додека на површината се појават балончиња кои пукаат. Сега ставете ги црешите заедно со течноста која евентуално ја испуштиле. Додека се вари слаткото повремено отпенувајте го, по потреба регулирајте ја температурата. Половина час откако ќе зорие, додадете го лимонот сечен на тенки кругови и мешунката ванила. Не го мешајте слаткото туку по потреба повремено протресувајте го тенџерето лево-десно. Кај мене слаткото се вареше 1 саат. Готово е кога ќе почне обилно да пени, но сепак направете проба со тоа што ќе ставите малку од шербетот на тањирче и кога ќе се излади поминете со лажичка низ него, ако се прави „пат“, тогаш е готово.

Тргнете го тенџерето на страна и покријте го со влажна крпа. Оставете така да отстои 15 минути. Вратете го повторно на рингла да се вари, но само додека да зоврие. Повторно тргнете го на страна, покријте со влажна крпа и оставете го така преку ноќ или додека потполно да олади. Ставете го готовото слатко во претходно стерилизирани теглички и затворете цврсто со капачињата.

На здравје.

 

 


Мус од бадеми

Состојки

  • 200гр. бадеми
  • по потреба зејтин
  • по желба засладувач (мед, агаве сируп)
  • по желба цимет, ванила

Подготовка

Бадемите ставете ги во процесор, вклучете на највисоката брзина и измелете ги ситно како брашно. Продолжете со мелењето се додека да добиете густа и кремаста смеса. Ова може да потрае и до 20тина минути, во зависност од јачината на процесорот. Повремено правете паузи при мелењето, промешувајте ја смесата за подеднакво да се сомелат бадемите. Доколку сметате дека смесата е многу густа додадете зејтин (со неутрален вкус) за да ја добиете посакуваната кремавост. На крај по желба засладете и додадете ароми по желба.

Густината кај мусот кој јас го подготвив е нешто потечен од чоколадниот крем. Јас не додавав никаков засладувач ни ароми, овој пат го направив со неутрален вкус. Се користи како додадок на колачи, овошни салати, мусли и сл.

 

 


Енергетски бомбици (без шеќер)

Состојки

  • 15 урми (без семка)
  • 250гр. бадеми
  • 4-5 лажици мус од бадеми
  • 1 полно лажиче цимет
  • 2-3 лажици кокос за посипување

Подготовка

Во процесор ставете ги бадемите, урмите и 3 лажици од мусот од бадеми. Вклучете го на најголема брзина да ги измеле состојките. Процесот трае малку подолго. Исклучувајте го повремено и промешувајте ја смесата. Префрлете ја смесата во длабок сад и додавајќи од мусот од бадеми (1-2 лажици) замесете тврдо тесто. Смесата за бомбици ќе е малку ронлива, но бомбиците лесно се оформуваат. Извалкајте ги во кокос и послужете.

 


Слатко од праски

Состојки

  • 2кг. праски
  • 1кг. 200гр. шеќер
  • 200мл. вода
  • сок од 1/2 лимон

Подготовка

Изберете зрели и цврсти праски.

Праските излупете ги и исечете ги на 6 или 8 кришки, во зависност од големината на праските.

Во широко и длабоко тенџере ставете го шеќерот и водата и ставете да се вари шербетот на средна температура. Кога ќе зоврие и добиете густ сируп, ставете ги парчињата праски во сирупот. Откако ќе зоврие варете на средна температура 15 минути, при тоа отпенувајте го слаткото. Тргнете од оган, покријте го тенџерето со мокра крпа и оставете така до наредниот ден.

Повторете ја постапката уште два пати....ставате да зоврие, варите 15 мин., покривате со мокра крпа и оставате да стои до наредниот ден.

На последното, третото варење, додадете го сокот од лимон, варете 15 мин. па оставете го слаткото целосно да се излади, најдобро до наредниот ден. Соберете во тегли и чувајте со останата зимница.

Заради ваквиот начин на подготовка, праските не се распаѓаат при варењето, а стоењето преку ноќ дополнително ги желира праските.

На здравје!

 

 


Путер мафини со малини

Состојки

  • 3 белки
  • 125гр. омекнат путер
  • 100гр. шеќер
  • 1 ванилин шеќер
  • 3 жолчки
  • 200гр. брашно
  • 1 рамно лажиче пециво
  • 125мл. слатка павлака
  • околу 100гр. малини (или 24 на број)

За украсување

  • 1 пакетче шлаг пена

Подготовка

Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Во модлите за мафини ставете хартиени корпиња.

Белките изматете ги во цврста бела пена. Во друг сад изматете го путерот па постепено додавајте ги двете врсти на шеќер. Додајте ги жолчките една по една, убаво изматете ја смесата. Брашното и пецивото додавајте ги наизменично со слатката павлака. На крај намалете ја брзината на миксерот и измешајте ги белките во смесата со путер. Полнете ги модлите со тесто, да бидат 3/4 полни. Во секоја од нив ставете по две малини и малку со прстите натиснете ги во тестото. Се печат 25 минути.

Оставете на решетка убаво да се оладат, па украсете ги со шлаг пена подготвена според упатството за употреба или едноставно посипете ги со шеќер во прав. Од овие состојки излегуваат 12 мафини со средна големина.

 

 


Индијанки

Состојки

Тесто

  • 4 јајца
  • 100гр. шеќер
  • 200гр. брашно
  • 1 пециво
Фил
  • 2 пудинзи од ванила
  • 600мл. млеко
  • 50гр. шеќер
  • 2 ванилин шеќер
  • 150гр. путер
  • 50гр. чоколадо

 

Подготовка

Подгответе го најпрво филот, бидејќи за него треба време додека да се излади.

Сварете ги пудинзите со млекото и двете врсти на шеќер. Кога ќе се свари, тргнете на страна, ставете врз површината стреч фолија и оставете потполно да се излади. Путерот изматете го пенасто и додадете го во изладениот пудинг. 

За тестото се матат белките во цврст снег и полека се додава шеќерот. Откако ќе добиете бела, цврста смеса додадете ги жолчките, една по една. Ставете ги брашното и пецивото и измешајте со лажица или со миксерот на најниска брзина. Ставете го тестото во кесичка за замрзнување, отсечете го врвот од кесичката да добиете поширок отвор и правете форми на хартија за печење во плех од рерна. Печете на 200 степени додека индијанките благо да поруменат.

Филот ставете го во готварски шприц со додатокот со звездест отвор и филувајте ги топлите индијанки. Филот што ќе остане се дели на половина и во едната половина се става 50гр. стопено и малку изладено чоколадо.

Од оваа количина на состојки излегуваат околу 12 индијанки.