Кенди торта

27.12.2021

Состојки

  • 1 пак. готови округли чоко-кори за торта
  • 100мл. чоколадно млеко

 

Фил 1

  • 250гр. омекнат путер
  • 180гр. шеќер во прав
  • 550гр. шманд или кисела павлака со 20% масленост
  • 250гр. мелен плазма кекс
  • 200-250гр. замрзнати малини

Фил 2

  • 200гр. шлаг крем
  • 400мл. млеко

Подготовка

Путерот изматете го заедно со шеќерот во прав. Додадете го шмандот или павлаката и кратко изматете за состојките да се спојат. Додадете мелената плазма, добро измешајте ги состојките. Тргнете на страна.

Во друг сад изматете го шлагот со млекото.

На тањир за торта ставете ја првата кора. Напрскајте со чоколадно млеко па премачкајте со половина од првиот фил со плазма. Врз него наредете половина од замрзнатите малини и благо втиснете ги во филот. Премачкајте со третина од вториот фил (шлаг). Врз тоа ставете ја втората кора, напрскајте со чоколадно млеко, премачкајте со другата половина од првиот фил со плазма, ставете ја и другата половина од замрзнати малини. Премачкајте со втората третина од шлагот. Одозгора ставете ја третата кора и неа попрскајте ја со чоколадно млеко. Премачкајте ја целата торта со останатиот шлаг (втор фил). Украсете по желба.

Ставете ја тортата да отстои неколку часа во фрижидер па послужете.

 

 


Раванија со јогурт

16.05.2021

Мерка: 1 чаша од 200мл.

 

Состојки

  • 3 јајца
  • 2 пак. ванилин шеќер
  • 1 чаша зејтин
  • 1 чаша јогурт
  • 1 чаша грис
  • 1 чаша брашно
  • 1 пак. пециво
  • рендана кора од 1/2 лимон (опционално)
  • 100гр. мелени бадеми

 

Шербет

  • 2,5 чаши шеќер
  • 3 чаши вода
  • рендана кора од 1/2 лимон (опционално)

 

Подготовка

 

Модла за куглоф премачкајте ја со зејтин и наросете со брашно. Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени.

 

Најпрво подгответе го шербетот.

Сите состојки ставете ги да се варат. Штом зоврие, намалете ја температурата на средна и оставете да врие 15-20 минути. Тргнете на страна.

 

Јајцата заедно со ванилиниот шеќер изматете ги добро, додека смесата да згусне и осветли. Додадете ги останатите состојки, кратко изматете. Ќе добиете густа смеса. Префрлете ја во модлата за печење и ставете да се печи околу 40 минути (направете проверка со дрвена чепкалка).

Откако се испекло, оставете раванијата 5 минути да отстои во модлата па натурете ја со млакиот шербет. Оставете така да се излади во модлата и да го впие шербетот, па префрлете на тањир за послужување.

 

На здравје :)

 


Банана сплит ролат

28.02.2021

Состојки

 

Пандишпањ

 

  • 6 јајца
  • 75гр. + 75гр. шеќер во прав
  • 2 лажици врела вода
  • 60 гр. брашно
  • 5 лажици мелени ореви

 

 

Фил

  • 400 мл. млеко
  • 1 пудинг од ванила
  • 200 гр. путер
  • 150 гр. шеќер во прав
  • 2-3 банани
  • 400 мл. слатка павлака или 2 пак. шлаг пена

 

Подготовка

Пенасто изматете ги жолчките и 75 гр. шеќер во прав. Додате 2 лажици врела вода и матете додека смесата не стане кремаста.

Во посебен сад изматете ги белките со преостанатите 75 гр. шеќер во прав.

Во жолчките внимателно додадете го брашното и орасите. Додадете ги и белките и внимателно измешајте со шпатула.

Печете во плех од шпорет на хартија за печење. Се пече на 180°Ц околу 20 мин.

Испечената кора веднаш префрлете ја на крпа, посипете ја со малку шеќер и свиткајте ја како ролат. Оставете убаво да се олади.

 

Фил

Пудингот сварете го со 400 мл. млеко, ставете врз површината стреч фолија и оставете да се олади. Путерот се мати со шеќерот во прав и се соединува со пудингот.

Филот се премачкува врз целата кора. На крајот од кората се ставаат бананите и се витка во ролат.

Одозгора се премачкува со изматена слатка павлака или шлаг пена и се украсува по желба.

 


Торта „Божиќен венец“

29.12.2020

Состојки

За 3 пандишпања

  • 12 белки
  • 225гр. шеќер
  • 6 жолчки
  • 1 прашак за пециво
  • 210гр. мелени лешници
  • 60гр. брашно

Темен фил

  • 700мл. млеко
  • 150гр. шеќер
  • 6 жолчки
  • 2 пудинга од чоколадо
  • 1 лажичка ванила арома
  • 100гр. мелени лешници
  • 250гр. омекнат путер

Бел фил

  • 250мл. слатка павлака
  • 100гр. мелени лешник наполитанки

Дрип/Ганаш

  • 100гр. чоколадо за готвење
  • 70гр. путер

Декорација

  • 2 пакетчиња шлаг пена + 250мл млеко
  • шарени шеќерни перли
  • цимет звезди
  • марципан топчиња
  • чоколадирани бадеми во какао
  • брусница

 

Подготовка

Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени.

Дното на модла со пречник од 26см. тенко премачкајте го со зејтин и ставете хартија за печење.

4 белки изматете ги во цврст снег со постепено додавање на 75гр. шеќер. Додадете ги жолчките и кратко изматете. На страна измешајте 70гр. мелени лешници со 20гр. брашно и 4гр. (1 рамно лажиче) пециво. Ова додадете го во белките и измешајте со шпатула. Ставете во модлата за печење и печете 15 минути. Извадете го пандишпањот од модлата, отсранете хартијата за печење и оставете да олади. На овој начин подгответе уште два пандишпања.

500мл. млеко и шеќерот ставете да се вари. Во останатото млеко додадете ги жолчките и пудинзите и добро изматете со жица за матење да нема грутки. Додадете во зовриеното млеко и сварете густ фил. Тргнете на страна, додадете аромата од ванила, измашајте и ставете стреч фолија врз површината на филот. Оставете да олади. Путерот изматете го пенасто и додадете изладениот фил. На крај ставете ги мелените лешници и измешајте со шпатула.

За белиот фил изматете ја слатката павлака да се згусне и додадете ги мелените наполитанки. Добро измешајте. Овој фил најдобро е да го подготвите кратко пред да ја филувате тортата, затоа што може многу да се стегне и да биде тешко за филување.

На тањир за торта ставете го првиот пандишпањ и ставете обрач околу него. Се филува со половина од темниот фил, па со половина од белиот фил. Врз тоа ставете го вториот пандишпањ и повторете со филувањето. Завршувате со третиот пандишпањ. Ставете ја тортата во фрижидер да отстои неколку часа пред да ја декорирате.

 

За ганашот ставете го чоколадото да се стопи на пареа додека да стане течно. Тргнете на страна и додадете го путерот. Мешајте додека се стопи путерот. Ставете во силиконско шише со мал отвор.

Шлаг пената подгответе ја според упатството за употреба и со половина од него премачкајте ја целата торта. Декорирајте со подготвениот ганаш и украсете.

 


Снегулки

22.12.2020

Состојки

  • 450гр. брашно
  • 200гр. омекнат путер
  • 200гр. шеќер
  • прстофат сол
  • 1 јајце
  • 1 ванилин шеќер

Декорација

  • околу 100гр. мармалад од јагоди или малини (без семки)
  • 1-2 лажици сечкани ф'стаци

 

Подготовка

Сите состојки за тестото ставете ги во длабок сад и изматете со спиралните маталки. Од тестото оформете топка, завиткајте го во стреч фолија и ставете во фрижидер да отсои најмалку 2 часа.

Формирајте топчиња нешто поголеми од лешник и ставете ги во плех на хартија за печење. Со помош на дрвена чепкалка направете отпечатоци во форма на снегулка.

Се печат 9-10 минути на 190 степени во претходно загреана рерна. Колачињата треба да останат светли, готови се кога рабовите благо ќе поруменат. Оставете да се изладат.

Мармаладот загрејте го додека да стане течен. Ставете во силиконско шише со мал отвор или во кесичка на која ќе и го отсечете врвот за да направите мал отвор. Исполнете ги отпечатоците со мармалад и одозгора наросете со сечканите ф'стаци.

 


Рубини

22.12.2020

Состојки

 

Тесто

  • 500гр. просеано брашно
  • 200гр. шеќер во прав
  • 200гр. омекнат путер
  • 2 јајца (М)
  • 1 ванилин шеќер
  • рендана кора од 1/2 лимон (опционално)
  • прстофат сол

 

Фил

  • 100мл. млеко
  • 60гр. шеќер
  • 1 ванилин шеќер
  • прстофат цимет
  • 2 лажици рум
  • 200гр. мелени ореви

За украсување

  • околу 200гр. мармалад од кајсии (загреан до врел)
  • околу 150гр. кокос или мелени ореви
  • околу 150гр. мармалад од јагоди (загреан до врел)

Подготовка

Заместе тесто од горенаведените состојки, завиткајте го во стреч фолија и оставете во фрижидер да отстои најмалку половина час. Потоа исукајте кора и вадете округли форми и ставајте ги во плех на хартија за печење. Се печат 10 минути на 180 степени во претходно загреана рерна. Оставете да се изладат.

 

За филот, ставете млекото, двете врсти на шеќер и циметот да зовријат. Додадете румот и оревите и измешајте ја убаво смесата за да се спојат состојките. Оставете да се олади.

Со оваа смеса премачкајте ги колачите и спојувајте по две.

Страните на колачите премачкајте ги со врелиот мармалад од кајсии па извалкајте во кокос или мелени ореви.

Мармаладот од јагоди ставете го во силиконско шишенце со мал отвор или во кесичка за замрзнување на која ќе и го отсечете врвот за да направите мал отвор. Украсете ги колачите.

 

Напомена: Колачиве се повкусни доколку ги оставите да отстојат два дена.  За тоа време ќе омекнат и ќе се спојат аромите.

 


Чоко-цимет колачи

29.11.2020

Состојки

  • 300гр. брашно
  • 1 рамно лажиче пециво
  • 100гр. шеќер
  • 1 ванилин шеќер
  • 200гр. омекнат путер
  • 1 јајце
  • прстофат сол
  • 1/2 лажиче цимет
  • 90гр. сечкано чоколадо или чоколадни капки

Подготовка

Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.

Сите состојки, освен чоколадото, ставете ги во длабок сад и изматете со спиралните маталки додека да се спојат добро сите состојки. На крај додадете го чоколадото, кратко измиксајте. Префрлете го тестото на набрашнета површина и оформете прачка со дебелина од околу 4 см. Завиткајте ја во стреч фолија и ставете во фрижидер да отстои најмалку 1 час. Потоа, сечете парчиња со дебелина од 1 см. и редете ги во плех на хартија за печење.

Се печат околу 12 минути.

 


Марципан перничиња

27.11.2020

Состојки

 

Фил

  • 300гр. марципан
  • 2 белки
  • 100гр. мармалад од кајсии

Тесто

  • 300гр. брашно
  • на врв нож пециво
  • 100гр. шеќер во прав
  • прстофат сол
  • 2 жолчки
  • 200гр. омекнат путер

Подготовка

Вклучете ја рерната да се загрева на 180 стпени.

Марципанот исечкајте го на парчиња и во длабок сад изматете го со миксер заедно со белките. Додадете го мармаладот и продолжете кратко со матење додека да добиете мазна, густа смеса. Поделете ја на четири дела и тргнете на старана.

Брашното измешајте го со пецивото. Додадете ги останатите состојки и замесете фино, цврсто тесто. Поделете го на четири дела. Од секој дел исукајте долгнавеста кора со димензии отприлика 30 x 12 см. и премачкајте ја со филот. Завиткајте во ролат и сечете парчиња со дебелина од околу 2 см. Редете ги во плех на хартија за печење.

Се печат околу 20 минути (во зависност од рерната). Откако колачите ќе се оладат, посипете ги со шеќер во прав.

 


Колач со боровинки и лимон

17.10.2020

Состојки

  • 5 јајца
  • 200гр. шеќер
  • 1 лажичка екстракт од ванила
  • прстофат сол
  • 250гр. густ јогурт
  • 200мл. зејтин
  • 1 лимон (кора и сок)
  • 350гр. просеано брашно
  • 1 пециво
  • околу 200гр. боровинки (свежи или одмрзнати)

Подготовка

Рерната вклучете ја да се загрева на 160 степени. Модлата за куглоф со пречник од 22см. премачкајте ја со путер.

Јајцата, шеќерот, ванилата и солта изматете ги додека смесата да осветли и згусне. Додадете јогуртот, зејтинот, кората и сокот од лимон. Брашното и пецивото измешајте ги па додадете ги во смесата, кратко измиксајте.

Оваа смеса излијте ја во модлата за куглоф. Одозгора ставете ги боровинките и со помош на шпатула внимателно измешајте.

Ставете да се пече на најдолната шина од рерната. Се пече околу 70-80 мин. во зависност од рерната (направете проба со чепкалка).

 


Брз колач со малини

23.07.2020

Состојки

  • 500гр. малини (свежи или замрзнати)
  • 3 жолчки
  • 200гр. шеќер
  • 1 ванилин шеќер
  • 200мл. млеко
  • 100мл. зејтин
  • 250гр. брашно
  • 1/2 пециво

 

 

Шам од белки

  • 5 белки
  • 200гр шеќер

Подготовка

Малините измијте ги и оставете да се исцедат. Доколку користите замрзнати малини, оставете од вечер да се одмрзнат и исцедат.

Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени. Долгнавеста тава бр.36 (36цм * 22цм) намастете ја со зејтин.

Во длабок сад изматете ги жолчките и шеќерот па постепено, на неколку пати, додадете го млекото. Ставете го зејтинот, добро изматете. На крај, додадете го баршното и пецивото, убаво изматете па смесата истурете ја во тавата за печење. Печете 15 минути. Извадете ја тавата и одозгора наредете ги малините. Вратете да се пече, овој пат 20-тина минути. За тоа време изматете ги белките со шеќерот во цврст шам. Распоредете го врз малините, зголемете ја температурата на рерната на 200 степени и ставете да се пече околу 10 мин.

Оставете да се излади, па сечете парчиња и послужете.

 


Мафини со боровинки

11.06.2020

Состојки

  • 200гр. брашно
  • 1 лажиче пециво
  • 125гр. шеќер
  • 1/2 лажиче сол
  • рендана кора од 1 лимон
  • 1 пак. ванилин шеќер
  • 100гр. омекнат путер
  • 2 јајца
  • 2 лажици млеко
  • 200гр. боровинки

Топинг

  • 175гр. крем сир
  • 2 лажици шеќер
  • 1 пак. ванилин шеќер
  • 2 лажици сок од лимон
  • 250мл. слатка павлака
  • околу 100 гр. боровинки

Подготовка

Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Во модла за 12 мафини ставете хартиени корпиња.

Сите состојки за тестото, освен боровинките, ставете ги во длабок сад и изматете добро со миксерот. Треба да добиете доста густа, леплива смеса. Додадете ги боровинките и измешајте внимателно со лажица или шпатула. Со помош на две лажици ставајте од смесата во хартиените корпиња. Се пече 25 минути на долната третина од рерната.

За топингот, крем сирењето измешајте го со двете врсти на шеќер и сокот од лимон. Во друг сад цврсто изматете ја слатката павлака па додадете го крем сирењето. Со оваа смеса украсете ги мафините и одозгора ставете ги боровинките.

 

Напомена: во мафините може да ставите и замрзнати боровинки, не мора претходно да ги одмрзнувате.

 


Слатко од јагоди

23.05.2020

Состојки

  • 1кг. јагоди
  • 1кг. шеќер
  • сок од 1 лимон

Подготовка

Јагодите исчистете ги, измијте ги и ставете ги во вода во која претходно сте го ставиле сокот од лимонот. Нека отстојат така во водата 3-4 часа.

Исцедете ги и редете ги во длабоко тенџере наизменично со шеќерот, ред јагоди - ред шеќер.

Ставете да се вари на најсилна температура додека шеќерот целосно да се стопи, па намалете ја малку температурата (кај мене на 6,5 од 9). Од време - на време, протресувајте го тенџерето и отстранувајте ја пената која ќе се направи одозгора. Се вари најмногу 30 минути. Тргнете на страна, покријте го тенџерето со влажна крпа и оставете слаткото потполно да излади. Вратете повторно на рингла и оставете да врие 5-10 минути. Тргнете на страна и врело ставајте го во стерилизирани тегли.

 

Напомена: во зависност од јагодите, односно во зависност од тоа колку сок ќе пуштат, на крај може да ви остане повеќе шербет. Соберете го и него во тегла и искористете го како додаток на десерти (сладолед, пудинг, палачинки...).

 


Крем колач со вишни

11.05.2020

Состојки

 

Пандишпан

  • 4 јајца
  • 200 гр. шеќер
  • 250 гр. маргарин или путер
  • 200 гр. брашно
  • 2 лажички пециво
  • 2 пакетчиња ванилин шеќер

Фил

  • 625 мл. млеко
  • 2 пакетчиња пудинг со вкус на ванила
  • 400 гр. шманд (кисела павлака со 24% масленост)
  • 2 жолчки
  • 2 тегли компот од вишни

Прелив

  • 3 пакетчиња прелив за торти или агар-агар
  • 750мл. сок од компотот од вишни

Подготовка

Состојките за пандишпан најдобро е да ви бидат на собна температура.

Изматете ги јајцата со шеќерот и ванилиниот шеќер додека смесата да згусни и осветли, додадете го маргаринот и откако убаво ќе се спојат состојките додадете го брашното и пецивото . Истурете ја смесата на хартија за печење во подлабок плех од рерна. Израмнете го тестото убаво и печете на 180 степени 20 мин.

За тоа време подгответе го филот. Вишните исцедете ги, а течноста од компотот оставете ја настрана (ќе ви треба за подготовка на преливот).

Во млекото сварете го пудингот според упатсвото на кесичката (со 4 лажици шеќер). Тргнете го на страна и оставете го кратко да се олади.

За тоа време изматете ги жолчките со жица за матење и додадете го шмандот. Изматете убаво, да нема грутчиња. Оваа смеса додадете ја во пудингот. Распоредете ја рамномерно врз тестото и одозгора ставете ги вишните. Ставете повторно да се пече на истата температура 20 минути. Оставете колачот да се излади.

Преливот за торта подгответе го според упатството на кесичката, но со сокот од компотот. Ако ви недостасува течност (вкупно 750мл.) доставете вода. Прелијте го колачот и оставете убаво да се излади.

По желба, можете да украсите со шам од белките кои ќе ви останат.

 


Фанта - мафини

09.04.2020

Едноставни, сочни и многу меки мафини.

 

Состојки

  • 2 јајца
  • 1/2 шоља (135гр.) шеќер
  • 1 ванилин шеќер
  • 1 1/2 шоља (240гр.) брашно
  • 1 пециво
  • 1/2 шоља (130гр.) зејтин
  • 1/2 шоља (150гр.) газиран сок од портокал

 

Декорација

  • 150гр. шеќер во прав
  • 3 лажици сок од лимон или вода
  • бомбони во разни бои (смартис)

Подготовка

Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени. Во калапот за (12) мафини ставете хартиени корпиња.

Со миксер изматете ги пенасто јајцата со шеќерот и ванилиниот шеќер. Додадете ги останатите состојки и кратко изматете. Смесата ставајте ја во хартиените корпиња, треба да бидат до 2/3 полни. Се печат 15-18 минути во зависност од рерната. Извадете ги мафините од калапот и оставете добро да се изладат.

Шеќерот во прав измешајте го добро со сокот од лимон или водата за да нема грутки. Со оваа смеса премачкајте ги мафините и украсете ги со чоколадните бомбони.

 

Напомена: јас мерев со шоља од 250мл. За оние кои повеќе сакаат рецепти со точна грамажа, состојките ги мерев на вага па затоа и течните се прикажани во грамови.

 


Лиешки вафли (белгиски вафли)

08.02.2020

Познатите лиешки вафли, од надвор крцкави, внатре меки и ароматични.

 

Состојки

  • 150гр. путер
  • 1 пак. сув квасец (7гр.)
  • 3 лажици млеко
  • прстофат шеќер
  • 400гр. брашно
  • 140мл. млеко
  • 2 јајца
  • 25гр. кафеав шеќер
  • прстофат сол
  • 1 лажиче ванила екстракт
  • 150гр. шеќер во гранули

Подготовка

Путерот ставете го во мало тенџере и на тивко стопете го. Оставете така да врие додека да почне да ја менува бојата до светло кафена. Тргнете на страна и оставете да излади.

Квасецот растворете го во трите лажици млеко и додадете го прстофатот шеќер. Оставете да запени.

Брашното, јајцата, млекото, ексртактот од ванила, изладениот путер и растворениот квасец, ставете ги во длабок сад и замесете еластично тесто кое нема да лепи на рака. Покријте го со крпа и оставете 30 минути да одмори. Додадете го шеќерот во гранули и кратко замесете.

Апаратот за вафли загрејте го на средна температира. Од тестото правете топчиња со големина по желба (кај мене колку пинг-понг топче) и печете ги додека убаво да поруменат.

 

Забелешка: доколку не можете да најдете да купите шеќер во гранули, може и сами да го подготвите. Рецепт може да најдете овде

По можност, не ја испуштајте, т.е. не ја заменувајте оваа состојка во рецептот. Лиешките вафли се познати токму заради шеќерот во гранули во тестото, кој дополнително ги прави крцкави овие вафли.

 


Гријаж торта

24.01.2020

Состојки

 

Гријаж

  • 250гр. ореви
  • 300гр. шеќер

Пандишпањ (потребни се два )

  • 5 јајца
  • 5 лажици шеќер
  • 5 лажици брашно
  • 1/2 пециво
  • 2 1/2 лажици гријаж

Фил

  • 700мл. млеко
  • 2 пак. пудинг од ванила
  • 1 ванилин шеќер
  • 7 лажици шеќер
  • 250гр. путер
  • остаткокот од гријажот

Подготовка

Најпрво подгответе го гријажот. Оревите ставете ги на хартија за печење. Шеќерот стопете го на умерена температура и со него налејте ги оревите. Оставете 10-тина минути да се зацврсти па потоа сомелете го. Доколку немате мултипрактик, тогаш проследете ја следнава постапка - скршете го гријажот на поголеми парчиња, ставете во кеса за замрзнување и иситнете го со чук најдобро што можете. Така иситнет ставете го во сецко и домелете го.

 

Подготовка на корите

Загрејте ја рерната на 180 степени.

Белките изматете ги во цврст снег, притоа додавајте го постепено шеќерот. Додадете ги жолчките една по една при тоа секоја жолчка матете ја половина минута пред да ја додадете наредната. Ставете го брашното и пецивото, изматете кратко и на крај додадете го гријажот. Убаво спојте ги состојките и ставете на хартија за печење во подмачкано тавче бр.26 да се пече некои 20-25 мин. Направете проба со чепкалка за да видите дали тестото е печено.

Откако се испекло, превртете го на кујнска крпа и извадете ја хартијата. Откако тестото ќе се излади, пресечете го на половина во должина.

На ист начин подгответе уште едно вакво тесто. Ќе добиете 4 кори.

 

Подготовка на филот

Во еден дел од млекото растворете ги пудинзите. Во остатокот од млеко ставете го шеќерот и ставете да се вари. Откако ќе зоврие, додадете ги пудинзите и сварете ги. Тргнете на страна, врз површината ставете стреч фолија и оставете целосно да се излади.

Путерот изматете го пенасто. Додадете го во изладениот пудинг, убаво изматете па ставете го останатиот гријаж.

Филувајте ги корите.

На крај украсете по желба со шлаг пена или фондан.

 

Тортата е доста висока, но стабилна, погодна за украсување со фондан.

 


Интерконтинентал торта

20.01.2020

Состојки

Бисквит (потребни се вкупно три бисквита)

  • 4 белки
  • 4 лажици шеќер
  • 3 лажици мелени бадеми
  • 3 лажици мелени лешници
  • на врв на лажиче прашок за пециво
  • 1 лажица брашно

Фил

  • 12 жолчки
  • 15 лажици шеќер
  • 9 лажици брашно
  • 1л. млеко
  • 150гр. шеќер во прав
  • 100гр. чоколадо за готвење
  • 50гр. мелени бадеми + 50гр. мелени лешници
  • 100гр. кокос
  • 250гр. путер

За украсување

шлаг пена

чоколадни листови

 

Подготовка

Изматете ги белките заедно со шеќерот во цврст снег. Додадете ги бадемите, лешниците и брашното измешано со прашакот за пециво. Измешајте со кујнаска шпатула. Ставете ја смесата во калап за печење со пречник од 26цм. кој претходно сте го намастиле и во кој сте ставиле хартија за печење. Печете 10мин. на 200° во претходно загреана рерна. Направете на овој начин вкупно 3 бисквита. Отстранете ја хартијата за печење и оставете ги убаво да се изладат.

Фил

Од млекото тргнете 100мл. на страна, а останатото ставете го да се вари. Во еден сад изматете ги убаво жолчките со шеќерот. Додадете го млекото кое го тргнавте на страна, па додадете го и брашното. Убаво изматете да се соеднини. Откако млекото ќе зоврие, тргнете го на страна, додадете ја смесата од жолчки, па со постојано мешање ставете повторно да се вари додека убаво да се згусне (внимавајте да не ви загори). Ставете стреч фолија врз кремот и оставете убаво да се олади на собна температура.

Путерот изматете го со шеќерот во прав. Додадете го изладениот фил во него и кратко матете за да се спојат состојките. Вака подготвениот фил поделете го подеднакво на три дела. Во првиот дел ставете претходно на пареа истопено чоколадо, во вториот дел додадете ги бадемите и лешниците, а во третиот дел кокосот.

На тањир за торта ставете еден бисквит, па ставете околу него обрач за торта. Филувајте со чоколадниот фил. Следува повторно бисквит, па филот со бадеми и лешници. Ставете го и третиот бисквит и филувајте со филот од кокос. Оставете во фрижидер да се стегне убаво, најдобро преку ноќ.

Наредниот ден отстранете го обрачот и украсете ја со шлаг пена и листови од чоколадо.

 


Гриз-пудинг со компот од јаболка

16.01.2020

Состојки

 

Пудинг

  • 1л. млеко
  • 4 лажици шеќер
  • 110гр. гриз
  • 1 жолчка

Компот

  • 600гр. јаболка (3 поголеми јаболка)
  • 200мл. вода
  • 3 лажички шеќер
  • 1/4 лажиче цимет

Подготовка

Млекото заедно со шеќерот ставете да се вари. Откако ќе зоврие, додадете го гризот, намалете температурата на средна, и варете со постојано мешање додека да се згусне. Тргнете на страна и додека е врело додадете ја жолчката. Измешајте енергично со жица за матење. Ставете го пудингот во десертни чашки.

Јаболката излупете ги, исечете ги на осминки (или по желба), отстранете им ја срцевината. Ставете ги во тенџере, налијте ја водата и додадете го шеќерот и циметот. Ставете да се вари. Откако ќе зоврие, намалете ја темературата на средна и поклопете со капак. Оставете така да се крчка 10тина минути, или додека јаболката да омекнат. Вака омекнатите јаболка ставете ги врз гриз пудингот и оставете да се излади. Пред послужување наросете со цимет.

 

Забелешка: Пробајте го и пудингот и компотот за блажина. Доколку сакате поблаги десерти, додадете шеќер.

 


Бела торта

31.12.2019

Состојки

 

Бисквит

  • 5 јајца
  • 300гр. шеќер
  • 10 лажици врела вода
  • 100мл. млако млеко
  • 100гр. мелени ореви
  • 200гр. брашно
  • 1 пак. пециво

Фил 1

  • 300мл. + 200мл. млеко
  • 5 лажици гриз
  • 3 лажици шеќер

Фил 2

  • 400мл. млеко
  • 2 лажици шеќер
  • 1 пак. пудинг од ванила

Фил 3

  • 250гр. омекнат путер
  • 150гр. шеќер во прав

Подготовка

Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени. Намастете со зејтин еден плех од рерна и ставете хартија за печење.

За бисквитот, изматете ги пенасто јајцата со шеќерот. Откако смесата ќе осветли и згусне, додадете водата и млекото, потоа брашното измешано се пециво, и на крај измешајте ги мелените ореви. Ставете да се печи 15тина минути. Откако ќе се испече и излади, пресечете го на 3 дела.

Бисквитот можете да го печете и во округла тава бр.30.

 

Подготовка на филовите

300мл. млеко ставете да се вари. Во другите 200мл. додадете го гризот и шеќерот, изматете да се спојат состојките. Оваа смеса додадете ја во свареното млеко и варете со непрестано мешање додека убаво да згусне. Оставете да се излади.

Во дел од 400мл. млеко растворете го пудингот. На другиот дел додадете му го шеќерот и ставете да се вари. Откако ќе зоврие, додадете го пудингот и варете со непрестано мешање додека да се згусне. Тргнете на страна и оставете да се излади.

Путерот и шеќерот во прав изматете ги пенасто. Додадете ги другите два изладени фила, и изматете со миксер за добро да се спојат состојките.

 

Се филува секоја кора и се украсува по желба.

 


Ванилици со фил од лешници

26.12.2019

Иако подготовката е малку мачна, посебно околу сечењето на ванилиците, а можеби и нема да победат на натпревар за убавина, ама сепак трудот се исплатеше....Колачите се превкусни.

 

Состојки

  • 400гр. брашно
  • 1 пак (7гр.) сув квасец
  • 2 лажици шеќер
  • 1 пак. ванилин шеќер
  • 250гр. омекнат путер
  • 75мл. ладно млеко
  • 3 жолчки

Фил

  • 3 белки
  • прстофат сол
  • 150гр. шеќер
  • 200гр. мелени, печени лешници

Подготовка

Брашното измешајте го со квасецот, ставете во длабок сад и додадете останатите состојки за тестото. Матете со миксер со маталките за тесто, додека да се спојат убаво сите состојки. Тестото поделете го на три еднакви дела. Покријте со крпа додека го подготвувате филот. Напомена: ова е т.н. ладно тесто, и не треба да стасува.

Изматете ги белките со солта, додека убаво да згуснат. Шеќерот додадете го постепено, притоа матете за цело време со миксерот. Кога смесата убаво ќе згусне и стане сјајна, додадете ги лешниците и измешајте со шпатула или дрвена лажица.

Вклучете ја рерната на 170 степени да се загрева.

Земете еден дел од тестото и развлечете тенка правоаголна кора од него. Премачкајте со 1/3 од филот и завиткајте во ролат со ширина од 5-6см. Со помош на чаша сечете полумесечинки и редете ги во плех на хартија за печење. Истото повторете го и со останатите два дела од тесто и фил.

Се печат околу 16-20 минути, во зависност од рерната.

Оставете да се изладат, па посипете ги со шеќер во прав.

 


Срца во пламен

24.12.2019

Состојки

  • 225гр. омекнат путер
  • 100гр. шеќер во прав
  • 1 пак. ванилин шеќер
  • прстофат сол
  • 250гр. брашно
  • 50гр. скробно брашно
  • по потреба мармалад
  • 100-150гр. чоколадо + 1 лажица зејтин

 

Подготовка

Путерот, шеќерот и солта изматете ги пенасто. Додадете го брашното и скробното брашно, добро изматете да се спојат состојките. Смесата ставете ја во готварски шприц со звездест отвор или пак во шприц за тулумби. На хартија за печење истиснувајте од тестото форми по желба.

Се печат 10 минути на 190 степени во загреана рерна.

Откако ќе се изладат, се мачкаат со мармалад и се спојуваат по две колачиња.

Чоколадото и зејтинот растопете ги на пареа. Секое колаче со едниот крај се натопува во растопената чоколада и се остава да се излади.

 


Ангелски бакнежи

24.12.2019

Состојки

Тесто

  • 225гр. брашно
  • 100гр. омекнат путер
  • 50гр. шеќер
  • 1 пак. ванилин шеќер
  • рендана кора од 1 лимон
  • прстофат сол
  • 100гр. lemon curd (англиски крем од лимони)

 

Фил

  • 2-3 лажици lemon curd

Прелив

  • 3-4 лажици шеќер во прав
  • 2-3 лажички сок од лимон

Подготовка

Сите состојки за тестото ставете ги во длабок сад и изматете со миксер со маталките за тесто. Кратко премесете го тестото и оформете од него прачка со должина од 40 см. Завиткајте го во стреч фолија и ставете го во фрижидер да отстои 1 саат.

Сечете пачиња со дебелина од 1 см. Од секое парче оформете топче и ставете во плех на хартија за печење. Во секое топче, направете вдлабнатина со помош на крајот од дрвена лажица. Кремот од лимон ставете го во кеса за замрзнување. Исечете го врвот на кесата за да направите мал отвор, и полнете ги вдлабнатините на колачите со кремот.

Се печат 12 минути на 180 степени во веќе загреана рерна.

За преливот, измешајте го шеќерот во прав со сокот од лимон. Ставете го во кесичка за замрзнување, отсечете и го врвот и со преливот нашарајте ги колачите.

 


Принцес крофни

16.11.2019

Состојки

Тесто

  • 300мл. вода
  • 150мл. зејтин
  • 150гр. брашно
  • 4 јајца

Фил

  • 4 кесички пудинг од ванила
  • 1л. млеко
  • 12 лажици шеќер
  • 200гр. путер на собна температура

Подготвка

Подгответе го прво филот, бидејќи треба да се лади.

Во дел од млекото растворете ги пудинзите. Останатото млеко со шеќерот ставете да зоврие. Додадете ги расворените пудинзи и сварете ги во густ пудинг. Тргнете на страна и оставете да се излади добро. Путерот пенасто изматете го и во него додадете го изладениот пудинг. Изматете добро, за да се спојат убаво состојките и да добиете убаво кремаст фил.

За тестото, во тенџере ставете водата и зејтинот да зовријат. Додадете го наеднаш брашното и енергично мешајте со дрвена лажица додека да се собери. Тргнете на страна и оставете потполно да се излади. Вклучете ја рерната да се загрева на 220 степени. Додадете ги јајцата едно по едно во тестото, притоа матејќи со миксер со спиралните маталки. Ставете ја смесата во слаткарска кеса на која сте и ставиле модла со широк звездест отвор. Во плех на хартија за печење шприцајте округли форми. Се печат 25 минути, без при тоа да се отвара вратата од рерната. Оставете да се изладат па сечете ги на половина.

Филувајте со готовиот фил и одозгора посипете со шеќер во прав.

 


Колач со јаболка (посно, веган)

10.11.2019

Состојки

*се мери со шоља од 200мл.

  • 4 големи јаболки
  • 400гр. шеќер
  • 1 полна лажичка сода бикарбона
  • 2 шољи сечкани ореви
  • 2 шољи зејтин
  • 1 лажица рум
  • 1 пециво
  • 4 шољи брашно
  • по желба, 2 лажички цимет

Подготовка

Јаболката излупете ги и изрендајте ги на крупната страна од рендето. Додадете им го шеќерот и содата и измешајте убаво со дрвена лажица. Оставете ја смесата да отстои 30тина минути.

Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Тава со пречник од 28см. премачкајте ја со зејтин.

Додадете ги останатите состојки кон смесата со јаболка и добро измешајте ја. Ставете да се печи на 200 степени додека колачот убаво да нарасни и малку да порумени (околу 15 минути), па потоа намалете на 180 степени и продолжете со печење уште 40 минути. По потреба, ставете хартија врз колачот за да не ви загори.

Кога ќе се испечи, оставете малку да олади, па наросете одозгора со шеќер во прав.

 


Едноставна торта со јаболка

18.10.2019

Состојки

  • 1,5 - 2кг. јаболка
  • 3-5 лажици шеќер
  • 5 јајца
  • 10 лажици шеќер
  • 5 лажици врела вода
  • 10 лажици брашно
  • 1 пециво
  • 2 пакетчиња шлаг пена

Подготовка

Тава со пречник од 28см. премачкајте ја со зејтин. Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени. Јаболката излупете ги, исчистете ги од срцевината и исечкајте ги на помали парчиња. Ставете ги во тавата, наросете со шеќер и ставете да се печи околу 30 мин. или додека убаво да омекнат. Шеќер ставете во зависност од тоа која сорта на јаболка ја користите....јас имав јаболка од сортата Елстар, значи покисели, и затоа ставив 5 лажици шеќер.

Откако се испекле, извадете ги од рерна и оставете да се изладат.

Во длабок сад убаво изматете ги јајцата и шеќерот, матете додека да добиете густа и светла смеса. Додадете ја водата, па брашното и пецивото. Со оваа смеса налејте ги претходно испечените и изладени јаболка, па ставете да се печи. Печете околу 30 мин. или во зависност од рерната.

Откако се испекло, уште додека е врело, превртете на тацна (јаболката треба да се одозгора) и оставете потполно да се излади.

Шлагот изматете според упатството за упетреба и со него украсете ја тортата.

 

На здравје!

 


Пита со јаболка

Состојки

  • 500гр. кори за баклава

За попрскување на корите

  • 200мл. зејтин
  • 4 лажици гриз
  • 8 лажици шеќер
  • 1 пакетче ванилин шеќер

 Фил

  • 1,5 кг. јаболка
  • 2-3 полни лажички цимет

И уште

  • 2 лажици зејтин
  • 2 лажици газирана вода

 

Подготовка

Јаболката излупете ги и изрендајте ги на покрупната страна од рендето. Додадете го циметот и убаво промешајте.

Рерната загрејте ја на 180°С.

Двете врсти на шеќер ставете ги во еден сад и додадете го гризот па измешајте.

Земете една кора, попрскајте ја со зејтин, ставете од смесата шеќер-гриз. Врз неа ставете уште една кора, повторно попрскајте со зејтин па ставете од шеќерот измешан со гриз. Ставете и трета кора и повторете ја постапката со зејтинот и смесата шеќер-гриз.

Врз целата површина од третата кора ставате од ренданите јаболка кои претходно сосема малку ќе исцедите. Јаболката треба да имаат сок во нив за питата да биде посочна. Завиткајте внимателно ролат без притоа да притискате. Ставете во намастена тава за печење. Повторете ја постапката со останатите кори. Во зависност од дебелината на корите можете и по четири кори да ставате за еден ролат.

Откако сте завршиле со роловањето, премачкајте ги ролатите со мешавина од зејтин и газирана вода. Исечете на парчиња и ставете питата да се пече. Кај мене беа доволни 40 минути.

Откако ќе се испечи, оставете малку да се подизлади, па вадете ги парчињата и посипете ги обилно со шеќер во прав.

 

Предлог

Послужете ја питата топла во прилог со ванилин сос. Милина! :)

 

Добар апетит!

 

 


Big Bowl Donuts (Зебра крофни)

Состојки

  • 175мл млеко
  • 40гр путер
  • 400гр брашно
  • 1 пакетче сув квасец (7гр)
  • 50гр шеќер
  • прстофат сол
  • 1 јајце
  • 1 жолчка
  • 1 лажица какао во прав
Шеќерен прелив
  • 50гр шеќер во прав
  • 1-2 лажички сок од лимон (или вода)
За полнење
  • 1 пудинг од ванила подготвен според упатсвото, или готов пудинг од ванила

 

Подготовка

Млекото и путерот ставете да се загреат додека путерот се стопи. Оставете да се излади до млако.

Во длабок сад ставете го брашното, шеќерот, квасецот, солта, јацето и жолчката, додадете млекото со путерот и изматете ја смесата со миксер со маталките за тесто. Матете некои 4-5 минути па потоа префрлете го тестото на лесно набрашнета површина и со набрашнети раце продолжете со месење уште 5-6 минути. Тестото е лепливо ама такво треба да биде, не доставајте повеќе брашно. Доколку ви лепи на површината на која месите, помогнете си со шпатула за подобро да можете да го измесите.

Поделете го тестото на два еднакви дела. Едниот дел, растегнете го малку со раце и во средина ставете го какаото. Преклопете од сите страни и замесете повторно. Ако ви е полесно, вратете го тестото во садот каде матевте и со миксерот изматете го.

Двете теста ставете ги во посебни садови, затворете ги со стреч фолија и оставете ги на топло да стасаат (отприлика 1 1/2 час). Премесете ги, вратете повторно во садовите, покријте со стреч фолија и ставете ги во фрижидер да отстојат најмалку 3 часа. Јас тестото го подготвувам од вечер и го оставам преку ноќ во фрижидер. Двете теста извлечете ги на набрашнета површина во кори со дебелина од 1 см. Темната кора ставете ја врз светлата и замотајте ролат. Ролатот развлечете го во кора со дебелина од 1см. Така ќе добите тесто во црно-бели слоеви. Со чаша вадете форми со големина од 8 см.

Тестото што ќе ви остане од краевите, замесете го кратко и повторно сечете форми....сега веќе ќе добиете марморна мустра. Сечете повторно форми со чаша.

Крофните редете ги на крпа, покријте ги и оставете да стасуваат.Пржете ги на умерена температура (кај мене на 4 од 9) од двете страни. Вадете ги на кујнска хартија да се исцедат од вишокот маснотија и оставете малку да подоладат. Внимателно со нож, отстранете им ја средината одозгора.

Пудингот подгответе го според упатството, оставете да се излади. Кога ќе биде млак, изматете со миксер за да добиете мазна смеса и ставете во кеса за замрзнување на која ќе и го исечете врвот.

Шеќерот во прав измешајте го со сокот од лимон (или водата) за да добиете хомогена смеса. Ставете во кесичка за замрзнување на која ќе и го отсечете врвот.

Крофните напрскајте ги со шеќерниот прелив и полнете ги со пудинг. Одозгора можете по желба и да ги наросите со шеќер во прав.

Од оваа количина на состојки мене ми излегоа 10 крофни.

 


Црна торта

Состојки

 

Тесто

  • 6 јајца
  • 250гр. шеќер
  • 2 лажици ладна вода
  • 5 лажици брашно
  • 1/2 пакетче пециво
  • 16 лажици мелени ореви
  • сок од 1 портокал (за попрскување на корите)

 

Фил

  • 1/2 л. млеко + 4 лажици шеќер
  • 1 јајце
  • 3 лажици шеќер
  • 3 лажици брашно
  • 100гр. чоколадо за готвење
  • 250гр. путер (или маргарин)
  • 4 лажици шеќер во прав
  • 2 лажици какао во прав
  • рендана кора од 1/2 портокал
  • 200гр. мелени ореви

 

За украсување

  • 2 пакетчиња шлаг пена + млеко по потреба

Подготовка

Во еден длабок сад убаво изматете ги јајцата и шеќерот додека да добиете убава кремаста, светла смеса. Додадете ја водата, по неа брашното измешано со пецивото и на крај мелените ореви. Промешајте кратко и смесата истурете ја во плех од рерна кој претходно сте го намрсиле и послале со хартија за печење.

Печете на 180 степени во претходно загреана рерна околу 15-тина минути во зависност од рерната (направете проба со чепкалка).

Откако ќе се испече, превртете ја тавата на чиста кујнска крпа за да излезе тестото, отстранете ја хартијата од него и оставете да се олади. Исечете го потоа на три еднакви ленти.

 

Подготовка на филот

400мл. млеко и шеќерот (4 лажици) ставете ги да се варат. На страна во еден длабок сад убаво изматете го јајцето со трите лажици шеќер, додадете ги останатите 100 мл. млеко и брашното. Убаво промешајте и оваа смеса ставете да се вари во веќе зовриеното млеко. Додадете го и чоколадото и мешајте енергично додека филот се згусне. Тргнете на страна, покријте го филот со стреч фолија и оставете потполно да се олади.

Изматете го путерот со шеќерот во прав и какаото. Во оваа смеса додадете го претходно подготвениот фил и убаво изматете. Додадете ја ренданата кора од портокал и мелените ореви. Подготвениот фил ставете го во фрижидер малку да олади и да се стегне.

 

Секоја кора се попрскува со сокот од потокал и се филува со поготвениот и оладен фил. На крај, премачкајте ја со шлаг пена подготвен спрема упатсвото на опаковката и украсете по желба.

 

Тортава е лапни-голтни, јас никогаш не застанувам на едно парче од неа :)

 


Розен пита со афион

Состојки

  • 1 пакување розен кори (8 кори)

Ванила крем

  • 20гр пудинг со ванила-бурбон арома
  • 200мл млеко
  • 3 лажици шеќер
  • 2 жолчки
  • 100мл слатка павлака

Фил од афион

  • 450мл млеко
  • 150гр шеќер
  • 120гр путер
  • 200гр мелен афион
  • 90гр мелени бисквити

Чоколадна глазура

  • 100гр чоколадо за готвење
  • 30гр свинска маст (или путер)

 

Најпрво да нагласам дека питава не е многу блага, кој си е љубител на послатки десерти, ќе треба да достави шеќер барем во филот од афион. Нам блажината ни беше таман.

 

Подготовка

Најпрво подгответе го ванила кремот. Во дел од млекото растворете го пудингот, додадете го шеќерот и жолчките и убаво изматете со жица за матење. Остатокот од млекото ставете да зоврие, додадете растворениот пудинг и сварете го кремот. На површината од кремот ставете стреч фолија и оставете потполно да излади. Слатката павлака изматете ја убаво и додадете ја во изладениот ванила крем. Изматете со миксерот. За да не ви се направат грутчиња, најдобро прво со миксер изматете го пудингот па потоа додадете ја изматената слатка павлака.

Фил од афион

Ставете го млекото заедно со шеќерот и путерот да се свари. Откако ќе зоврие додадете го афионот и мелените бисквити и продолжете со варење уште 2-3 минути. При тоа мешајте цело време со жица за матење.

Чоколадна глазура

Чоколадото и маста ставете да се стопат на пареа.

Филување

Корите се филоваат со врел фил од афион, а ванила кремот е ладен.

Кора 1-3 се филува со врел фил од афион

Кора 4 се филува со ванила крем

Кора 5-7 се филува со врел фил од афион

Кора 8 се филува со чоколадна глазура (нареден ден)

Откако ќе ги исфилувате корите, одозгора ставете стреч фолија или послужавник па на него некој потежок предмет (книга или сл.), оставете така преку ноќ во фрижидер па наредниот ден премачкајте ја питата одозгора со чоколадната глазура. Оставете 15-тина мунути во фрижидер да се стегне па сечете парчиња по желба.

 


Еберсвалдер пржен колач

Тестото за овие колачи е како за еклери, само што не се печат, туку се пржат. Се добива пециво кое однадвор е крцкаво, а внатре е меко како облаче :)
Состојки
  • 500мл млеко
  • 125гр путер
  • 1/2 лажичка сол
  • 300гр брашно
  • 7 големи јајца (величина Л) или 8 средни јајца (величина М)
  • околу 1л масло за пржење
  • по потреба и желба шеќер во прав, шлаг пена, пудинг од ванила
Подготовка
Млекото, солта и путерот ставете ги да се варат. Откако ќе зоврие, додадете го наеднаш брашното и мешајте ја смесата брзо и енергично со дрвена лажица. Кога на дното од тенџерето ќе се направи бел слој/филм и тестото ќе се оформи во топка, тргнете го на страна и оставете да се излади. Додавајте ги јајцата едно по едно при тоа матете со миксерот со спиралните маталки. Ќе добиете сјајно и лепливо тесто. Ставете го во слаткарска кеса на која претходно сте наместиле модла со голем звездест отвор. Ставете го зејтинот да се загрее во длабоко тенџере. Загревајте на средна температура (кај мене беше на 4 од 9). Доколку пржите во фритеза, загревајте на 175 степени. Од хартија за печење исечете неколку квадрати (3-4) со големина отприлика 12/12см. Секој од нив премачкајте го со зејтин. На секој квадрат ишприцајте од тестото прстени со големина од околу 8см. Прстенитете правете ги дупли, во два реда. Значи, со еден потег правите еден прстен со шприцот и врз него уште еднаш со шприцот правите друг прстен. Така колачите при пржењето ќе добијат во висина. Откако зејтинот се загреал, земете го едниот прстен заедно со хартијата и превртете го наопаку во зејтинот. Веднаш ќе се излизга од хартијата и падне во зејтинот за пржење. Истото направете го и со другите. Не ја фрлајте хартијата, врз неа повторно правете прстени од тестото. Штом сте ги ставиле колачите да се пржат, затворете го тенџерето со капак и оставете така 1 минута да се пржат. Тргнете го капакот и продолжете со пржење додека едната страна убаво да порумени па превртете ги прстените од другата страна. Повторно затворете го тенџерето со капак и оставете така 1 минута. Тргнете капакот и оставете да се допржат колачите. Ова е за колачите убаво да нараснат при пржењето. Кога се готови наросете ги обилно со шеќер во прав или направете шеќерен прелив со што ќе измешате шеќер во прав со сок од лимон и вода и со таа смеса ќе ги премачкате колачите. Може во средината да ставите шлаг пена или пудинг од ванила, да ги натурите со чоколаден прелив, комбинирајте со овошје...Од оваа количина на состојки јас добив 25 колачи.