Фокача со шери домати и рузмарин

13.12.2020

 Состојки

  • 450 гр. брашно
  • 450 мл. вода, млака
  • 2 лажички сол
  • 1/2 лажиче шеќер
  • 2 пакетчиња сув квасец
  • 150-200 гр. шери домати
  • 3 лажици маслиново масло
  • сув рузмарин
  • малку сол

Подготовка

Во еден подлабок сад ставете го брашното, солта, шеќерот, сувиот квасец и со постојано мешање со дрвена лажица додавајте ја водата. Убаво измешајте за да нема грутчиња. Затворете го садот со фолија и оставете 4-5 часа во фрижидер да надојде тестото.
На хартија за печење, во една подлабока тава, истурете го тестото. Притоа, најдобро е тестото што помалку да го мешате за да остане сунѓересто. Покријте со крпа и оставете го да мирува околу 40-50 минути на собна температура.
Шери доматите исечете ги на пола. Тестото попрскајте го со маслиново масло и одозгора ставете ги доматите. Наросете сув рузмарин и посолете и ставете да се пече на 200°С околу 20-тина минути или додека фокачата не добие златно-жолта боја.
Кога ќе е печена, извадете ја од тавата заедно со хартијата за печење и оставете 20-тина минути да се олади па потоа сечете.

 

Напомена: одозгора можете да ставите состојки по желба, маслинки, пиперчиња, кромид....

Доколку сакате тестото да стасува преку ноќ, тогаш ставете 9гр. свеж квасец, замесете со ладна вода и ставете во фрижидер да стасува. Наредното утро, оставете тестото саат и половина да стаса па печете.

 

 


Брза пита со готови кори

26.09.2020

 Состојки

  • 500гр. тенки кори (за баклава)
  • околу 200мл. зејтин
  • 300гр. сирење
  • 4 јајца
  • околу 400мл. млеко

За премачкување на питата

  • 2 лажици зејтин
  • 2 лажици газирана вода

Подготовка

Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени.

Корите поделете ги по 3-4 за секој ролат.

Секоја кора се прска со неколку лажици зејтин. На третата кора се става дробено сирење, се витка внимателно во ролат и се реди во правоаголна тава. Од 500гр. кори мене ми излегуваат 5 ролати. Откако ќе ги направите ролатите, премачкајте ги со мешавината од зејтин и газирана вода и исечете ги на парчиња со големина по ваша желба.

На страна изматете ги јајцата со жица за матење, насолете и додадете го млекото. Со оваа смеса налејте ја питата и ставете да се пече 30 минути на 200 степени и уште 10 минути на 180 степени.

Оставете малку да излади па служете.

 


Лиснати кифли

01.05.2020

 Состојки

  • 1кг. брашно
  • 1 коцка свеж квасец (42гр.)
  • 250мл. млако млеко
  • 250мл. јогурт
  • 3 јајца
  • 1 шоља за кафе зејтин (околу 170мл.)
  • 3 лажички шеќер
  • 1 лажица сол

За премачкување на кифлите

  • по потреба маргарин (околу 150гр.)
  • 1 јајце
  • сусам и сол

Подготовка

Квасецот заедно со 1 лажица брашно и 1 лажичка шеќер (од вкупната количина) растопете го во млекото и оставете да надојде.

Во длабок сад ставете ги сите состојки и замесете фино, еластично тесто. Јас го месев во кујнска машина, најпрво 3 мин. на најниска брзина додека да се спојат убаво состојките и потоа 10 минути на повисока брзина за убаво да се измеси тестото.

Префрлете го на намастена површина. Веднаш се дели на четири дела. Од секој дел се прават по десет топчиња, се покриваат со крпа и оставаат 10 мин да одморат. Јас ги редев во четири реда да бидат по десет топчиња.

Сега, од првиот дел од кој направивете топчиња, земете ги и секое исукајте го во круг со големина од тацна за кафе. Се премачкуваат убаво со маргарин и се редат една врз друга. Последната коричка нај одозгора, не се мачка со маргарин. Истото повторете го со останатите топчиња тесто. Треба да имате четири купчиња со по десет кори. Се покрива со крпа и остава да одмори 10тина минути.

Земете го првото купче со корички и развлечете тенка округла кора со пречник отприлика 30-32см. Сечете триаголници по желба, кај мене секоја кора ја сечев на 16 триаголници. Виткајте ги кифлите и редете ги во подмачкани плехови. Покријте со крпа и оставете да стасаат.

Вклучете ја рерната на 180 степени.

Кифлите премачкајте ги со изматено јајце, насолете ги со крупна сол и посипете ги со сусам.

Се печат 20тина минути.

 


Бел леб со тангзхонг

16.02.2020

Леб мек како памук. Вкусот ми наликува на млечна кифла. Корката е тенка и мека.

 

Состојки

Тангзхонг

  • 50гр. брашно Тип 500/550
  • 10гр. сол
  • 110гр. вода
  • 110гр. млеко

Тесто

  • тангзхонг
  • 450гр. брашно Тип 500/550
  • 80-90гр. млеко
  • 50гр. кафеав шеќер
  • 40гр. ладен путер (на коцки исечен)
  • 1 јајце
  • 10гр. свеж квасец

За премачкување

  • 1 жолчка
  • 10гр. млеко

Погдготовка

Најпрво подгответе го тангзхонг тестото - сите состојки ставете ги во едно тенџере или тава, измешајте ги да нема грутки и ставете да се вари. За цело време мешајте со жица за матење додека смесата да се згусне и стане како пудинг. Префлете го тестото во длабок тањир и покријте со стреч фолија (слика 1). Оставете така да отстои најмалку 2 часа. Можете и од вечер да го подготвите и да го ставите да стои во фрижидер до наредниот ден.

Сите состојки за тестото замесете ги во кујнска машина или на рака. Во кујнска машина се меси 15 минути на мала брзина, последната минути се меси на повисока брзина. Тестото треба да убаво измесено и еластично. Направете проба, со тоа што мал дел од тестото ќе го развлечете, ако не се кине тогаш е добро измесено (слика 1). Оформете топка од тестото и ставете го во намастен длабок сад. Покријте со крпа и оставете да нараснува 2 часа. За ова време тестото треба значително (најмалку дупло) да нарасне (слика 1).

Префрлете го тестото на лесно набрашнета маса, и со раце израмнете го. Поделете го на 5 еднакви дела (тежат околу 175-180гр.), секој дел по неколку пати предиплете го кон средината и оформете топчиња (слика 2). Покријте ги со крпа и оставете 20 минути да одморат.

Земете едно топче и со помош на сукало развлечете го во овална форма. Горниот дел предиплете го кон средината, исто и долниот дел. Сврете го го сега, така што отворените страни да бидат горе и долу. Поминете го со сукало и формирајте ролатче (слика 3). Ставете во намастена долгнавеста форма. Истото повторете го со сите топчиња тесто. Покријте со крпа и оставете околу 3 часа да нараснува. Модлата треба да се наполни со тесто, односто тестото треба да дојде до работ на модлата (слика 4). Кога ќе видите дека тестото доста нараснало (еден час пред печење), вклучете ја рерната на 180 степени да се загрева. Премачкајте со мешавината од жолчка и млеко. Се печи 30-35 минути. На половина време од печењето, покријте го со хартија да не ви изгори.

Откако се испекол, оставете го лебот кратко во модлата да отстои па потоа извадете го и ставете на решетка убаво да се излади.

 


Мешан леб - рецепт за почетници

02.02.2020

Состојки за леб од 1кг.

  • 405гр. пченично интегрално брашно
  • 135гр. ржано интегрално брашно
  • 215гр. вода
  • 12гр. сол
  • 0,3гр. свеж квасец
  • 215гр. кисело млеко (3,5% масленост)
  • 15гр. оцет (јас користев јаболков)

Подготовка

Сите состојки измерете ги на вага (и течните) и ставете ги во длабок сад. Измесете го тестото рачно, во кујнска машина или со миксер (спирални маталки). Тестото ќе биде лепливо. Оставете го да стасува 24 часа. На секои 8 часа предиплувајте го тестото (од една страна заштипете го со прсти тестото, повлечете го во косина нагоре, и префрлете го кон средината....така од секоја страна).  После тие 24 часа, оформете го тестото на набрашнета површина и ставете го во длабок сад во кој претходно сте ставиле памучна крпа и добро сте ја набрашниле. Покријте го садот и оставете го тестото еден час да одмори.

Рерната заедно со едно тенџере со капак, загрејте на 250 степени.

Тестото префрлете го на хартија за печење, и со помош на хартијата ставете го во заграното тенџере. Поклопете со капак и ставете во рерна. Веднаш намалете ја температурата на 230 степени. Се печи вкупно 50 минути. Тргнете го капакот 10 минути пред крајот на печењето за лебот убаво да се потпече.

Ставете го испечениот леб на решетка и оставете потполно да се излади.

 

Забелешка:

Доколку немате прецизна вага за да ја измерите точната грамажа на квасецот, тогаш земете малку од квасецот и оформете топче со големина на мало зрно од грашак. Тоа е отприлика 0,3гр.

Околу предиплувањето на тестото.....јас лебот го замесив навечер, така да првото предиплување кај мене беше после 12 часа, второто после 18 часа (го замесив вечерта во 19 часот, прво предиплување во 07 часот наутро, второ предиплување во 13 часот, печев во 20 часот).

 


Перфектен тост леб

24.01.2020

Состојки

  • 330гр. млеко
  • 120гр. Лиевито Мадре (од фрижидер)
  • 333гр. сенаменско брашно Тип 500/550
  • 138 гр. Семола римацината (мелен гриз)
  • 27гр. путер
  • 11гр. сол
  • 11гр. шеќер
  • 7гр. свеж квасец

Подготовка

Сите состојки освен квасецот, ставете ги во длабок сад и со миксер (спирални маталки) или во кујнска машина, изматете 3 минути со најмала брзина за да се спојат состојките. Покријте со крпа и оставете 20 минути да отстои, односно да набабри брашното од гриз. Тестото ќе биде лепливо (слика 1).

Додадете го квасецот и матете со повисока брзина наредни 10-12 минути. При крајот, тестото треба да се одвојува од страните на садот. Што поеластично е тестото, тоа повоздушеста ќе биде средината на лебот. Предиплете го по еднаш од сите страни и ставете во лесно намастен длабок сад (слика 2). Покријте со крпа и оставете на топло да стасува околу 90 минути.

Долгнавеста модла со капацитет од 1,5 литар, намастете ја со путер. Рерната вклучете ја да се загрева на 220 степени.

Тестото ставете го на набрашнета површина, и од него формирајте цилиндрична форма со должина колку модлата во која ќе печите. Исечете го на четири еднакви дела (слика 3). Секој дел ставете го во модлата, и тоа така да пресекот биде свртен кон страничните (долгите) зидови на модлата. Поклопете ја модлата и оставете да стасува 90 минути или додека убаво нарасне и ја наполни модлата со тесто еден прст под работ (слика 4). Ставете да се печи 38-48 минути во зависност од материјалот на модлата. Веднаш штом се испекол, извадете го од модлата и оставете на решетка да се излади.

 

Забелешка: Најдобро е да користите модла со капак, или пак да најдете некој соодветен капак со кој ќе можете да ја затворите модлата. Бидејќи тестото во печењето многу нараснува, а ние сакаме да ја задржиме четвртастата форма на тост лебот, врз капакот ставам уште еден потежок капак од леано железо. Во спротивно, лесниот капак од мојата модла, не го задржува тестото да не се крене нагоре, а со тоа и капакот се крева.

 


Медитерански селски леб

23.01.2020

Состојки

  • 200гр. Лиевито Мадре (рецепт има подолу во објавите)
  • 350гр. млака вода (30°C)
  • 200гр. Семола римацината (мелен гриз)
  • 200гр. брашно за пица или замена сенаменско брашно Тип 500/550
  • 10гр. мед
  • 1гр. свеж квасец
  • 12гр. сол
  • 15гр. маслиново масло

Подготовка

Лиевито Мадре заедно со водата ставете ги во длабок сад, и со жица за матење енергично изматете за да добиете бела пена (како кога матите белки). Покријте со крпа и оставете 30 мин. да одмори.

Додадете го брашното за пица и семолата (мелениот гриз) и кратко изматете со миксер (спирални маталки) за да се спојат состојките. Покријте повторно со крпа и оставете 60 мин. да отстои тестото.

Додадете го квасецот и медот и матете со мала брзина на миксерот 8-10 минути. Додадете солта и маслото, малку зголемете ја брзината на миксерот, и продолжете со матење уште 2-3 минути.

Покријте со крпа и ставете го да стасува 1,5-2 часа на температура од 26-28°C (на собна температура од 20-22°C ќе ви треба дупло повеќе време). После 30 и 60 минути диплете го тестото од сите страни.

Префрлете го тестото на добро набрашнета површина, и со помош на шпатула оформете топка. Во длабок сад ставете една памучна крпа и убаво набрашнете ја. Ставете го оформеното тесто во неа, покријте со друга чиста крпа, и ставете во фрижидер да отстои 12-14 часа на температура од 5°C (при температура од 8°C се скратува времето на 8-10 часа).

Вклучете ја рерната да се загрева на 250 степени. Пекач/тенџере од леано (гусано) железо со капак или пак длабок земјен сад со капак ставете во рерната да се загреат.

Извадете го тестото од фрижидер и префрлете го на хартија за печење. Направете длабок рез на тестото по должината. Ставете го во врелиот пекач (заедно со хартијата), поклопете со капак и ставете да се печи вкупно 45 минути. После 20 минути намалете ја температурата на 220 степени. 10 минути пред крајот на печењето, тргнете го капакот и оставете да се допечи.

Извадете го печениот леб од пекачот и оставете го на решетка да се излади потполно.

 

Забелешка: Можеби ќе ви се чини целава постапка комплицирана или дека има многу работа околу подготовката. Вкупно работа околу лебов имате најмногу 30 минути, останатото време тестото само си го прави своето. Кај мене тестото стои на собна температура околу 21-22 степени и го оставам 4 часа да нараснува. Го предиплувам после еден и после два часа стоење. Температурата во фрижидерот кај мене е 7 степени и тестото стои 11 часа во него.

Значи, со подготовката започнувам нпр. во сабота на кај 14-15 часот, а лебот го ставам да се печи во недела наутро околу 7-8 часот. Ова го пишувам со цел, оној кој ке си реши да го подготви лебов, да знае како да си го испланира времето, се разбира според можностите.

 


Домашен леб (со Лиевито Мадре)

06.01.2020

Состојки

 

Предтесто

  • 150гр. вода
  • 3гр. свеж квасец
  • 150гр. сенаменско брашно Тип 550 (или Тип 500)

Тесто

  • предтесто
  • 350гр. сенаменско брашно Тип 550 (или Тип 500)
  • 140гр. Lievito Madre потхрането претходниот ден и отстојано преку ноќ на собна температура
  • (5гр. свеж квасец доколку не користите Lievito Madre)
  • 40гр. вода
  • 150гр. кисело млеко
  • 14гр. сол
  • 2 лажички мед

Подготовка

За предтестото, квасецот растворете го во водата, додадете брашното. Измешајте убаво, покријте со крпа и оставете на топло да стасува 4 часа.

Сите состојки за тестото ставете ги во длабок сад и замесете тесто. Доколку месите во кујнска машина, се меси 12 минути. На рака месено, ќе ви треба подолго време, некаде 20тина минути. Ставете го тестото во намастен длабок сад, покријте со крпа и ставете го на топло да стасува 1 час. Премесете го тестото како да го диплите, преклопете го од горе до половина, па долната страна до половина...истото и со страниците. Така неколку пати, оформете топка и вратете го во садот повторно да стасува 1 час. Повторно диплете го тестото и повторно вратете го во садот повторно да стасува 1 час. После овие поминати 3 часа, повторно диплете го тестото, оформете топка и ставете го во садот за печење. Покријте со крпа и оставете да стасува на топло 90-120мин. Потоа засечете го тестото одозгора.

Рерната вклучете ја да се загрева на 250 степени. Ставете го лебот во добро загреаната рерна, напрскајте во рерната со вода за да се направи пареа, затворете, и оставете така да се печи 20 минути (после 10 минути отворете ја на кратко рерната за да излезе пареата). Намалете ја температурата на 200 степени и продолжете со печење уште наредни 20 минути.

Извадете лебот од тавата и оставете на решетка потполно да се излади.

 


Американски путер тост

31.12.2019

Состојки

 

Предтесто

  • 100гр. сенаменско брашно Тип 550 (или Тип 500)
  • 100мл. матеница (или кефир, или јогурt измешан со вода)
  • 3гр. свеж квасец
  • 3гр. сол

Тесто

  • предтесто
  • 400гр. сенаменско брашно Тип 550 (или Тип 500)
  • 100гр. високо глутенско пченично брашно Тип 1050
  • 120мл. матеница (или кефир, или јогурт измешан со вода)
  • 80гр. Лиевито Мадре (рецепт видете подоле во објавите)
  • 150мл. млеко
  • 25мл. вода
  • 35гр. путер
  • 20гр. шеќер
  • 10гр. сол
  • 5гр. свеж квасец (доколку не користите Лиевито Мадре, зголемете на 10гр.)

Подготовка

За предтестото, соединете ги сите состојки со миксер, со спиралните маталки. Покријте со крпа и оставете да отстои 4 часа.

Подготовка на лебот

Сите состојки точно измерете ги, и сите, освен путерот ставете ги во длабок сад. Измесете тесто, или доколку имате кујнска машина, измесете го со маталката за тесто. Треба подолго време да се меси...на почеток тестото ќе биде компактно, подоцна ќе почне да лепи....такво треба да биде. Со машина се меси вкупно 10 минути (на рака некаде околу 15-20 мин.) После тоа, се додава путерот и се меси наредни 2 минути (на рака, 4 минути).

Оформете топка и ставете го тестото во намастен длабок сад, покријте со крпа и оставете на топло да стои најмалку 1 час, а најдобро 3 часа.

Поделете го тестото на 5 дела, секој дел тежи некаде околу 230гр. Секој од нив се премесува, т.е. „дипли“ како кога се прави лиснато тесто. На крај завиткајте ролничка и ставете во намастена долгнавеста форма за леб. Внимавајте на големината на формата, тестото во печењето ќе нарасне 3 пати повеќе. Користете или една поголема форма, или две помали.

Оставете да нарасне 1 час.

Рерната вклучете ја да се загрева на 240 степени. Се пече вкупно 40тина минути. Ставете го лебот да се пече и веднаш намалете ја температурата на 200 степени. Отворете повторно рерната и нашприцајте неколку пати со вода за да се направи пареа. После 10 минути, отворете ја вратата од рерната за да излезе пареата. Потоа, продолжете со печење наредни 30 минути.

Откако ќе се испече, веднаш со четка лебот се премачкува со вода, се вади од формата и се остава потполно да се излади.

Сечете парчиња и уживајте во вкусот на прекрасниов леб.

Верувајте, поубав леб немам пробано до сега!

 


Lievito Madre (брза варијанта за 5 дена)

31.12.2019

Лиевито Мадре е италијанско кисело тесто (квас) кое освен брашно, содржи мед и маслиново масло. Се користи за подготовка на леб, панетоне, тесто за пица...Обично, потребни се 25 дена за подготовка на овој квас, но, еве и побрза и успешна варијанта за подготовка на истото. Лебот подготвен со овој квас е посебно вкусен....Но, колку и да го опишувам вкусот, нема да можам навистина да ви го доловам. Затоа пробајте, сигурна сум дека ќе ви се допадне домашниот леб подготвен со овој квас.

 

1. Ден

  • 100гр. сенаменско брашно Тип 550 (или Тип 500)
  • 50мл. вода
  • 1 лажиче маслиново масло
  • 1 лажиче мед

Замесете еластично тесто од овие состојки, доколку ви лепи на рака додадете сосема малку брашно. Оформете топка, засечете крстно и ставете ја во поголема чиста тегла. Капакот само ставете го одозгора, не ја затворајте теглата. Оставете на топло место да стои 24 часа.

 

2. Ден (после 24 часа)

  • 100гр. од претходно подготвеното тесто
  • 100гр. сенаменско брашно Тип 550 (или Тип 500)
  • 50мл. вода

Замесете тесто од состојките, оформете топка, засечете ја и ставете повторно во тегла. Поклопете со капак и оставете на топло место да стои 12 часа.

 

После 12 часа

  • 100гр. од претходно подготвеното тесто
  • 100гр. сенаменско брашно Тип 550 (или Тип 500)
  • 50мл. вода

Замесете тесто од состојките, оформете топка, засечете ја и ставете повторно во тегла. Поклопете со капак и оставете на топло место да стои 12 часа.

 

3. Ден (после 24 часа)

  • 100гр. од претходно подготвеното тесто
  • 100гр. сенаменско брашно Тип 550 (или Тип 500)
  • 50мл. вода

Замесете тесто од состојките, оформете топка, засечете ја и ставете повторно во тегла. Поклопете со капак и оставете на топло место да стои 24 часа.

 

4. Ден (после 24 часа)

  • 100гр. од претходно подготвеното тесто
  • 100гр. сенаменско брашно Тип 550 (или Тип 500)
  • 50мл. вода

Замесете тесто од состојките, оформете топка, засечете ја и ставете повторно во тегла. Поклопете со капак и оставете на топло место да стои 12 часа.

 

После 12 часа

  • 100гр. од претходно подготвеното тесто
  • 100гр. сенаменско брашно Тип 550 (или Тип 500)
  • 50мл. вода

Замесете тесто од состојките, оформете топка, засечете ја и ставете повторно во тегла. Поклопете со капак и оставете на топло место да стои 12 часа.

 

5. Ден (после 24 часа)

  • 100гр. од претходно подготвеното тесто
  • 100гр. сенаменско брашно Тип 550 (или Тип 500)
  • 50мл. вода

Повторно замесете тесто од состојките и оставете на топло да стои 6 часа. Би требало волуменот да е зголемен за 2-3 пати.

 

Квасот најдобро е да се користи кога е хранет еден ден пред употреба, но да не стои повеќе од 14-18 часа.

Се чува во фрижидер, се потхранува еднаш неделно. Пред употреба барем 4 саати да отстои на собна температура. Чуван во фрижидер има трајност од најмалку 3 недели.

 


Празнична погача

28.12.2019

Сoстојки

  • 750гр. брашно
  • 1 лажица сол
  • 2 пак. (14гр.) сув квасец
  • 1 лажиче шеќер
  • 375мл. млако млеко
  • 2 јајца
  • 1 белка
  • 80гр. стопен путер

За премачкување на тестото

  • 75гр. омекнат путер

 

 

За премачкување на погачата

  • 1 жолчка

Подготовка

Квасецот растворете го во еден дел од затопленото млеко и додадете го шеќерот. Оставете да стаса.

Во длабок сад, ставете го брашното и останатите состојки. Ставете го стасаниот квасец и замесете фино, еластично тесто кое нема да лепи на рака. Месете го 10тина минути. Покријте со крпа и оставете да стасува на топло 1 час, додека да го дуплира волуменот.

Размесете го тестото и поделете го на 4 топки. Една топка од нив поделете ја на два дела од кој едниот ќе биде помал од другиот.

Од помалиот дел оформете топче, а поголемиот дел поделете го на три дела, и од секој дел исукајте прачки со должина од 25см. Исплетете плетенка од нив и тргнете на страна. Покријте со крпа, тестото малку да одмори.

Од останатите три топки, исукајте од секоја од нив округла кора со големина колку десертен тањир. Првата кора премачкајте ја со 20гр. (од вкупно 75гр.) омекнат путер, врз неа ставете ја втората кора која исто така ќе ја премачкате со 20гр. омекнат путер. Одозгора ставете ја третата кора. Покријте со крпа и оставете малку да одмори тестото.

Тава со пречник од 26см. премачкајте ја добро со путер. Рерната вклучете ја да се загрева на 175 степени.

Во тавата во средина ставете го топчето од тесто.

Од трите кори развлечете правоаголна тенка кора која ќе ја премачкате со останатите 35гр. омекнат путер. Завиткајте во ролат и сечете парчиња со дебелина од 3см. Редете ги скалесто во тавата, притоа оставајте место од крајот на тавата и од топчето кое е во средина.

На крај, ставете ја и плетенката помеѓу топчето и парчињата од ролатот. Покријте со крпа и оставете повторно да стасува на топло 1 час.

Премачкајте со изматена жолчка, по желба наросете со сусам.

Се пече 45 минути. По потреба ставете одозгора хартија за печење за да не ви загори погачата.

 


Ачма - турско бело печиво

16.10.2019

Сoстојки

  • 1кг. брашно
  • 1 коцка свеж квасец
  • 250мл. млака вода
  • 1 лажица шеќер
  • 125мл. зејтин
  • 250мл. млеко
  • 2 белки
  • 1 лажиче сол

За премачкување

  • 2 жолчки
  • 2 лажици шеќер
  • 1 лажица вода

Подготовка

Квасецот растворете го во водата и додадете шеќерот. Оставете да запени.

Во длабок сад ставете го брашното, солта, белките, млекото и зејтинот па додадете го квасецот. Замесете тесто. Тестото месете го околу 10тина минути. Треба да добиете фино, еластично тесто кое нема да лепи на рацете. Оформете топка, премачкајте го со малку зејтин, ставете во длабок сад, покријте со крпа и оставете да стасува 30 - 60 минути или додека тестото да го дуплира волуменот. Јас садот го ставам во водена бања, побрзо и поубаво така ми нарастува тестото.

Рерната вклучете ја на 195 степени да се загрева.

Откако стасало, отсекувајте парчиња од тестото со тежина од околу 70гр. Секое парче исукајте го во прачка со должина од околу 15тина см. и завртете ја спирално како сврдел па оформете прстен. Краевите од тестото ставете ги одоздола. Редете во плехови на хартија за печење. Оставете да стасуваат околу половина час.

Жолчките заедно со шеќерот и водата изматете ги со вилушка. Со оваа смеса премачкајте го печивото и одозгора наросете со сусам. Печете 20 минути.

 

Напомена: Тестото е со неутрален вкус, така да може да се јаде во блага или солена варијанта.

 


Мекици со кисело млеко

Сoстојки

  • 250 мл млеко
  • 250 мл кисело млеко (или јогурт)
  • 1 јајце
  • 1 свеж квасец
  • 1 пециво
  • 2 лажички сол
  • 1 лажиче шеќер
  • 50 мл зејтин
  • околу 800гр. брашно (евентуално и повеќе)

Подготовка

Тестото најдобро е да го подготвите од вечер бидејќи нараснува повеќе часа во фрижидер. Мерката за брашно е отприлика, во зависност од брашното некогаш ставам и повеќе.

Во длабок сад ставете ги сите состојки освен брашното и измешајте ги со вилушка или жица за матење. Постепено додадете го брашното и замесете средно тесто кое малку ќе лепи на рацете. Една најлонска чиста кеса се намастува со 2-3 лажици зејтин. Се затвора и се гужва низ раце, со цел зејтинот да ги фати внатрешните страни на кесата. Тестото ставете го во кесата, заврзете ја кесата но, внимавајте да оставите доволно простор во неа за тетстото да може да нарасне, а ќе нарасне поприлично. Ставете ја во длабок сад и потоа во фрижидер. Тестото ќе почни да нараснува и да ја полни кесата. Наредниот ден со намрсени раце се прават топчиња и се редат на послужавник. Секое топче се зема во намрсена рака, се тегни и се става во врел зејтин да се пржи на умерена температура.

Тестото може до три дена да стои во фрижидер. Затоа, правете онолку мекици колку што имате потреба. Остатокот од тесто вратете го во фрижидер и искористете го наредниот ден за да направите тазе мекици.

 

 


Велигденски зајчиња

Сoстојки

  • 250мл. млеко
  • 1 коцка свеж квасец (+1 лажиче шеќер и 1 лажица брашно)
  • 500гр. брашно
  • 75гр. шеќер
  • 1 пакетче ванилин шеќер
  • прстофат сол
  • 1 јајце
  • 100гр. омекнат путер

За премачкување

  • 1 жолчка
  • лажици млеко
  • неколку зрна суво грозје
Подготовка

Во 100мл. млако млеко растворете го квасецот со 1 лажиче шеќер и 1 лажица брашно. Оставете да стаса.

Во длабок сад ставете ги течните состојки - јајцето, остатокот од млекото, стасаниот квасец, па додадете брашното, двете врсти на шеќер, солта и на крај путерот. Матете со миксер со спиралните маталки или изработете го тестото во кујнаска машина. Тестото е меко и лепливо. Покријте со крпа и оставете да стасува на топло 30-40 минути.

Откако ќе стаса тестото, префлете го на набрашнета површина и со набрашнети дланки оформете го во долга прачка. Сечете парчиња од тестото и формирајте топки, и тоа 8 топчиња со тежина од прилика 80 гр. и 8 топчиња со тежина од прилика од 40 гр. Земете едно големо топче и со ножици или остар нож пресечето го од крајот према средината, 2/3 од тестото треба да е пресечено. Ставете го во плех на хартија за печење и краевите малку подраширете ги. Со помалото топче направете го истото, пресечете го од крајот кон средината и ставете го со зашилените краеви нагоре помеѓу двата краја од поголемото топче во плехот (види дополнителни фотографии). Со прсти оформете ги убаво ушите на зајчето. Истото повторете го и со останатите делови од тестото. За очиња и носиња употребете го сувото грозје кое претходно ќе го исечкате.

Оставете ги оформените зајчиња да стасуваат некои 10-тина минути. Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени. Нараснатите зајчиња премачкајте ги со изматена жолчка со млеко и ставете ги да се печат околу 12-15 минути.

По желба можете да ставите во тестото и рендана кора од лимон.

Ќе добиете миризливо, вкусно и искучително меко пециво.


Козињак

Состојки

  • 500гр брашно
  • 30гр. свеж квасец
  • 250мл. млако млеко
  • 65гр. стопен путер
  • 2 јајца
  • 125гр. шеќер
  • рендана кора од 1/2 лимон
  • по желба суво грозје (околу 100гр.)

За премачкување

  • 1 јајце
  • 2-3 лажици шеќер

Подготовка

Квасецот растворете го во дел од млекото. Додадете една лажица брашно и половина лажица шеќер и осатвете да стаса. Во еден длабок сад ставете ги јајцата, шеќерот, кората од лимон, млекото и стопениот путер. Откако квасецот ќе стаса и него додадете го во садот. На крај ставете го и брашното. Матете со миксер со спиралните маталки околу 10-тина минути или додека тестото добие светла боја. Сувото грозје додадете го минута-две пред крајот на матењето. Тестото треба да е меко и лепливо. Покријте со крпа и оставете да стасува се додека го дуплира волуменот. Работната маса набрашнете ја. Истурете го тестото, натурете малку брашно и врз него и кратко премесете го. Поделете го на три дела исукајте прачки и исптлетете плетенка. Префрлете во голем долгнавест калап премачкан со зејтин и покриен со хартија за печење, покријте со крпа и оставете да стасува. Откако убаво стасало, премачкајте со матено јајце и по желба наросете со шеќер. Се печи на 190 степени во претходно загреана рерна околу 40 минути.

 


Петолебие - Поскура

Петолебието е кратка служба на Благодарност, преку која ја изразуваме нашата благодарност кон Бога за сите благослови во животот.

Овие пет мали лепчиња се подготвуваат за во црква, за богослужбата во петоците на велигденските пости.

 

Состојки

  • 750гр. брашно
  • 1 лажичка сол
  • 1 лажица шеќер
  • 1,5 пакетче сув квасец
  • 400-450мл. млака вода

Подготовка

Сите суви состојки се ставаат во длабок сад и со постепено додавање на водата се замесува средно и нелепливо тесто. Во зависност од брашното кое го користите, можеби ќе треба количината на водата да ја зголемите или намалите. Тестото ставете го во набрашнет длабок сад, покријте со крпа или фолија и ставете го садот во топла вода (бања) да стои 30тина минути или додека тестото да го дуплира волуменот. Премесете го тестото и повторно вратете го во набрашнетиот сад, покријте со фолија или крпа, и ставете го во топла вода наредни 30 минути да стасува. Откако стасало, поделете го тестото на 10 еднакви дела. Јас ги мерев на вага (по 120гр. тежеа), со цел лепчињата да ми бидат сите исти. Секој дел се расукува во округла форма. По две се лепат едно на друго, при тоа едниот дел премачкајте го со млака вода и одозгора ставете го другиот дел. Поскурникот (дрвен печат) набрашнете го и притиснете го тестото одозгора. Вака подгответе вкупно пет лепчиња. Ставете ги во убаво набрашнет плех, покријте со крпа и оставете да стасува 30 минути. Се пече 20тина минути на 180 степени во претходно загреана рерна.

 


Берлинци

 Состојки

Предтесто

  • 100мл. млако млеко
  • 1 коцка свеж квасец (42гр.)
  • 150гр. брашно
Тесто
  • 2 јајца
  • 3 жолчки
  • 80гр. шеќер
  • 350гр. брашно
  • 60гр. омекнат путер
  • 1 лажица рум (опционално)
  • рендана кора од 1/2 лимон
  • 1 мешунка ванила (средишниот дел)
И уште....
  • масло за пржење
  • шеќер во прав за посипување
  • мармалад, пудинг за полнење по желба
Подготовка
Подгответе го најпрво предтестото. Во еден длабок сад ставете го млекото и во него растворете го квасецот. Додадете го брашното и изматете со миксер со спиралните маталки. Матете додека да добиете еднолична смеса без грутки. Покријте со крпа и оставете на топло да стасува некои 20 минути.
Откако стасало, додадете ги јајцата претходно изматени со шеќерот. Матете повторно со миксер или пак во кујнска машина. Додадете го брашното и останатите состојки. Матете 7-8 минути. Тестото ќе биде меко и лепливо. Покријте го со крпа и оставете да стасува 15-тина минути. Повторно изматете и оставете да стасува. Повторете ја постапкава уште еднаш. Откако и по трет пат ќе стаса (стасувањето брзо оди), претурете го тестото на набрашнета површина, наросете малку брашно и врз тестото, и нежно и кратко размесете го со раце. Исукајте кора со дебелина од 1,5 см. и со чаша или калап вадете округли форми. Ставајте ги на набрашнета крпа, покријте и оставете 5-10 мин. да стасаат.
За тоа време ставете го маслото да се загрева. Јас пржев во фритеза на 175 степени. Пржете ги од секоја страна по отприлика 3 минути. Ставете ги на кујнска хартија да се исцеди вишокот на маснотија па потоа посипете ги со шеќер во прав и/или полнете ги по желба.
Овие крофни се полнат со мармалад или пудинг. Ние ги сакаме без фил, само посипани со шеќер во прав па така и ги претставувам. Крофните се пре, пре меки, и миризливи. Од оваа количина на состојки се добиваат 10-12 берлинци или во зависност од големината на калапот со кои ќе ги сечите.

Леб со компири (рецепт за пекач)

 Состојки

  • 300мл. млеко
  • 2 лажици путер на собна температура
  • 1 јајце
  • 90гр. компири (сварени и испасирани)
  • 1 лажичка сол
  • 2 лажици шеќер
  • 540гр. бело брашно
  • 1 пакетче сув квасец (7гр.)
Подготовка
Сите состојки треба да се по можност на собна температура. Ставете ги во модлата од пекачот и тоа по редоследот како се напишани погоре во рецептот. Јајцето изматете го претходно со вилушка. Вклучете го пекачот на опцијата за нормална функција („Нормал“ или „Базик“) кај која целиот процес трае 3 часа. За тежина на леб изберете ја опцијата од 1000гр. и јас ја одбрав средната опција на печење, значи не многу печена кора.
Откако ќе е готов, извадете го веднаш од модлата и оставете го на решетка да се излади околу 15-30 мин. на собна температура без да го покривате со крпа или сл.
Од оваа количина на состојки се добива леб со тежина од 1000гр. Вкусен е и наредниот ден доколку го чувате запакуван во најлонска кеса. Лебот е превкусен, со крцкава кора и многу, многу мека средина.

 


Памук тесто

Откако го пробав рецептов за кифли и погачи на Лиле, сите други рецепти кои претходно ги имав отидоа во заборав. Дури и Бадниковото лепче го правам по овој рецепт, со тоа што млекото го заменувам со вода и наместо со жолчка, го премачкувам со малку зејтин. Тестото е одлично за работа, исклучително нежно и меко. Пробајте, верувам дека ќе ви се допадне.

 

Состојки

  • 240мл. топла вода
  • 240мл. топло млеко
  • 240мл. зејтин
  • 5 лажици шеќер
  • 1 лажица сол
  • 1/2 коцка квасец (20гр.)
  • 840гр. брашно
  • жолчка за премачкување

Подготовка

Во водата ставете 2 лажици шеќер и растопете го квасецот во неа. Во длабок сад ставете го брашното, солта, остатокот од шеќер (3 лажици), зејтинот, млекото и растворениот квасец. Замесете меко и еластично тесто. Покријте со крпа и оставете да стасува додека да го дуплира волуменот. Премесете го тестото и формирајте кифли или погачи по желба. Се редат во подмачкан плех и оставаат да нараснат па се премачкуваат со жолчка. Се печат 20-25 минути на 180 степени во веќе загреана рерна.

 

 


Мини панетоне

Класичен рецепт од италијанската кујна. Сега му е времето за подготовка, бидејќи овој колач се подготвува за божиќните празници. Овој пат во поедноставна и мини верзија. Велам поедноставна бидејќи обично подготовката на панетонето трае и до 40 часа. Миризливо печиво, меко и лесно тесто, додека го печете целата куќа ви мириса на цитрусно овошје. Пред да започнам со објаснување на подготовката да напоменам дека спелтиното брашно, кај мене Тип 630, може 1:1 да го замените со обично бело брашно Тип 400.

 

 

 

 

 

Состојки

  • 125мл. млеко
  • 1/2 коцка свеж квасец
  • 1 лимон (само кората)
  • 300гр. спелтино брашно
  • 75гр. шеќер
  • 8 лажици зејтин
  • 2 јајца
  • прстофат сол
  • 1/4 лажичка морско оревче
  • 100гр. суви вишни (или брусница)
  • 50гр. суво грозје
  • 50гр. кандирана кора од лимон
  • 50гр. кандирана кора од портокал
  • 1 лажица коњак
  • 1 лажица путер за премачкување на формите
  • по потреба шеќер во прав
Подготовка
Најпрво, сувите вишни и грозје полијте ги со коњакот, измешајте и затворете го садот со капак или фолија да отстои најмалку 1 час. Млекото загрејте го до млако, додадете го квасецот и измешајте додека истиот се стопи. Во длабок сад ставете го брашното, шеќерот, морското оревче, ренданата кора од лимон, солта, зејтинот, јајцата и додадете го млекото со квасец. Матете со миксер со спиралните маталки додека сите состојки се соединат па додадете го сувото овошје и кандираната кора од лимон и портокал. Кратко измиксајте, покријте го садот со крпа и ставете на топло да стасува околу 1 час.
Тестото изматете го уште еднаш кратко. Модлите за мафини (со средна големина) премачкајте ги со путер и наполнете ги со тестото. Покријте и оставете 15-20 минути да стасува.
Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени (вентилатор на 160 степени). Ставете да се печи околу 20 минути. Откако се испекло, извадете го од формите и оставете 10 минути да се излади па посипете со шеќер во прав.
Оваа количина на состојки е доволна за 9 парчиња мини панетоне. 

Празничен леб со суво овошје

Состојки

  • 200гр. суви кајсии
  • 125гр. суви смокви
  • 125гр. суви урми
  • 125гр. суво грозје
  • 150гр. лешници
  • 3 лажици мед
  • 2 лажици рум
  • 1 лажиче цимет
  • 1/2 лажиче мелено каранфилче
Тесто
  • 250гр. брашно
  • 1 пакетче сув квасец (7гр.)
  • 1/4 лажиче сол
  • 2 лажици мед
  • 30гр. путер 
  • 125мл. млеко
Подготовка
Сувото овошје (кајсии, смокви и урми) исечкајте го на коцкички, ставете во длабок сад и додадете сувото грозје и лешниците. Ставете го медот, румот и зачините, убаво измешајте, покријте со капак или фолија и оставете најмалку еден час да отстои.
Млекото заедно со медот и путерот ставете да се загрее додека путерот се стопи. Оставете малку да излади, течноста треба да биде млака. Во еден сад ставете го брашното, солта и сувиот квасец, додадете го млекото и со миксер со спиралните маталки изматете додека да започне тестото да се одвојува од страните од садот. Продолжете со рачно месење уште неколку минути. Ставете го тестото во сад, покријте со крпа и оставете на топло да стасува околу 30 мин.
Кога стасало, додадете го сувото овошје и измесете повторно. Тука мене ми е полесно тестото да го извлечам во кора, го ставам овошјето во средина, преклопувам од сите страни со тесто и започнувам да го месам. Се меси додека целото овошје се спои со тестото.
Долгнавеста модла (димензии ца. 27 * 10 см.) навлажнете ја со малку вода и ставете хартија за печење. Со влажни дланки оформете го тестото во долгнавеста форма. Ставете во модлата, покријте со крпа и оставете на топло да стасува околу 40тина минути. Рерната загрејте ја на 175 степени. Ставете го лебот да се пече вкупно 75-85 минути или во зависност од рерната. Кога ќе зарумени (одприлика после 30 мин. печење) покријте го со фолија и оставете така до крај да се допече. Пред крајот проверете со нож или чепкалка дали е лебот печен.
Оставете убаво да се излади па завиткајте го во фолија. Најдобро да отстои најмалку два дена (најдобро две недели) во ладна просторија (никако фрижидер) за да го развие неговиот богат вкус. Рок на употреба има 1-2 месеци. Пред да послужите, посипете обилно со шеќер во прав.

 


Леб со зелен песто

Состојки

  • 800гр брашно
  • 3 пакетчиња сув квасец (21гр)
  • 500мл. вода (или по потреба)
  • 2 лажички мед
  • 4 рамни лажички сол
  • 100мл маслиново масло
  • 2 лажици мешани италијански зачини
  • 1 чешне лук
  • 6 лажици зелено песто

Подготовка

 

Во длабок сад ставете го брашното, квасецот, медот и солта. Постепено додавајте млака вода и месете додека не добиете убаво, мазно тесто кое не се лепи. Покријте го садот со крпа и оставете тестото на топло место да стаса (околу 30 мин.).

Во маслиновото масло ставете ги зачините и лукот и убаво промешајте . Тестото поделете го на два еднакви дела и потоа секоја половина на 1/3 и 2/3. Во помалиот дел ставете 3 лажици песто и убаво измесете. Во месењето додавајте по малку брашно за убаво да се спои тестото со пестото. Од поголемиот дел тесто, расукајте правоаголна кора со 1см. дебелина. Кората со песто исто така расукајте ја во правоаголна кора и ставете врз белата кора. Завиткајте во ролат. На истиот начин направете уште една векна од втората половина тесто. Наместо зелен песто, можете да ставите и црвено песто.

Ставете во подмачкана тава и засечете на косо на повеќе места. Премачкајте ги со смесата од маслиново масло и зачини. Оставете да стасаат околу 20 мин. и печете 30-тина минути на 200 степени во претходно загреана рерна.

Со овој леб послужете вкусно и свежо подготвено аиоли.

Пријатен апетит!

 

Забелешка

Во рецептот по кој јас го подготвував овој леб, стоеше 2 пакетчиња свеж кавсец. Јас се одлучив за сув бидејќи на оваа количина брашно е многу свеж квасец а и се чувствува неговиот мирис. На оние на кои тоа не им пречи, може да го спремат и со свеж.

 


Солени стапчиња со сусам

12.06.2018

Состојки

  • 200гр бело брашно
  • 100гр несолена урда или рикота
  • 1/2 лажичка оцет
  • 2 лажици маслиново масло
  • 75мл млеко
  • 1 лажичка сол (или по желба)
  • 1/2 кесичка пециво

За премачкување

  • 3-4 лажици млеко
  • по потреба сусам

 

Подготовка

Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Ставете хартија за печење во плехот од рерната. Во еден длабок сад ставете ги сите состојки за тестото и со неколку зафати замесете го. Не треба долго да се меси, штом видите дека почнува да се лепи за рацете готово е за оформување на стапчињата.

Од тестото одвојувајте парченца со тежина од 15гр и оформете ги во долги тенки прачки со дебелина колку еден прст. Редете ги во плехот. Откако сите сте ги оформиле, премачкајте ги со млеко и посипете обилно со сусам. Јас сусамот го ставам во широк сад, па стапчињата ги ставам со премачканата страна во сусамот.

Се печат околу 20 минути во зависност од рерната. Готови се кога ќе поруменат. Од оваа количина состојки мене ми излегоа 25 стапчиња.

Добар апетит!

 


Бурекот на Марта

Состојки

  • 500гр. кори
  • 250гр. сирење

За попрскување на корите

  • 200мл. газирана вода
  • 100мл. зејтин
  • 1 полна лажица густ јогурт
  • 1/2 лажиче пециво

Подготовка

Сите состојки за попрскување на корите соединете ги. 

Рерната вклучете ја да се загрева на 180 степени.

Округло тавче бр.26 (може и бр.28) премачкајте го со зејтин.

Наредете најпрвин три кори на кои краевите ќе им бидат надвор од тавчето. Секоја кора напрскајте ја со смесата. Потоа редете уште три кори, но овие згужвајте ги и секоја повторно се напрскува со смесата. Ставете од сирењето врз третата кора. Повторно редите три згужвани кори, секоја ја напрскувате и ставете врз третата кора сирење. Редете така се додека да се потрошат сите кори. Врз последната кора не се става од сирењето. Затворете го бурекот со краевите од корите кои се надвор од тавчето и премачкајте го со смесата.

Се пече 45 минути.

Добар апетит!

 


Елзашки куглоф

21.06.2018

Ова ми е посебно мил рецепт. Си го донесов од моето патување во Колмар - Франција. Секогаш кога го подготвувам, ме посетува на убавините на малото, бајковито француско гратче :).

 

Состојки

  • 500гр. брашно
  • 100гр. шеќер
  • 1 рамно лажиче сол
  • 150гр. омекнат путер
  • 2 јајца
  • 200мл. млако млеко
  • 25гр. свеж квасец
  • 75гр. суво грозје
  • 3 лажици рум
  • 40гр. цели бадеми (или по потреба)
  • по потреба шеќер во прав
Подготовка

Во сувото грозје додадете го румот, промешајте и оставете така 1-2 часа. Промешувајте од време на време за целото грозје да го впие румот. Квасецот растворете го во млакото млеко, додадете 1 лажица од вкупната количина на брашно и 1/2 лажица шеќер. Оставете квасецот да се активира. Во длабок сад ставете го брашното, путерот, солта, јајцата и шеќерот, додадете го стасаниот квасец и замесете меко и лепливо тесто. Јас го матев со миксер, со маталките за тесто. Тестото треба подолго време да се меси, некои 10-15 минути или додека да почнат да се прават балони од воздух во тестото. Покријте со крпа и оставете да стасува на топло место додека волуменот видно се зголеми (околу 1 и 1/2 час).

Модлата за куглоф убаво премачкајте ја со путер и лесно набрашнете ја. На дното од модлата, во секоја вдлабнатина ставете по еден бадем. Откако тестото стасало, додадете го сувото грозје и повторно измесете го но овој пат само кратко. Префрлете го во модлата, покријте со крпа и оставете да стаса по втор пат. Тестото треба да нарасне барем до два прста под работ од модлата. Печете на 185 степени во претходно загреана рерна, околу 40-45 минути. Направете проба со чепкалка за да видите дали е печено. Откако се испекло, оставете во модлата да отстои некои 10 минути па потоа префрлете го во тањир за послужување. Одозгора наросете го со шеќер во прав.

Напомена

Кугловот не е многу благ, не е како вообичаениот што си го знаеме, а тестото е многу, многу меко. Се служи како појадок со додаток на мармалад.

 


Енсаимадас - Мајорканско вртено пециво

23.06.2018

Кој бил на Мајорка сигурно  сигурно го пробал ова традиционално пециво кое најчесто се полни со „Ангелска коса“ - вид на мармалад од тикви. Најдобро е да се спремаат од вечер а се печат наутро, таман за појадок :)

 

Состојки

  •  500гр. брашно
  • 75гр. шеќер
  • 1/2 лажиче сол
  • 40гр. свеж квасец
  • 200мл. топло млеко
  • 2 лажици маслиново масло
  • 2 јајца
  • 200гр. свинска маст
  • по желба мармалад, чоколаден крем, цимет....

Подготовка

Квасецот растворете го во млекото, додадете малку шеќер и 1 лажица брашно. Измешајте убаво и оставете да стаса.

Во еден длабок сад ставете го брашното, шеќерот, солта, маслото и јајцата, па додадете стасаниот квасец. Замесете меко тесто кое треба малку да се лепи за рацете. Ако ви се чини дека е премеко, додадете малку брашно, но не претерувајте. Убаво измесете го тестото и вратете го во садот, покријте со крпа и оставете да стасува додека да го дуплира волуменот.

Премесете го само кратко и поделете го на осум топчиња. Покријте ги со крпа и оставете да одморат околу 15 минути. На намастена површина земете едно топче и со сукало развлечете го во овална форма. Внимателно со прстите извлечете колку можете потенка кора. Премачкајте убаво со омекнатата свинска маст и по желба ставете полнеж. Јас половината ги направив со домашен мармалад од јагоди а останатите празни. Заролајте ја кората и оставете на страна да одмори. Истото повторете го со останатите топчиња тесто.

Премачкајте два плеха со маслиново масло. Земајте од зароланите кори и формирајте полжавчиња во плеховите, но внимавајте при спиралното оформување да оставите малку простор меѓу редовите бидејќи нараснуваат доста и за да добиете убаво оформени енсаимадас :).

Откако сте завршиле со оформувањето, покријте ги со крпа и оставете 10-12 часа да стасуваат. Најдобро е навечер да ги спремите и наутро само ставете ги да се печат, и имате топол вкусен оброк :).

Се печат во загреана рерна на 200 степени првите 5 минути, а потоа намалете ја температурата на 180 и оставете да се допечат. Кога се готови, веднаш посипете ги обилно со шеќер во прав и послужете ги топли.

Енсаимадас имаат тенка крцкава кора, а внатре тестото е е пре-премеко.

Пробајте и уживајте во вкусот!